Прејди на содржината

Второ писмо од П. Р. Славејков - Февруари 1874

Од Wikibooks

Февруари 1874

Писмо од П. Р. Славејков,

До Бугарскиот Егзарх,

Ваше Преосвештенство,

Пред два дена Ви испратив писмо преку доверлив човек во кое накратко ви ја опишав состојбата во Солун и Македонија во врска со неразумното движење за обновување на Охридската Архиепископија во унија со Римокатоличката Црква. Откако се сретнав со неколку месни старешини, разбрав дека насекаде и нашироко се водат разговори имено да се создаде во Македонија Унијатска Црква.

Од доверливи извори дознав дека се чека само на хиротонијата на отец Харитон, за да се почне со акција. Додека да им пристигне благослов од Папата за објавување на Унијатска Охридска Архиепископија, епископите и нивните епархии ќе бидат составен дела на Унијатската црква во Едрене. Тогаш отец Натанаил ќе биде назначен за Охридски Архиепископ, а за епархиите ќе бидат назначени: отец Панарет за Пелагониската епархија, брат Козма Пречистенски за Дебарската епархија, отец Нил Изворов за Солунската епархија и отец Доротеј за Скопската епархија. Другите епархии, за кои нема предложено кандидати, привремено ќе бидат раководени од соседните епископи. Отец Нил ќе биде епископ Солунски, Кукушки и Воденски. Отец Харитон, после неговото хиротонисување ќе стане епископ на Сереската и Мелничката епархија. Отец Дионисиј, како архимандрит, привремено ќе раководи со Струмичката епархија.

Мојот личен впечаток, Ваше Преосвештенство, е дека никој тука не бара вистинска унија со Римокатоличката Црква. Тие само бараат начин да ја возобноват Охридската Архиепископија. Католиците исто го чувствуваат тоа, и затоа немаат голема доверба во луѓето со кои преговараат. Затоа не мислам дека е предоцна да се преземе акција и да се сузбие, а потоа и целосно уништи тоа движење.

Унијатското движење е поопасно во местата каде што порано имало Унија, од сличните причини. Кукуш доаѓа на прво место, по него е Дојран со симпатии од Струмица, Малешево и Воден. Солун, Серез, Мелник и Драмските села се зад нив. Нема голема унијатска пропаганда, ама каде што има чад, мора да има и оган. Назначувањето на отец Нил се чека за да избувне пламенот. Полјанската епархија веднаш ќе влезе во Унија, а Струмичката и Воденската епархија ќе и’ се придружат, како и голем број села од Солунско, Драмско и Сереско, и од други епархии. Другите Македонски епархии исто ќе се приклучат, прво Велешката, а потоа и Скопската епархија. Велешката епархија е исто незадоволна од нивниот епископ Дамаскин, а во исто време граѓаните на Велес, гладни за власт, веруваат дека тие треба да ја владеат Македонија во верските работи.

Причините за ваквата состојба во цела Македонија се многу очигледни. Македонските епархии и градови што веќе ги спомнав се многу огорчени од сериозната состојба во Црквата и од луѓето што им се назначени за свештеници. За ширењето на идејата за возобновување на Охридската Архиепископија врз основа на Унија исто е потпомогната од француските и австриските конзули, кои им ветуваат целосна заштита пред турските власти и од прогонот на Цариградската Патријаршија.

Грците индиректно му помагаат на ширењето на Унијата во Македонија, очекувајќи Егзархијата да ослабне од Унијата, и така да си најдат сојузници во ликвидирањето на Католичката пропаганда во Македонија. Тоа го заклучив од разговорите со грчкиот конзул во Солун. Тој ни најмалку не беше загрижен од ширењето на Унијата во Македонија. Напротив, Грција бара подршка за нивните економски и национални активности во Македонија. Според мислењето на грчкиот конзул, делот од луѓето што нема да ја прифатат Унијата, разочарани од Егзархијата, ќе си останат под јурисдикција на Патријаршијата. Во разговорите што ги водев, не случајно приврзаниците и следбениците на Унијата спомнаа дека „Македонското прашање“ може да се реши само преку Унија. За целосно да го искористат незадоволството и огорченоста на народот против Егзархијата, тие ги засилуваат нивните напади против Егзархијата. Зборуваат за Македонското прашање врз основа на верското прашање, но во исто време ги разгоруваат старите сепаратистички огнови меѓу Македонците – да создадат нов етнички регион преку Унијата – во духот на реформите на Мидхат-Паша.

Како што Римокатоличките агенти ја изработија културната и национална програма за унијата во 1860 година за ослободување на Бугарите од Патријаршијата, тие сега излегуваат со дефинирана програма за духовно и национално ослободување на Македонските епархии преку Унијата.

Македонските активисти веќе нашироко го користат изразот: Македонско национално движење во нивниот јазик, под што подразбираат независност, национално и црковно ослободување. На ова мора силно да му се обрне внимание, Ваше Преосвештенство, ова е многу важна работа од политички карактер, сепаратизмот се шири од верска накај поширока национална основа.

После разговорите што ги имав со отец Петар Димов, добив впечаток дека тој полека се откажа од намерата да се приклучи на Унијата. Денеска тој официјално ја одби Унијата и Ви испрати писмо, за да ви ја искаже лојалноста на Егзархијата. Исто разговарав и со отец Аврекиј. Тој ми рече дека и тој ќе се откаже од движењето ако назаначувањата на Егзархиски епископи се завршат до есента. Мојот однос кон овие двајца црковни достоинсвтеници беше умерен и пријателски, зашто каква било репресивна мерка само ќе ги разбунтува духовите.

Ваше духовно чедо,

П. Р. Славејков