ВМЕШУВАЊЕТО НА ГОЛЕМИТЕ СИЛИ

Од Wikibooks
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Големите сили решиле да ја прекинат Втората балканска, односно меѓусојузничката војна, особено поради насилствата што ги вршеле сите војски врз недолжното цивилно македонско население. Русија поддржувана од Франција, на 9 јули им се обратила на владите на балканските земји итно да ја прекинат војната и да дојдат во Петроград за да потпишат мир со посредување на Русија. Потоа, Русија предлагала границата меѓу Србија и Бугарија да биде повлечена по вододелницата меѓу Струма и Вардар, така што Штип да и’ остане на Србија; Грција да се поврзе со Србија кај Гевгелија и границата да продолжи до реката Струма, зафаќајки го Серез.

Предлогот на Русија го прифатила само Бугарија и тоа само принципиелно, за да се прекине војната, да се изврши демобилизација и во Петроград да започнат преговорите. Истовремено апелирала до Русија да направи си’ што може Штип, Кочани и Серез да и’ припаднат на Бугарија. Грција сметала дека сојузниците имаат право и должност да ја продолжат војната си’ додека ситуацијата не се расчисти на бојното поле. Примирјето го прифаќала само ако Бугарија ги отстапи бараните територии и ако се согласи да им плаќа воена оштета. Српската влада изјавила дека не сака да ја понижи Бугарија, но сметала дека е неопходно да и’ се одземе можноста со која и понатаму може да биде опасна по мирот на Балканот, и поради тоа Србија”енергично ќе ја продолжи воената акција.

Бугарскиот цар Фердинанд на 16 јули 1913 година упатил молба до романскиот крал Карол да ја прекине војната. Во тоа време, романската војска се приближувала кон Софија. Кралот Карол изјавил дека не може да потпише сепаратен мир со Бугарија, односно дека треба претходно Србија и Грција да ги прекинат воените дејства и да дадат изјава дека се подготвени да потпишат примирје со бугарската влада. На 18 јули 1913 година во Скопје се состанале претседателот на српската влада Никола Пашиќ и претседателот на грчката влада Елефтериос Венизелос и се согласиле во следното: дека војната треба да ја завршат што побрзо и тоа со непосредни преговори со Бугарија; Романија, која барала исправки на границата во Добруџа, треба да се повика на преговорите за прелиминарниот мир; од интерес е за двете страни Турција да не се меша во меѓусојузничката војна; поделбата на територијата морала да дава гаранција за траен мир на Балканот и Бугарија мора да плати воена отштета.

Било решено српските, грчките, романските и црногорските ополномоштеници да се состанат во Ниш, веднаш штом Бугарија ќе ги одреди своите претставници. Веднаш потоа, Пашиќ упатил циркуларно писмо до сите заинтересирани дека Србија и Грција сакаат да склучат мир, но чекаат Бугарија непосредно да им се обрати ако навистина сака мир.