Војводата Коте загина, предаден од другарите

Од Wikibooks

Војводата Коте загина, предаден од другарите

Наредната вечер, тие престојуваат во македонското село Рулја, родното место на Коте. Перакис и Макрис отворено го обвинуваат Кота дека тој не се држи до своето ветување што им го дал на грчките офицери оти ќе го гони Влаот. Кота наспроти оправдувањата и умилкувањата не успева да им го смени мислењето. Но, тој успева да го убеди третиот Криќанец, Тимиос Касудис, па овој застана на негова страна и им се спротивстави на своите земјаци. На крајот Перакис и Макрис си заминуваат разјарени, а со себе ги земаат и четниците на Вангелис. Истата вечер тие одат во Желево, каде што ќе го најдат Павло Киру и нему ќе му раскажат за случајот. Со водич овој последниов заминува од Корешта и преку Белкамени пристигнува во манастирот „Св. Никола“ во Чирилово, источно од Костур.

Бандитите на Вангелис на враќање во своите засолништа дознаваат за лошите вести, односно за смртта на нивниот водач. Нивниот челник Вангелис Стребрениотис, платеникот на Каравангелис и водач на турските единици за прогон, на враќање од Битола, каде што бил отиден за да го ослободи од затвор (со посредство на валијата) Стерјос Волиотис, паднал во заседа на македонските востаници на Алекса Турунџев, близу до селото Љубетино. Вангелис и Стериос биле убиени таму на 13 мај.

Со Кота во Рулја остануваат неговите борци: Семос Стојан, Димитрис Далипис, Василис Цилес и Каудис. Еден ден, кон крајот на мај, во Корешта од Костур пристигнува синот на Далипис, мало дете, и £ пренесува скришум на својата мајка една порака на живот и смрт од митрополитот костурски. Таа оди кај својот сопруг и има таен разговор со него и со Симо. Непосредно во наредните денови Симос и Далипис го известуваат индиректно Каудис што побргу да замине, затоа што постои опасност да биде убиен од Цилес. Каудис бега во Габреш и оттаму братот на Далипис го води во манастирот „Св. Никола“ кај Сливени.

А, таму, во Рулја, Симос и Далипис му ја соопштуваат на Кота својата одлука да заминат привремено и да си одат во Атина. Кота им го зема оружјето и тие заминуваат облечени во селска облека. Го среќаваат Каудис и заедно пристигнуваат во село Костараца каде што ги наоѓаат Перакис и Дикономис. Таму последниве за првпат слушнале од Симос се што било речено на средбата на Митре Влаот со Кота. На 27 мај, грчкиот конзул во Битола, добива едно енигматско, речиси необјасниво писмо од Каравангелис во врска со Кота. По налог на Министерството за надворешни работи, Калиергис побарал Митрополитот да му даде, преку своите агенти, пари на Кота, а за сметка на грчката Влада. Митрополитот одговара дека му дал доволно во текот на две и пол години, дека Кота сега живее разочаран и не сака да работи, дека размислува да го замени со Симо и дека конечно, можеби, ќе треба и да се најде под штик.

Калергис прибира информации со цел да го објасни пресвртот на Каравангелис против Кота. Костурскиот банкар Цакалис го информира дека Митрополитот истура лутина против Кота што овој последниов се наоѓа во преговори со Колетис.

Колетис порано служел како заменик-управител во Костурско и бил, како и Каравангелис, кадар на отоманската власт. Митрополитот дознал за комуникацијата на Кота со Колетис и бил убеден дека неговите врски со грчката Влада ќе бидат предадени, како и неодамнешните случувања поврзани со испраќањето на единицата на грчките офицери. За да ја докаже својата приврзаност спрема Високата порта, а за да ги оправда трите турски ордени, што ги добил за две години за својата антимакедонска дејност, се решил да го предаде Кота. Така, Каравангелис им соопштил на Турците дека располага со информации за неговото скривалиште и понудил да им даде, според него, доверлив човек кој ќе ги однесе за да го уапсат.

Во зората на 9 јуни 1904 година, Коте преноќува во својот дом во Рулја. Заедно со него се Василис Цилис (единствен од неговите стари приврзаници) и уште двајца луѓе Костас Миловесис, кој се крие од судот за убиството во Корча, и Лазарос Кизас од Псодери. Турскиот одред за прогони, пристигнува од Костур, испратен од Каравангелис, и ги фаќа на спиење. Водач на одредот е пријателот и соборец на Кота, желевецот Павлос Киру!

Кота го префрлуваат едноподруго во затворите во Костур, во Корча и во Битола. Каравангелис му предлага да го ослободи од затвор со замена тој да влезе во служба на Турците како водач (калауз) на турските одреди за прогон. Кота не се согласува и конечно ќе се најде на бесилка на 27 септември 1905 година.

Еве, ова е вистинската историја за апсењето на Кота, којашто оттогаш се обидуваат да ја скријат грчките историчари. Бандитите македономахи (борци за Македонија, н.з.) Симос, Далипис и Киру, под раководство на митрополитот костурски, им го предале својот другар на Турците.