Прејди на содржината

ВО ПРВИТЕ БОРБЕНИ РЕДОВИ

Од Wikibooks

Покрај Козјачкиот и Прекувардарскиот одред, во пролетта 1913 година започнало формирањето на Доброволниот полк. Причината за неговото формирање е отфрлувањето на Српско-бугарската спогодба од 13 март 1912 година, со која била договорена поделбата на Македонија на спорна и неспорна зона, како и воспоставувањето нови граници. Со создавањето на државата Албанија, на Србија и’ бил оневозможен излез на Јадранското Море, па таа барала можност да се прошири на територијата на Македонија и да излезе на Егејското Море.

Масовната мобилизација на македонското население во бугарската војска и префрлувањето на македонските доброволни дружини (баталјони) од Тракискиот на Македонскиот фронт биле силен мотив српската влада на окупираната територија на Македонија да изврши присилна мобилизација на македонското население. На тој начин биле формирани четири таканаречени крстосувачки одделенија, под команда на командантот на граничните единици. Од овие одделенија, две дејствувале на левата страна на реката Вардар, а две од десната страна, меѓу Кавадарци и Гевгелија. Последниве две крстосувачки одделенија го формирале Вардарскиот одред, со кој командувал Василие Трбиќ. Во реонот на Кратово-Овче Поле-Кочани бил формиран Крстосувачкиот одред на Јован Бабунски.

Слично како бугарската, и српската влада ги мобилизирала Македонците од својата окупациона зона и ги концентрирала во првите редови. На тој начин, Македонците се нашле во првите редови на српската и на бугарската војска, а тие војувале за поделбата на Македонија. Со оглед на тоа што според Хашките конвенции окупаторите немале право да го мобилизираат окупираното население, македонските единици биле наречени Доброволен полк, односно Ополченски дружини. Присилната мобилизација била спроведувана под изговор за запишување на доброволци.

Формирањето на Доброволниот полк било извршено на иницијатива на началникот на штабот на Врховната команда, војводата Путник и со одобрување на Владата. На 16 мај 1913 година војводата Ратомир Путник наредил: 1. да се создадат четири баталјони со седишта: првиот баталјон во Свети Николе, вториот во Приштина, третиот во Гевгелија и четвртиот во Неготино. Пополнувањето на овие баталјони требало да се изврши со месно население од соодветните реони, а командниот кадар да го обезбедат граничните команди. Покрај христијаните, можеле да се мобилизираат Турци и Арнаути, и тоа оние што имале служено војска и кои би ги задржале чиновите од турската војска. Сите доброволци требало да положат заклетва на верност на врховниот командант на српската војска, Н. В. Кралот Петар И по одредбите на соодветната вера. Сите мобилизирани биле обезбедени со униформа, со оружје и со храна. За секои 10 доброволци од месни извори бил обезбедуван по еден коњ за пренос на товар.