Прејди на содржината

Грција не верува дека бунтот ќе го спречи преку своите агенти

Од Wikibooks

Грција не верува дека бунтот ќе го спречи преку своите агенти

Следниот ден, на 26 јули, Кипреос одговара на телеграмата од грчката влада. Тој не верува дека е можно спречување на бунтовниците преку нашите агенти. Известува дека при секоја можност и помагаме на турската власт за задушување на движењето и се прашува дали е потребно, со ризик, се разбира, да се загуби и минимум преостанатото од грчкото влијание врз православното население, да го прогониме заеднички со Турците нашето (патријаршисти) население, кое се дигна против нив. А го информира Министерството дека ги има потрошено соодветните средства, дури и оние што се наменети за просвета. Сепак, најбитната констатација на Кипреос е дека целата таа земја (од тогашните граници на бугарската држава до гркофонската зона јужно од Костур) му се приклучи на движењето, со исклучок на влахофоните и на албанофоните од паланките, чиешто заземање сега е цел на бунтовниците за да се неутрализира нивната реакција.

И продолжува, нагласувајќи дека востанатото население сега е убедено дека се бори за своето ослободување и ништо не може сега да ги запре неговите револуционерни убедувања. И признава на крајот уште дека влахофоните и албанофоните се благонаклонети кон движењето. За бунтовничката состојба што се создала, исто така, особено е интересен извештајот на британскиот генерален конзул во Битола Питер Џејмс Мекгрегор до британскиот генерален конзул во Солун Роберт В. Крејвс, на 21.7.1903 година.

Невозможно е, пишува во овој момент да се пресмета процентот на селското население што ги напушти селата, делумно или целосно, и се повлече во планините почитувајќи го повикот од неделата, но би требало да ги има повеќе илјади. Во бунтовничкиот логор не се само егзархисти Македонци, но и патријаршисти и Власи, кои досега се сметаа за верни припадници на грчката пропаганда. И малку понатаму дава информации за востанието во реонот на Леринско и на Костурско. Валијата ме информира дека христијанските села во реонот околу Буф и Лерин, како Росна, Заб’рдени, Арменско, Баница, Хасаново се напуштени, а тоа се случува и во реонот на Корешта меѓу Преспанско и Костурско Езеро, каде што останаа само деца и возрасни луѓе.

Обратното броење за бунтовниците почнува во среда, на 30 јули, со паѓањето на градот Крушово, престолнината на Илинден. Грчкиот конзулат во Битола дознава за настанот по три дена. Крушово е заземено и опљачкано од војската, како што се зборува, читаме во рапорт од 2 август. Дека Крушово е опљачкано тоа е сигурно затоа што војници и башибозуци овде и во Прилеп донесоа и продаваат разноразни работи, облека и прибор и разни дијамантски украси.

Од истиот документ дознаваме, исто така, за уништувањето на патријаршиското македонско село Раково. Вчеравечер дојдоа од Раково околу 130 жени и деца и се пожалија зошто да го опожарат нивното село, кога мажите се во туѓина во Америка и сите тие се невини. Неверојатната суровост на антиреволуционерното насилство ја опишува Јон Драгумис во својот извештај од тие денови. Војниците, пишува тој, при средба со селаните ги убиваат и ги разголуваат, а прогонувајќи ги бунтовниците ги опљачкуваат и ги горат селата, ги колат сите мажи и жени што ќе ги најдат таму.

Во својот извештај до грчката влада конзулот Кипреос појаснува дека не се прави никаква разлика меѓу нашите (патријаршиски) и расколничките (егзархиски) села, кога се работи за опожарување и за ограбување.

Освен конзуларните извештаи и телеграмите, во досиејата на конзулатот во Битола се наоѓаат извештаи за развојот на востанието (особено за неговото задушување), напишани од туркофилскиот и експониран противник на востанието митрополитот костурски Германос Каравангелис. Каравангелис ги излага настаните со длабока омраза спрема бунтовниците, кои ги карактеризира како варварски елемент, псевдоослободители, малодушни убијци, волци, кучиња, злосторници, човеколики изроди.

За востанието н¢ известува дека во Костурската околија било прогласено на 21 јули. Цел на бунтовниците биле: муслиманското село Жервени, влашката паланка Клисура и влашкото село Невеска. Опсадата на првото од споменатите села беше решена со помош на војската, а другите две за неколку дена ги зазедоа бунтовниците.

Отоманската војска, под команда на Хусни паша, набрзо помина во контраофанзива. На 23 јули закла 30 селани во самиот град Костур. На 24 по завршувањето на опсадата на Жервени, враќајќи се во градот, тој поминува низ селото Шестеово и запалува 15 куќи. На 31 јули тој излегува и го запалува големото село Дамбени (Д’мбени).

На 4 август ги напаѓа истовремено селата Жупаништа и Косинец и ги уништува. Во нападот на второто од овие села учествува соработникот на Каравангелис и на Турците, војводата Вангелис Стрембениотис со својот одред и со платениците од Крит.

Петнаесет дена по избувнувањето на востанието, состојбата во Костур, според кажаното од Каравангелис, е следнава: од селата никој не смее да дојде во Костур од страв, од една страна од комитетот, кој строго под смртна закана го забрани доаѓањето, а од друга од војската на Костур, која изврши многу убиства на селани во градот. Пред една ваква ненормална состојба, која дури не е можно да си ја претстави некој, бунтовниците спокојни беснеат низ планините, а, пак, војската се ограничи само на опожарувања и на колежи независно од родот и од вероисповедта.

Во овој свој прв извештај митрополитот костурски известува дека укажал на потребата од препознавање на православните од расколниците, штом е рамнодушен или, подобро речено, се радувал за колежот на егзархистите Македонци и побарал дури од главниот воен командант енергично прогонување на бандите. На крајот во постскриптум ги бара задоцнетите пари, зашто премногу се испотрошил во својата борба против проклетиот комитет.