Прејди на содржината

Грците го пресметаа ризикот на востанието

Од Wikibooks

Грците го пресметаа ризикот на востанието

Појаснувачки одговор ни дава уште еден извештај на конзулот во Битола Киузес Пезас до грчкиот премиер (јануари 1902 година).

Во Битола на должност е назначен нов валија, Едип-паша. Грчкиот конзул ја известува грчката влада за неговата средба со новиот валија и за се што разговарале. Од тоа што напишал произлегува дека постои наредба од големиот везир до Генералната администрација во Битола за тесна соработка со грчкиот конзулат за спречување на бунтовниците.

Таа наредба попусто ја барал Едип-паша, како што недвосмислено ме увери, пишува Пезас, а за жал, до денес, не добил ниту некаква понова наредба по овој предмет, иако кралската амбасада со своето доверливо писмо под бројот 1.195 од 28 декември минатата година ми соопшти и мене дека големиот везир ветил дека ќе испрати недвосмислена наредба од новиот генерален администратор. И така, Пезас предлага да се побара од грчкиот амбасадор во Истанбул повторно да го праша големиот визир дали да му даде таков налог на новиот валија во Битола. Ако го потсетуваме, забележа тој, големиот везир преку кралската амбасада за реализација на ова ветување, многу ќе се олеснеше мојата позиција, затоа што се што правам денес неофицијално и поради заемна учтивост со валијата, ќе имаше форма на насушна должност за двете страни и потребна послушност на наредбите на нашите влади. Поради тоа молам повторно да се направи итно потребното посетување кај големиот везир. Пезас, сепак, го информира валијата за движењето на бунтовниците, доставувајќи му ја секоја информација што тој ја собрал преку своите агенти.

Во сообразност, вели, со упатствата што ми се дадени со Вашето писмо број 3.040 од 14 декември минатата година јас го известив Едип-паша во рамките на моите овластувања за голем број информации, кои сметам дека е излишно да ги наведам овде, и му обрнав внимание за многу точки. Забележа се и ми вети дека многу бргу ќе дејствува соодветно.

Во продолжение Пезас му објаснува на валијата зошто Грците толку многу ги сакаат Турците и се интересираат за доброто на империјата.

Не испуштив, пишува тој, да му ја објаснам на Едип-паша солидарноста на грчко-турските интереси во Македонија, убедувајќи го да сфати дека ние, заради нашиот национален интегритет, сме заинтересирани како никој друг народ за мирот и за благосостојбата на Турција, како земја што го опфаќа во своите граници најголемиот дел од нашиот народ. Турците треба непоколебливо да се убедат дека ние искрено сакаме да соработуваме со нив, затоа што заканувачката опасност исто толку ни се заканува и нам. Природно е, му реков, да се интересираме за судбината на нашите сонародници во Македонија и да се беспокоиме за тоа што се случува во неа, затоа што како соседи не можеме, без да се грижиме за заштитата и на нашиот дом, бидејќи е познато дека ако се опожари вашиот дом, огнот ќе го зафати и нашиот крај него.

Наспроти сето тоа, опасноста од револуцијата е очевидна и најлошото за грчкиот конзулат е дека патријаршиското население пристапува кон револуционерното движење.

Веќе нема никакво сомнение дека сите расколници сега ги прифаќаат револуционерните идеи на комитетот, но жално е што и мнозинството славофони, склони кон грцизмот, ги прифатија, помалку или повеќе, овие идеи поради лошата турска администрација од една страна, но и поради теророт што го предизвикаа четите од друга, наспроти сите наши реакции и совети. Иако секако се повоздржани од расколниците, тие сепак ги примаат четниците во своите домови без никакво соодветно соопштение. Впрочем, агентите на комитетот се однесуваат кон нив со голема вештина и ги оставаат да се помират со своите расколнички браќа и да ја поддржат нивната борба во полза на христијаните, воопшто, без да се стремат кон разликување расколници и православни.

Крајниот заклучок на Пезас е дека во ваква ситуација подобро е востанието да избувне предвремено, за да може полесно и да се задуши.

Почна постепено да ми се создава мислење, пишува тој, дека дотаму до каде што се стигнати работите можеби е во наш интерес колку што е можно порано да избувне организираното револуционерно движење ако претстои тоа да донесе промена на режимот, затоа што неговото лесно задушување без некоја друга последица, само по себе, ќе ги освести Македонците и, во секој случај, ќе биде од полза за нашава борба.

Востанието почнува организирано попладнето во неделата на 20 јули 1903 година. Масовното учество на населението во неговата подготовка, нормално, датумот на неговиот почеток ќе го направи заедничка тајна