Прејди на содржината

Грчките офицери се жалат оти во Македонија се примени злонамерно

Од Wikibooks

Грчките офицери се жалат оти во Македонија се примени злонамерно

Што се однесува до трошоците, тие за 45 дена, колку што приближно траела обиколката, читаме дека потрошиле сума од четиристотини лири! Но, имале уште дополнителни триста, во случај на потреба. Став на офицерите е дека организацијата на борбата против Македонците-егзархисти треба да се потпира, главно, врз сили на платеници-патријаршисти. Оружје, муниција и лири за гореспоменатите и одредени елитни единици од Грција како помош, е конечниот официјален предлог што ќе го потпишат Кондулис, Папулас и Колокотронис.

Но, да му дадеме повторно збор на Лакис Пирзас за да го видиме неславниот крај на оваа мисија. Пред да го потпишат извештајот Папулас и Панос (Колокотронис), првиот му напиша (тајно) писмо на Сапунѕакис (началник на штабот) дека не е можно да се работи во Македонија, дека насекаде има предавници итн. Бидејќи Папулас нема силно перо, грешките му ги поправаше Г. Панос и му диктираше повеќе работи. А, пак, Г. Панос му напиша (и тој тајно) писмо на тогашниот министер Левидис. Пирзас ја знае сета таа комедија, која ќе доведе до итно отповикување на офицерите во Атина. Кондулис во неговите подоцнежни мемоари (1926) што се наоѓаат во архивата на С. Драгумис, забележува дека на 8 мај кога пристигнал во Атина, тој го посетил старецот Стефанос Драгумис, кој го информирал еден од другарите (офицери) напишал во Атина дека нема полош народ од Македонците, дека се наоѓаме меѓу предавници, дека н¢ примија злонамерно итн., итн.

За да нема какво било сомневање, Драгумис му покажал препис од писмото на Колокотронис, кое пристигнало преку Левидис до премиерот Теотокис. Исто така, му кажал дека уште едно слично писмо од Папулас пристигнало преку Сапунѕакис до престолонаследникот Констандинос.

На 24 мај самиот Теотокис му го покажал на Кондулис извештајот што му го поднесоа господата Папулас и Колокотронис, според кој Македонците не би примиле оружје за одбрана итн. Дури се дознало дека двајцата офицери го потпишале извештајот на Кондулис поради потребата да се избегне двобој на туѓа почва.

На крајот, двобојот што не се беше случил во Македонија се остварил на 28 мај во Атина меѓу Мелас и Колокотронис. Мелас бил задоволен од обидот за уништување на своите национални соништа, ранувајќи го полесно Колокотронис во бутот.

Трагичната иронија е во тоа што гледиштето на Папулас-Колокотронис, кои го сметаа за залуден секој обид за потпирање врз домородните Македонци за остварување на планираната грчка антимакедонска борба, во наредните години станала официјална политика. А, пак, Павлос Мелас е првиот што го реализира планот на спротивставените офицери, односно дека борбата во Македонија за повторно враќање на егзархистите во Патријаршијата треба, главно, да се потпира врз воени единици, испратени од Грција под водство на грчки воени лица.

ОДГОВОРНИОТ БАРА ОТПОВИКУВАЊЕ

Скуртис (Кондулис), одговорен за комплетирање на единицата од четворица офицери, внесени за разузнавачка дејност во Македонија, кон крајот на април испраќа итна порака до Конзулатот во Битола, во која пишува:

Еднодушноста меѓу членовите на нашата мисија е нарушена, така што од натамошните заеднички дејства, веројатно, ќе произлезе штета. Потребно е да бидам отповикан во Атина. Молам да се погрижите за моето отповикување, ако е можно, телеграфски.