Прејди на содржината

Втората балканска војна

Од Wikibooks

Во оваа меѓусојузничка балканска војна, која започнала на 17 јуни 1913 година, Србија ангажирала 10 пешадиски и една коњаничка дивизија со вкупно 350.000 луѓе, а Црна Гора учествувала со една дивизија од 12.000 војници, додека Грција располагала со 11 пешадиски диви-дивизии и со една коњаничка дивизија со вкупно 230.000 души.-Бугарската страна учествувала со 13 дивизии, 287 баталјони, 186 батерии и 48 ескадрони, или со вкупно 500.000 луѓе

Балканските војни покрај поделбата на Македонија предизвикале бројни економски” политички и демографски трагични последици што македонскиот народ трајно ќе ги чувствува. Во Првата балканска војна учествувале околу 100.000 Македонци, не земајќи ја предвид помошта од целото население што им ја укажувало на сојузниците. Можеби оваа бројка е преголема, но ако се знае дека постоеле самоформирани македонски единици, како што биле оние на Јане Сандански, четите на ВМРО, четите на МВК, Доброволниот полк, Ополченските дружини, Српските месни одреди и чети, селските чети, месната милиција, четите и дружините формирани од македонската емиграција и сите други Македонци мобилизирани самоволно или насилно во српската, бугарската и грчката војска, тогаш бројката од 100.000 луѓе веројатно ќе биде надмината.

Трагедијата е во тоа што во официјалните документи тие никаде не биле евидентирани како Македонци, па ниту меѓу загинатите. Се смета дека во Првата балканска војна загинале неколку десетици илјади Македонци, а неколку стотици илјади Македонци емигрирале од Македонија поради теророт што го доживувале и од турската и од ослободителните - од српската, од бугарската и од грчката војска. Општата политичка положба во освоените земји не станала подобра, туку полоша, отколку под Турците.

Според Карнегиевата анкетна комисија формирана со цел да ги испита ѕверствата извршени во Македонија во време на Балканските војни, градовите Воден, Негуш, Бер, Ениџе Вардар биле претворени во урнатини. Во Солунското Поле нашле група од околу 10.000 луѓе во импровизирани настрешници што едвај го одржувале својот живот. Карнегиевата анкетна комисија според официјалните податоци на бугарската Влада, констатирала дека во Бугарија како последица на Балканските војни имало 111.560 бегалци од Македонија. Грчката влада регистрирала 156.659 бегалци, турската влада регистрирала 135.000 бегалци. Покрај тоа, Карнегиевата комисија забележала дека при повлекувањето турската војска изгорела 170 села во Македонија. Куќи и цели села ограбувале и изгорувале и сојузничките војски. Грчката војска во јуни 1913 година го изгорела градот Кукуш, во Серез запалила 4.000 куќи. Во Кукушката околија биле изгорени 39 македонски села. Слично било во Солун, во Струмица, во Горна Џумаја, во Вардарскиот дел на Македонија. Всушност, настрадала цела Македонија, територијата, народот, економијата, со некои последици, веројатно, од траен карактер.