Прејди на содржината

Британски документи за Македонија (1994-1945), телеграма 83

Од Wikibooks

ПИСМО ОД РАЛФ СТИВЕНСОН, АМБАСАДОР НА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ВО ЈУГОСЛАВИЈА ДО АНТОНИ ИДН, МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА

Број 44 БРИТАНСКА АМБАСАДА

БЕЛГРАД

13април1945.

Господине,

Имам чест да ве известам дека двајца членови од мојот персонал неодамна имаа долг разговор со господин Емануел Чучков, министер за Македонија. Господин Чучков беше многу непосреден и расположен да ги даде сите можни информации.

2. Тој го почна разговорот со укажувањето за важноста сојузниците да ја разберат ситуацијата во Македонија и да сфатат дека Македонците се сметаат себеси за посебен народ. Што тој мислел со оваа изјава не е јасно. Но подоцна нагласил дека Македонија е многу задоволна со нејзиниот федерален статус во рамките на југословенската држава и објасни дека федералната идеја не е нова за Македонците кој претходно претпоставувале да добијат степен на автономија како федерална единица во јужнословенската федерација. Од се она што го истакнал произлегува дека Македонците имаат многу конкретни идеи за степенот на автономијата кој произлегува од нивниот сегашен федерален статус. Во внатрешните работи, се чини, дека тие сметаат да делуваат скоро наполно независно од остатокот на југословенската држава.Од други изјави, кои јас неодамна ги слушнав од познати Југословени, се чини дека е можно овие тенденции спрема прекумерна независност на делот на Македонија да предизвика голема загриженост кај централната влада.

3. Запрашан за новите административни области кои неодамна се формирани во Македонија, господин Чучков истакна дека тој не е експерт за тоа прашање но дека по негово мислење таа поделба во основа е иста како онаа од пред 1941. Тие, како што истакна тој, сега се подобрени и под еден административен центар се вклучени сите села и области кои се граничат географски со тој центар. Пред 1941 поделбите беа неограничени и производите на една област кои беа наменети за еден град често беа вклучувани во административната област на друга. Тоа водеше кон неефикасност и им причинуваше на селаните големи тешкотии. Границата меѓу Македонија и Србија е историска т.е. линијата која оди од исток на запад баш северно од Куманово и јужно од Качаник. Кон овој извештај приложувам прилог список и карта на новите административни области во Македонија.

4. Господин Чучков потоа зборуваше за земјоделството. Тој истакна дека пред 1941. се направени обиди за унапредување на житарството во Македонија. Меѓутоа почвата не беше добра за тоа. Настојувањата на македонската влада во иднина се насочени кон одгледување на ориз, сусам, афион, тутун кои можат полесно да се одгледуваат. Македонија никогаш немала многу фабрики, но цел на македонската влада е да го помогне ова и да ги зголеми индустриските претпријатија за производство на производи кои ќе се произведуваат во рамките на македонските граници. Главните индустриски претпријатија пред војната, (како што беа Алатин и рудникот за хром Радуша и оловните рудници близу Штип) не претрпеа големи штети и се повеќе или помалку спремни да ја продолжат работата.

5. Што се однесува до реконструкцијата, федералната влада на Македонија непосредно по евакуацијата на Германците, по нејзина иницијатива, се пристапи кон поправка на железничката пруга и патиштата. Оваа реконструкција се финансираше од македонската влада без помош од централната влада. Главно тоа беше предизвикано од фактот што динарот немаше вредност во Македонија и така кај централната влада се уште се наоѓаат парите за реконструкција во Македонија. Тој верува дека сите патишта се скоро поправени и железничката пруга од Белград до Велес е отворена. Од Велес до Ѓевѓелија, Германците целосно ја уништија железничката пруга за време на нивното повлекување и ќе биде потребно извесно време додека истата се поправи. железничката пруга кон грчката граница преку Битола, по негово мислење, набрзо ќе биде подготвена за сообраќај.

6. Запрашан дали српските колонисти ќе можат слободно да се вратат во Македонија, тој одговори травијално дека сите Југословени, природно, ќе бидат слободни да дојдат во Македонија ако тие сакаат. Меѓутоа, што се однесува до службениците, тој истакна дека прашањето дали тие ќе се вратат на нивните стари работи зависи од македонската влада, а не од централната влада. Македонската влада посакува што е можно побрзо местата на службениците да ги пополни со Македонци со тоа што ќе покаже дека има луѓе да ги пополнат местата. Според тоа изгледа неверојатно македонските власти да изразат спремност да ги вратат старите службеници. На пример пред 1943. полицијата беше скоро целата српска и полициските шефови беа Срби. Сега милицијата е македонска и природно и шефот на милицијата да биде Македонец.

7. Што се однесува до распределбата на земјата, тој нагласи дека пред 1941. им беше многу лесно на Србите да купуваат земја во Македонија, а како резултат на тоа Македонците за кои купувањето земја не беше лесно беа истерани од најплодните делови на земјата. Тој навести дека колку што е можно побрзо ќе се направи распределба на земјата во корист на Македонците и дека српските колонисти, ако е можно ќе бидат вратени во Србија. Триесет проценти од Банат беше сопственост и обработуван од Германците и овде густината на населението беше 9 на км обработлива земја, додека во Македонија беше 350. Тој е на мислење дека Србите од Македонија би можеле да бидат преселени на местата на Германците во Банат.

8. Тој потоа зборуваше за црквата. Истакна дека пред војната еден од главните обиди за србизирање на Македонците се правеше преку тој медиум. Скоро сите свештеници беа Срби и тоа беше многу непопуларно кај Македонците кои беа крајно националистички расположени и ќе признаат само црква управувана од нив самите со македонски свештеници. Тој верува дека солуцијата лежи во федерална југословенска црква. Бидејќи претходната православна црква беше српска црква со пипала во Македонија, Босна и други делови од Југославија, тој се надева да види одделни православни цркви во секоја од федералните единици од кои секоја по ред ќе биде верна на централната југословенска патријаршија. Во случај таквото решение да не биде санкционирано од православната црква, тој смета дека македонската црква ќе биде принудена да се однесува шизматички како што бугарската црква се однесуваше околу седумдесет години. Тој притоа го нападна митрополитот Јосиф од Скопје кој, истакна, за време на војната бил соработник на Трбиќ, четнички водач во Македонија, и континуирано беше против партизаните. Тој го смета него за подлизурко кој е неспособен да биде избран за заменик на митрополитот Гаврил на кого сите му се восхитуваат. Митрополитот Јосиф, исто така е Србин и иако тоа може да биде само внатрешна работа на православната црква, самиот се нарекува митрополит на Скопје и тој ја зголеми лутината иа сите Македонци кога неодамна замина за Москва во тоа својство привидно претставувајќи ја македонската црква. Тој потенцира дека Македонското црковно собрание испрати поздрави до Светиот Синод чиј авторитет тие го признаваат, но не и на митрополитот Јосиф. Изгледа дека неодамнешната посета на митрополитот на Москва беше причина да се отфрли македонското барање за посебна црква.

9. Неодамнешните избори претставуваат голем успех и предизвикаа широк интерес. Во речиси сите области преку 90% од избирачите гласале. Тој верува дека на сите над 21, освен оние обвинети за колаборација, им било дозволено да гласаат и на оние под таа година кои учествуваа во Југословенската армија на националното ослободување. Кандидатите биле избирани слободно, од народот и како пример ни наведе град од 10.000 жители. Тој може да биде поделен во четири реони секој од по пет улици. Секоја улица на јавен собир избира два члена, а потоа се држи собир на реонот на кој сите оние кои имаат нешто против кандидатите го изнесуваат и кандидатот се исклучува. Сите оние кои ќе поминат како кандидати се истакнуваат за избори кои се вршат со тајно гласање. Немаше убедувања ниту од полицијата или од армијата за време на изборите.

10. Опозицијата на сегашниот режим во Македонија е мала. Проблемот со четниците никогаш не бил сериозен и неколку кои се бореа во Македонија одамна заминаа северно во Србија. Албанските банди кои едно време беа многу сериозна опасност беа само разбојници чија цел беше да профитираат од општото безредие. Во време кога Германците се повлекуваа непристрасно ги нападнаа и Германците и партизаните. Тие скоро сите заминаа - некои заминаа на север со Германците, а другите избегаа по планините на Косово.

11. Во Македонија сега работи судот на националната чест, но тој не е запознат со поединости. Тој истакна дека бројот на македонските цивили, егзекутирани за злочини за време на војната и по ослободувањето е мал и се движи околу седумдесет, Главните злочини се: материјална и културна соработка, шпионирање, информирање и т.н. Тој истакна дека неодамна четворица биле осудени на смрт поради шпекулации. Природно, по колапсот на Германците, еден дел од противниците биле фатени со оружје и биле стрелани на лице место. Спомена група од околу четириесет Албанци фатени во близината на Скопје.

12. Македонија нема проблеми со Албанија и тој мисли нема да се поставува прашањето за промена на границите.

13. Што се однесува до Бугарите тој е без став. Меѓутоа во време на колапсот на Југославија во 1941. македонскиот народ кој долго време се бореше за автономија виде дека шансите за добивање на надворешна помош со тоа се намалија. Поради тоа тие ги пречекаа Бугарите и се надеваа дека тие имаат намера да формираат независна Македонија. Некои Македонци сакаа да бидат под бугарска доминација. Но кога нивните надежи за независност беа изиграни, Бугарите станаа се повеќе и повеќе непопуларни и многу македонски патриоти, како него, заминаа во шума.


14. Запрашан за Грција, тој истакна дека Македонците како дел од југословенската федерација немаат одделни надворешни односи. Македонците сфатија дека основната задача во тој момент е да се порази непријателот и да не дозволат други размислувања да се појават меѓу нив и крајот. Од тие причини тие не сакаат да ги вознемируваат на било кој начин сојузниците и се решени да не предизвикуваат неприлики со мешање во грчките работи. Меѓутоа, тој додаде дека 70% од населението на грчка Македонија се Македонци и дека со нив се постапува лошо. Тој е свесен дека има многу проблеми кои треба да се решат со Грците но тие треба да почекаат да се решат по војната.

15. Испраќам копии од ова писмо до Резидентот министер во Казерта, до амбасадорот на Неговото Височество во Атина и до политичките претставници на Неговото височество во Софија и Дебрецен.

Ралф Скрин Стивенсон

Прилог

Административната поделба на Македонија Со одлука на Антифашистичкото собрание за национално ослободување на Македонија, објавено на 13 февруари 1945, Македонија е поделена во административна смисла на осум окрузи како што следува:

(1) Скопје, кој се состои од областа Тетово, Гостивар и Ростуше.

(2).Куманово, кој се состои од областа Куманово, Кратово и Крива Паланка.

(3) Штип, кој се состои од областа Штип, Кочани, Царево Село и Радовиш.

(4) Струмица, кој се состои од областа Струмица, Берово, Валандово и Ѓевѓелија.

(5) Велес, кој се состои од областа Велес, Св. Николе, Неготино и Кавадарци.

(6) Прилеп, кој се состои од областа Прилеп, Брод, Крушево и Кичево.

(7) Битола, кој се состои од областа Битола, Ресен и Мариово.

(8) Охрид, кој се состои од областа Охрид, Струга, и Дебар.

FО 371/48183 НР 00297 R 7478/11/67