Прејди на содржината

Грција не верува дека месното население може да работи за нејзините интереси

Од Wikibooks

Грција не верува дека месното население може да работи за нејзините интереси

Во сабота на 20 март грчката единица се наоѓа во Оштима. Мелас се обидува да научи малку македонски, за да им зборува на жителите и да ги поткупи. Научив, пишува тој, и неколку македонски збора, што им ги кажувам на жените и особено на мајките (...) една паричка ваму, едно шеќерче таму, едно добро зборче, едно бакневче на децата, ги привлекува веднаш родителите.

Од Оштима, Мелас пишува со страв од револуционерот Јанков од селото Загоричани. Според кажаното од Мелас, Јанков ја има отруено свеста на жителите од регионот со учењето дека Македонците се една посебна целина од сите други нации.

Нивната следна станица, на 21 март е селото Желево, бастион на патријаршистите во зоната Преспа-Корешта. Во Желево единицата се разделува. Една група со Папулас, болен од настинка, и со Колокотронис останува таму, а втората група со Кондулис, Мелас, Перакис, Каудис, Пирзас, Кота и со уште осум други негови луѓе заминуваат вечерта на 21 кон 22 март за селото Оровник, кај селото Вердок (Мала Преспа).

Во Оровник, групата останува два дена и се сретнува со селани од околните села. На Велики понеделник (22 март) пристигнува еден старец полјак, смрдлив, мизерен, полулуд, парталко, агент на грчкиот заменик-конзул во Битола, Јон Драгумис. Тој им го носи на офицерите следново шифрирано писмо: Турската амбасада, кога дозна за присуството на господата Мелас и Кондулис во околните места на Костур, почна со презентирање. За да се разбијат сомнежите на Турците сметавме за потребно да се врати привремено барем господинот Мелас. Групата се враќа на 24 март во Желево и на Велики четврток (25 март) Мелас заминува за Битола и оттаму преку Солун во Грција.

Тука е можно значајно сведочењето на Г. Диконимос (подоцна познат како капетан (војвода н.з. Макрис). Тој не информира дека пред да замине Мелас, во Желево се одржал совет на офицерите за да предложат мерки до грчката влада. Кондулис и Мелас доаѓаат до заклучокот дека бунтовничките чети на Македонците и егзархијата можат да бидат спречени со платенички групи што ќе бидат формирани во Македонија. Но Папулас и Колокотронис не веруваат дека месните луѓе, па дури и за злато, би можеле суштински да работат за грчките интереси. Напротив, тие го тврдат она што конечно ќе се случи во наредните години, односно да дојдат силни воени единици од Грција за да нанесат удар. Но Макрис дава и уште една карактеристична информација. Групата на Кота ќе се расцепи поради неговото преминување во служба на грчката држава. Десет негови борци си одат кај Митрето Влаот. Неговите (на Кота) луѓе, кои останаа во Македонија, штом ги видоа офицерите, го напуштија, тврдејќи дека тие не можат да работат со Грците.

Офицерите (освен Мелас, кој заминал за Грција) и нивните придружници заминуваат од Желево на 29 март, вториот ден Велигден. Со ноќно пешачење тие, со помош на платени месни водичи, ги посетуваат македонските села Нерет, Лагино, Сребрено и албанските села Белкамени, Неговани и Лехово. Во Лехово остануваат приближно десет дена и одблизу го запознаваат блискиот соработник на митрополитот Каравангелис и на Турците, војводата Вангелис. Лакис Пирзас во врска со тоа се сеќава: Офицерите зборуваа доста со Вангелис. Вангелис им рече дека е готов да се стави под наредбите на офицерите, односно да оди со нив или да остане како водич на турската војска.

Од Лехово тие заминуваат во грчкото село Богацко, каде што Кондулис го составува извештајот до грчката влада, со заклучоците на офицерите од нивната обиколка во западна Македонија. Овој извештај со датум 16.4.1904 година останува необјавен и до ден-денес. Негов примерок се наоѓа во архивата на Стефанос Драгумис во Генадиос библиотеката, од каде што препишуваме одредени интересни извадоци. Со споменатиот војвода Вангелис, за овој херој македономах на грчките историчари, читаме дека тој, како осуденик во затворот во Халкида, избегал оттаму иако требало да прележи уште десет години затворска казна и дека смогнал да стане познат поради својата соработка со турската војска. Дознаваме, исто така, дека офицерите му предложиле соработка по слободен избор да ги продолжи своите односи, ако сака, со Турците, а до Владата да се достави предлог да му се даде помилување за остатокот од неговата казна.

За минатото на Кота дознаваме дека, кога порано бил со бунтовниците на ВМРО, храбро се борел против турскиот аскер, без разлика на православни и расколнички, со став за едно христијанско братство и за единствена Македонија. Но по неговото поткупување од Каравангелис и уште по додатното плаќање од страна на грчките офицери, со месечна плата не помала од десет отомански лири, тој го менува мислењето и тврди дека најважното од се е повторното враќање на расколниците во православието. Во извештајот станува збор уште и за македонскиот револуционер Јанков, на кој се повикува и Мелас. И така, грчките офицери ја информираат својата влада дека Јанков им оставил одличен впечаток и сите го споменуваат неговото име со почит. Тој со својата поука ја култивирал македонската свест без разлика на родот и успеа на Македонците да им ги зацрта генералните идеи за автономија.