Прејди на содржината

Британски документи за Македонија (1994-1945), телеграма 56

Од Wikibooks

ТЕЛЕГРАМА ОД ФИЦРОЈ МАКЛИЈН, ШЕФ НА БРИТАНСКАТА ВОЕНА МИСИЈА ВО ЈУГОСЛАВИЈА, ДО ФОРИН ОФИС

Британска воена мисија

Белград

Оваа телеграма е проследена до: Генерал полковник ХАРДИНГ, ЦБ, ДСО, МЦ, AFHQ, Британскиот резидент министер во КАЗЕРТА, Сер Орме САРЏЕНТ, КЦМГ, ЦБ.

ФОРИН ОФИС

БРИТАНСКА ВОЕНА МИСИЈА

БЕЛГРАД

Бр. 4. 21 јануари

Во врска со мојата телеграма Бр. 1.од 6 јануари, во однос на Македонија, би можело да биде од интерес да се потсетиме на следните индикативни секвенции од текот на настаните во југословенска, бугарска и грчка Македонија во светлината на нивното инкорпорирање во новата македонска федерална единица на Југославија.

2. На 18 ноември грчката македонска бригада ја одржа својата основачка церемонија во Битола со извиците "Дајте ни право да живееме во рамките на федеративна Југославија". Југословенските партизански лидери, се чини, прават обиди да го ублажат народниот ентузијазам и Пасанко, претставник на Македонскиот национално ослободителен фронт, ги потсети присутните дека "тоа е деликатно дипломатско прашање во кое соработката на нашите сојузници Англија, Русија и Америка е примарно".

3. Грчката македонска бригада изгледа дека е формирана делумно од бегалци, жители на Бугарија и делумно од поранешни приврзаници на Е.А.М. кои не се согласуваат со политиката на ЕАМ спрема малцинствата.Керемитчиев, политички повереник на новата бригада го обвини ЕАМ за давање заштита на одделни елементи кои одбиваат да им ги дадат на грчките Македонци нивните културни права и формирање на нивна сопствена воена формација. ЕАМ, тој додаде на крајот, даде инструкции да се разоружаат Македонците. За да го избегнат тоа тие ја преминаа границата и дојдоа во Југославија.

4. Таму на нив, веројатно, им се придружија доброволци регрутирани од македонските бегалци кои дотогаш живееја во Бугарија. Југословенските извори истакнуваат дека има околу 700.000 од овие бегалци во Бугарија. Голем број од нив беа разменети како резултат на договорот направен по последната војна за размена на населението на Балканот. Југословенскиот партизански весник Нова Македонија од 14 ноември 1944. го дава следниот коментар за нивното сегашно држање: "Овие македонски бегалци сфаќаат дека независноста и ослободувањето на грчкиот дел на Македонија зависи не малку од нивното директно учество во операциите против германскиот фашизам. Поради тоа се формирани комитети во секое село и град во Бугарија каде живеат Македонците. Треба да се очекува дека одгласот на доброволците ќе поприми големи размери и ќе ги вклучи сите оние способни да носат оружје и сите едници ќе бидат формирани само од бегалци".

5. На 3 декември се одржа друг состанок во Битола за да се избере "Политичка комисија која ќе ја предводи борбата на македонскиот народ во грчка Македонија". Комисијата го назначи Филип Велков како нејзин претставник во Президиумот на АСНОМ (т.е. антифашистичко собрание за национално ослободување на Македонија) и ГШ ЈАНО за Македонија. На Второто заседание на АСНОМ одржано кон крајот на декември Велков ис-такнал: "На нас Македонците од Егејска Македонија ни претстои голема борба за да го реализираме долгогодишниот идеал на нашиот народ, ослободувањето на нашиот дел од Македонија кој се уште е под туѓинско ропство". На истото заседание на АСНОМ Атанас Атанасовски, зборувајќи во името на бугарските Македонци, потврди дека: "Целото население од Пиринска Македонија го очекува среќниот час кога ние ќе бидеме вклучени со нашите браќа во Македонија, во Титова демократска федерална Југославија".

6. Овие барања за обединување меѓу македонското население од Југославија, Бугарија и Грција веќе беше навестено неколку недели претходно од авторитативни југословенски партизански лидери, како генерал Ѓилас, генерал Темпо и Димитар Влахов. Иако некои од најкатегоричните барања беа дадени во пламенот на говорите, вредно е да се одбележат, истражувајќи ја кариерата на најискусните од овие политичари Влахов, симптомите на постојаните цели и принципи кои ја детерминираат нивната политика.

7. Димитар Влахов е роден во Килкис во грчка Македонија во 1878. и бил член на правата В.М.Р.О. уште во1903., соработувајќи непосредно со познатиот македонски лидер Гоце Делчев. Во 1908. тој беше избран за пратеник во Турскиот парламент како претставник на Народната федерална партија, чија цел беше по уставен пат да се дојде до автономија на Македонија. Во 1917. по анектирањето на Македонија од страна на Бугарија, Влахов стана управник на Приштинската област и по Големата војна ја вршеше должноста Бугарски генерален конзул, прво во Одеса, а потоа во Виена. Во 1924. го потпиша Манифестот на Александров, Протогеров, кој се обиде да ги смири спротивставените водачи на ВМРО, поради што беше отповикан од бугарската влада. Несогласувајќи се со терористичките методи на ВМРО, кое во тој период потпадна под големо влијание на Иван Михајлов и дегенерира во пион на бугарските и италијанските планови за разбивање на Балканот, Влахов формира своја организација Обединета ВМРО во 1925. и ги изложи своите идеи во неговата позната книга "Балканска Федерација". Влахов не беше свртен ниту кон Бугарија, ниту кон Југославија (која тогаш водеше политика на крут централизам) туку кон Советскиот Сојуз, со чија помош тој се надеваше да постигне обединување на јужно словенските народи каде Македонија би формирала одделна, автономна федерална единица. Иако Влахов и понатаму продолжи да се залага за ненасилнички методи за остварување на своите цели, неговата организација престана да постои по преземањето на власта во Бугарија од владата на Воената лига во Бугарија во 1934, при што нејзините членови беа осудени на долги временски казни под обвинение за вооружено востание. Самиот Влахов се насели во Москва во 1936. и се чини дека остана таму се до враќањето во Југославија (кога им се придружи на партизаните).

Внимателните читатели можеа да забележат еден друг поглед на неговата активност во Москва од една статија во новиот партизански весник, кој пишуваше дека Влахов "живеел во Москва каде работел неуморно во Меѓународниот Аграрен Институт" -последната фраза беше замена за избришаниот, но и се уште читлив збор "Коминтерна".

8. Иако енергичноста со која властите ја загушија желбата на некои од нивните трупи да се упатат кон Солун (види ја мојата телеграма бр. 63 од 16 јануари) и го потврдува многу пати повторуваното Титово уверување дека тој нема намера да презема предвремена акција во однос на македонскиот проблем, постои причина да се претпостави дека негова намера е правовремено да ги обедини македонските провинции на Грција и Бугарија кон југословенска Македонија и дека тој проект го има одобрувањето од Советскиот Сојуз. Д-р. Смодлака истакна дека бугарската влада (без сомневање под притисок од Москва) веќе се согласила да ја отстапи бугарска Македонија (види ја мојата телеграма бр. 88 од 21 јануари). Грчкиот став во однос на овој проблем мора да го гледаме како помалку сигурен и во секој случај ќе зависи од составот на грчката влада, иако, како што може да се види од мо јата телеграма Бр. 2 од 7 декември, дури ЕАМ се чини не се покажа доволно одговорна во однос на ова прашање како што сакаше Тито. Меѓутоа, тешко е да се види како Грција, каков и да е нејзиниот став, ќе се спротивстави на желбите во оваа работа, за еден голем и силен јужно словенски блок под советско туторство.

Маклин

Бригадир

FО 371/48181 НР 00297 R 2302/11/67

(Белешки)

Ова е уште поинтересен дел од историскиот развој на македонското прашање.

Да се отпечати и копира до Вашингтон, Москва, Софија и Атина; се одн/есува/ на 2107/11/67.

Џ.М. Адис

18 февруари