Б) Етничките промени во Егејска Македонија и проблемот на иселувањето на Македонците

Од Wikibooks

б) Етничките промени во Егејска Македонија и проблемот на иселувањето на Македонците

Во врска со прашањето за етничките промени, степенот на оствареност на националните права на македонскиот народ во Егејска Македонија и обидите за реализирање на стремежите за обединување, постои бројна домашна и странска изворна документиација, посебно за периодот на Втората светска војна и по неа. За утврдување на бројната состојба на македонското население во првите години на војната, партизанските повереници во 1941/42 година спроведоа анкета, според која националната структура на населението во Егејска Македонија изгледала вака: 72,2% Македонци, Грци, доселени од Турција 21,1% или вкупно 195.395 Македонци.<Државни архив Секретаријаа за иностраних послова (ДАСИП), Београд, фасц. 98.> Секако, бројната состојба на македонското население е значително поголема од изнесената, но треба да се согледаат и специфичните услови под кои е спроведена анкетата на партизанските повереници од 1941/42 година.

Гледано по околии и окрузи во Егејска Македонија, според истава спроведена анкета и попис, етничката состојба изгледала вака: Леринскиот округ - Македонци 76,9%, Грци и други 15,9%, Воденскиот - Македонци 54,8%, Грци и други 49,9%..., или вкупно 195.395 Македонци.<Исто таму...> Овие податоци се идентични со објавените во весникот “Ризоспастис” од 13. 01. 1946 год., според кој во Егејска Македонија живеат 180.000 Македонци во 200 села, а во Лерин 80% Македонци и во костур 70% Македонци.<В. “Ризоспастис” - орган на КП на Грција, 13. 01. 1946.>

Поранешна Југославија и нејзиното државно партиско раководство делумно, а во одделни временски периоди и воопшто не воделе сметка зa остварувањето и заштита на националните права на Македонците во Егејска и Пиринска Македонија и во делот под Албанија, а за обиди за некакво нивно обединување воопшто и не станувало збор. Едвард Кардељ, како раководител на секторот за сите меѓународни преговори и договори на Југославија по Втората светска војна, не покажа никаква активност за поставување на македонското национално прашање, а камо ли да се застапува за негово решавање. Тоа што Моша пијаде на Париската мировна конференција го покрена прашањето за положбата на Македонците во соседните земји повеќе е резултат на неговата самоиницијатива, отколку на генералниот став на југословенската делегација. Положбата и правата на Македонците во Егејска Македонија на Париската мировна конференција не беа поставени како посебен национален проблем, туку само во склоп на југословенско-грчките и југословенско-бугарските територијални разграничувања и макар што тогаш во составот на делегацијата на поранешна Југославија од НР Македонија учествуваа и двајца македонски претставници: Димитар Влахов, како член, и Благоја Хаџипанзов - како советник.

Со цел да го изменат етничкиот состав во Егејска Македонија, непосредно по Втората светска војна, грчките власти пристапија кон терор, прогони и физичко истребување на македонското население. носител и организатор на овие прогони беше официјалната грчка власт. Така, дел од македонското население е убиено, а голем дел за да го спаси својот живот, било принудено да ги напушти своите огништа и да пребегне во Југославија, Бугарија и во други еворпски и прекуокеански земји.

Според француски официјални извори, Македонци од Егејска Македонија пребегнати во Југославија имало вкупно 35.000 од кои 25.000 на територијата на НР Македонија, додека “комунистичкото движење во Грција и емиграцијата од Егејска Македонија продолжува и населението се прогонува подолго време во годините од 1944 до 1949 година, до затворањето на македонската граница на југословенска страна во средината на 1949 година...”.<Archives diplomatique... Nantes, Fond, Etat General des fonds, serie, Скопје, vol. 16.> предмет: Македонците од Егејска Македонија во Југославија, 20 април 1953 година. Првата емиграција настана во октомври 1944 година кога, според француски сознанија, 5.000 македонски партизани преминаа во Македонија, а втората во декември 1944 година и продолжи понатаму. Се' до 1949 година постојано пребегнуваа Македонци на територијаа на НР Македонија.<Исто таму... vol. 16.>

Македонците од егејскиот дел на Македонија беа сместувани низ цела Македонија и главно околу градовите во внатрешноста на земјата, а пред се' во позначајните градски центри во Скопје и околината 1800 лица, Т. Велес 3.500, Штип 2.500, Радовиш 2.000, Кочани 1.650, Тетово 2.000, Крушево 6.500.<Исто таму...> Центрите за прифаќање и сместување не ги сместуваа бегалците во близина на границата од оправдани причини, така што во пограничните градови сосема е мал бројот на сместените бегалци, на пример во Битола имало само 300, во Охрид 100, во Гевгелија 200, во Струмица 200, во Гостивар 500, итн.<Исто таму...> Сите Македонци бегалци од егејскиот дел, според француски проценки, го изгубиле правото на грчко државјанство, а се стекнале од југословенските власти со југословенски документи. Што се однесува до сместувањето и положбата, во француската документација се нагласува дека тие живеат многу тешко, а многу од нив се без работа и многу ретко нивните семејства не не се собрани заедно туку, напротив, се раздвоени, живеејќи едните во Југославија а другите останаа во Грција. Всушност, најголемиот дел од Македонците бегалци живееја со надеж дека еден ден ќе се вратат во Грција, но за жал барањата за одобрување за нивното враќање дефинитивно се забранети од грчките власти. Во документацијата се наведува дека Македонците бегалци од Егејска Македонија во НР Македонија формирале здружение на Македонците од Егејска Македонија на чело со Наум Пејов и го издаваат месечното списание “Глас на Егејците”.<Исто таму... сигн. 16.>

Во извештајот на францускиот амбасадор во Грција Де Во Сен Кир под наслов “Надворешната политика на Грција” упатен до француската влада, се нагласува дека “надворешната политика на Грција сега е многу сложена... односите на Грција во Велика Британија имаат исклучително значење, бидејќи Грција е окупирана од британските трупи... Владата (грчка - м.б.) лично настојува англиската армија да не ја напушта земјата толку бргу”.<Исто таму... Nantes, Fond, Athenes, serie Б, vol. 50.> - Извештај на францускиот амбасадор во Атина Де Во Сен Кир, предмет: Надворешна политика на Грција.> Истиов француски дипломатски претставник ги анализира состојбата и причините за доаѓањето на Американците во Грција кон крајот на 1946 година, “откако Цалдарис побара американска помош во декември 1946 година, а особено по ветената помош на Грција од претседателот Труман во својот говор од 12 март 1947 година Грција дефинитивно премина под американско влијание. Со тоа, таа (Грција - б.м.) зазеде официјален став за САД против Русија во судирот во кој се' повеќе и повеќе го подели светот на два табора.. овие околности беа фатални за Грција која се реши за вакво решение... од оваа земја бројни политички личности жалат за ова решение... и Цалдарис жали што неговата држава не е во добри односи со нејзините северни соседи и што Грција не станала врска меѓу Исток и Запад... што грчкиот народ од 7,5 милиони жители загуби затоа што се спротивстави на една словенска маса од 250.000 (се мисли на македонскиот народ во Грција - б.м.)... треба да се додаде дека Русите во однос на Грција водеа една невешта политика и низ бројни грешки ја фрлија Грција најпрвин во прегратките на Англичаните, а потоа на Американците...”.<Исто таму... vol. 50 - Извештај на Де Во Сен Кир од 30 април 1947 година, предмет: Меѓународната ситуација во Грција по говорот на претседателот Труман.>

Со американското присуство во Грција, наместо да се подобри, осетно се влошува политичко-економската состојба во Грција, што предизвика незадоволство сред демократските сили и реакција на политичкото Биро на ЦК на КПГ во летото 1947 година. “американската доминација создаде ужасна ситуација за Северна Грција со трагични последици за населението во Македонија и Тракија. Спроведените затворања на масите, тортурите, исчезнувањата на затворениците од локалната безбедност, напуштањето на своите домови од стотици илјади селани кои пребегнаа во побезбедни места... уништувањето на економијата... се работи кои ја карактеризираат ситуацијата што денес владее во Македонија и Тракија..., оваа крвава оргија во Северна Грција не беше позната дури ни во времето на јаничарите, организирана е од Владата (грчката - б.м.) и нејзините претставници од Солун..., народот од Македонија и Тракија треба да се бори против американскаа доминација...”.<Исто таму... сигн. 27.>

Несигурноста кај населението, предизвикана од прогоните и теророт, придонесе да се забрза и омасови процесот на напуштање на земјата. Со основна цел да се спречи оваа состојба е формирана специјална комисија при Обединетите Нации за Балканот. Така, според извештајот на оваа специјална комисија од 13 мај 1949 година, бројот на бегалците од Грција изнесувал 552.000 лица од кои 232.000 од Македонија. Покрај тоа, оваа специјална комисија се осврнува и на официјалните известија на грчката влада според кои “грчката влада штотуку објави еден извештај од 30 ноември во кој изнесува и признава дека од Грција има 486.925 бегалци”.<Archives diplomatique... Paris, serie, Commission speciale des Naations unis pour les Balkans, vol. 201.>

Процесот на иселувањето не беше сопрен ниту по завршувањето на Граѓанската војна во Грција, што говори дека причините за тоа не се состоеја само во воената состојба, туку и во политичките и економско-социјалните мотиви за напуштање на земјата, а посебно во однесувањето на грчките власти. Така, само од Македонија и Западна Тракија при крајот 1955/56 година 17.000 лица ја напуштија Грција од кои 15.000 заминаа во САД и 2.000 во Австралија. “македонската емиграција од Западна Македонија..., Македонците од Костур, Лерин и Кожани, заминуваа во САД, Канада и Австралија..., тие основаа свои колонии..., сиромаштијата во земјата природно придонесе за заминувањето во странство”.<Archives diplomatique... Nantes... Fond, Etat General des fonds, serie, Скопје, vol. 9> - Македонската емиграција од Западна Македонија, 27 декември 1956 година.> Треба да се забележи дека и Граѓанската војна во Грција, покрај социјално-економските мотиви, во голема мера придонесоа иселување од Северна Грција “без надеж” за враќање, како што се истакнува во француската официјална документација.