Британски документи за Македонија (1994-1945), телеграма 39
ИЗВЕШТАЈ НА ФИЦРОЈ МАКЛИН, ШЕФ НА БРИТАНСКАТА ВОЕНА МИСИЈА ВО ЈУГОСЛАВИЈА, ДО ФОРИН ОФИС
БРИТАНСКА ВОЕНА МИСИЈА
БЕЛГРАД
Доставувам извештај за Македонија.
Бригадир
Маклин
Генерал полковник ХАРДИНГ, ЦБ, ДСО, МЦ., - AFHQ.
Британскиот министер резидент, Казерта.
Сер Орме САРЏГЕНТ, КЦМГ, ЦБ.,
ФОРИН ОФИС
Воздухопловниот Вице маршал ЕЛИОТ (ЦБ, ВБЕ, ДФЦ.,Б.А.Ф.)
Извештај бр. 1.
1. Откако помина извесно време по напуштањето на Македонија од страна на окупаторите, може да се направи обид да се процени степенот до кој партизаните успеаја да ја остварат нивната политика во формирањето на македонската федерална единица. И покрај тоа што партизаните донекаде се наклонети да го сметаат проблемот како "решен" со самото прокламирање на македонската автономија, јасно е дека вистинското решение може да се постигне преку долг процес на образование, административна и економска реконструкција.
2. Тие се повикувааат на одлуките донесени на Второто заседание на АВНОЈ во Јајце во 1943. со кој сметаат дека и е даде на целосна автономија на Македонија. Со таа одлука Македонија доби еднаков статус во секој поглед како Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија во нова федерална Македонија. Првиот чекор кон практичното реализирање на оваа автономија беше формирањето на Антифашистичкото собрание на Македонија (АСНОМ) како претставничка федерална власт.
3. Се чини, меѓутоа, дека ќе има голема разлика во одлуката за автономија која партизаните имаат намера да ја дозволат во различни сфери од македонскиот национален живот. Во културата Македонија ќе добие моментална и целосна автономија; во политичките и административните работи толку автономија колку што може да се поднесе; во економскиот живот постојат мали знаци на автономија и навистина може да се воведе спротивна политика од контролата на централната држава.
4. Македонската културна автономија веднаш го најде својот израз во официјалното стимулирање дадено на "македонскиот јазик". Неговото постоење досега беше негирано и се сметаше за српски или бугарски дијалект според националните предрасуди на спротивставените филологисти. "Нова Македонија" и други книги сега секојдневно се печатат на македонски јазик и посебно место им е дадено на македонските поеми и песни.
5. Особени напори се прават за школување и развој на на-јзаостанатите делови од населението. Антифашистичкиот фронт на жените, се известува, добил поддршка од македонските жени и, за да се привлече заостанатото турско малцинство свечено е прославен Бајрам со масовно собирање во Скопје и со континуиран публицитет во печатот.
6. Правото на политичка и административна автономија се применува многу срамежливо. Како прво, тоа право без сомнение е општо признато од другите народи на Југославија, особено од Србите кај кои се уште е присутно уверувањето дека не постои Македонија, но само "Јужна Србија". Значајна потврда за ова е неодамнешната статија објавена во "Борба" во која се критикува состанокот на воспитувачите во Ниш кои се согласија со изјавата дадена од еден говорник во насока дека Македонија е "само дел од Голема Србија". Статијата понатаму обвинува дека на друг состанок на Антифашистичкиот фронт на жените, исто така одржан во Ниш, на еден делегат од Македонија му беше одбиено правото да зборува на својот јазик.
7. Ако Србите се бавни во признавањето на правото на Македонците како еднакви партнери во југословенската држава, Македонците од нивна страна не се брзи во простувањето на неоамнешната експлоататорска хегемонија. Пред војната Македонија се сметаше за колонија - еден вид јужно - словенски Сибир - во кој беа прогонувани корумпираните, неспособни или непослушни граѓански лица. Нивната задача во Македонија беше што помалку да ја подобрат положбата на населението, отколку пропаганда за големата српска идеја. Во моментот Македонците треба да воведат нивна администрација. Иако локалната власт во лицето на системот на комитети или "одбор" го намалува бројот на потребните службеници. Се чини дека недостигот на искусни македонски граѓански лица ќе се чувствува извесно време.
8. Можеби уште поогорчени од македонскиот народ од старите власти се српските колонисти населени со владин подарок на македонската земја. Големосрпскиот поглед на овие колонисти, заедно со економските привилегии што ги имаа тие, беа причина за нетрпеливоста меѓу македонското население. Дека таа нетрпеливост се уште не е исчезната, интимно беше потврдена од отец Влада Зечевиќ, повереник за внатрешни работи во Националниот комитет кој неодамна се врати од посета на Македонија. Отец Зечевиќ истакна дека во тек е прераспределба на земјата со што, тој се надева, ќе се задоволат потребите на сиромашното македонско селанство без целосно да им биде одземена на српските доселеници и неизбежно дава повод за некои случаи на лична одговорност.
9. Во меѓувреме економската ситуација во Македонија останува несредена како што известив со бр. 791 од 29 декември цитирајќи го извештајот што го примив од мојата мисија: "Економската ситуација овде е лоша, пред се поради недостигот од транспорт и неефикасност. Има доволно храна во Македонија но акутен е проблемот со транспортот. Претходното можеби е причина за изборите на новиот министерски совет на АСНОМ кој ќе се одржи на 28 декември". Непосредните импликации од автономијата на економско поле, поради тоа, не можат да се сметаат како дефинитивни. И покрај прилагодувањето на односите меѓу српските доселеници и сиромашните македонски селани се чини, без сомнение, дека партизаните ќе се обидат да го прошират тој закон. Секако, посебниот карактер на македонската економија сугерира спротивна тенденција кон српскиот централизам. Како додаток кон одгледувањето опиум и памук, и двете со голема потенцијална вредност ако умно се унапредуваат од државата, главен македонски производ е тутунот. Тој го обезбедува главниот приход на државата која го купува преку монополите од производителите со фиксирани ниски цени. Меѓутоа, државата не учествува во организирањето или унапредувањето на одгледувањето со што селаните би можеле да добијат голема помош преку совети на експерти за методите на одгледување, за моделите на плантажи, финансиска помош, кооперација и т.н. Помошта на државата на оваа основа може да се очекува да донесе многу поголеми економски резултати. Ако Југославија, контролирана од партизаните, има намера да преземе било каков успешен експеримент во земјоделската колективизација, тоа би било најдобро на тутунските полиња на Македонија.
10. Дека патот на македонската автономија се уште се соочува со трнливи проблеми, како во сферата на внатрешните и надворешните работи, се гледа и од одлуката на маршал Тито, веќе доставена до вас со телеграма, да го испрати Кардељ, неговата десна рака, на Второто заседание на АСНОМ кое се одржа на 28 декември 1944. Во неговиот говор до заседанието, Кардељ им ја честита на Македонците новоизвојуваната автономија но ги предупреди да не станат "опиени од успехот". Нивните непријатели, истакна тој, се уште се активни и независноста на малите држави постојано е загрозена. "Вниманието е уште повеќе потребно што за несреќа го покажува секојдневното искуство дека официјалните ветувања да не се интервенира во внатрешните работи на другите земји"- овде Кардељ направи прикриена референција за настаните во Грција - "во практика се сметаат само како парче хартија". Македонските непријатели, продолжи тој, се "Голема Бугарија, Голема Албанија, Голема Србија и грчкиот шовинизам" и нивните поддржувачи од надвор. Иста опасност имаат спротивните тенденции спрема сепаратизмот. Македонија може да напредува само, заклучи Кардељ, во рамките на новата федерална демократска Југославија.
11. Слични убедувања беа изразени и од други говорници на заседанието, посебно од генерал Темпо-Вукмановиќ, кој истакнал: "Ние ја извојувавме победата на воено поле и сега мора да ја добиеме на политичко поле. Опасноста која се заканува да ги уништи придобивките на нашата голема победа лежат во напорите кои се прават "да оживее шовинизмот и сепаратизмот". Темпо продолжил со нагласувањето на потребата од слободни и демократски избори со тајно гласање и потврди: "Ние не се плашевме да му дадеме на народот оружје - уште помалку се плашиме да му дадеме да гласа". На тој начин официјалната линија која беше заземена од страна на главните партизански говорници беше избегнување на било какви територијални барања или предлози за било каква евентуална јужнословенска федерација и афирмација на мирољубива и современа политика со целосна демократија. Овие внимателни укажувања се во спротивност со жестоките полемики и дури со жестоките територијални барања искажани од генерал Темпо и д-р Влахов во ноември за кој предмет по инструкции од Форин офис јас вложив остар протест до маршал Тито.
12. Од ова и од многуте разговори што јас ги имав со него по предметот Македонија не треба да се сомнева дека Тито сосема ја разбира деликатната природа на внатрешните и надворешните проблеми со кои се соочува и има индикации дека во сегашниот момент во секој случај тој има намера да постапува внимателно. Какви планови има тој (или можеби Москва) за овој традиционално експлозивен регион останува да се види. Тој секогаш истакнуваше дека нема намера да поставува било какви територијални барања, доколку ги има, пред одржувањето на мировната конференција и дека во случај на било која спорна област тој би бил подготвен да се раководи од резултатите на плебисцитот. Во случај со етнолошката измешаност на Косово Поле, во една прилика тој ја истакнал можноста од раселување на она што останало од арнаутското население целосно во Албанија, чија лојалност кон Германците беше непоколеблива до крајот. Првите говори на Темпо и Влахов, одржани по ослободувањето на Македонија, што се однесува до горното, покажуваат дека во секој случај некои познати Македонци би сакале да ги видат сегашните граници на Македонија проширени на сметка на Грција и Бугарија.
13. Можната солуција на овој проблем секако би била формирање на федерална држава вклучувајќи ја Југославија и Бугарија и дури по можност Грција и Албанија во чии рамки границите на идеална Македонија би биле цврсто изградени, ако не со меѓусебен договор, тогаш со решение од страна на централните федерални власти. Од друга страна, во случај да не се формира балканска или јужнословенска федерација, изгледа сосема јасно дека, во поглед на сличностите на погледите на режимите кои се или ќе бидат воспоставени во сите овие земји, задачата да се постигне или дури ако е потребно да се наметне решение ќе наиде на мали тешкотии.
6 јануари 1945. Ф. Маклин
FО 371/48181 НР 00297 R 2107/11/67
(Белешки)
Параграфите 10-13 од овој извештај се составени од материјал кој веќе е доставен од бригадирот Маклин со телеграма. Но целиот претставува многу корисен преглед на ситуацијата во Македонија.
Да се печати и копира за Вашингтон, Москва, Софија и Атина; една копија веќе е испратена за Казерта.
Џ. М. Адис
3.Јануари