Британски документи за Македонија (1994-1945), телеграма 23
ИЗВЕШТАЈ ОД КАПЕТАНОТ П.Х. ЕВАНС, ОФИЦЕР ЗА ВРСКА, ДО ФОРИН ОФИС
156/19/44 БРИТАНСКА АМБАСАДА АТИНА
12 декември 1944.
Почитуван оддел,
Во врска со нашата телеграма бр. 20 од 11 декември, приложуваме две копии од еден интересен извештај за ослободителното македонско движење во областа Флорина од еден британски офицер за врска кој беше на должност во областа од април до ноември 1944. Ние се извинуваме, а исто така и авторот, за набрзина направениот нацрт на овој извештај и на машинописот, но тој е направен во услови на борба во Атина. Имајќи го предвид фактот што Истражувачкиот оддел би сакал да го види што е можно побрзо, ние не го средивме зашто можеше да го одложи неговото испраќање.
2. Основниот впечаток што произлегува од извештајот е неочекуваниот цврст словено-македонски карактер на областа и непоправливиот несимпатичен однос на речиси сите Грци, вклучувајќи ги дури и локалните лидери на ЕАМ, спрема целото население на грчката територија кои не се Грци по обичаи, вера и јазик. Авторот верува дека ако не се премногу сурово оданочени, и ако нивните обичаи и јазик не се забранети, како што беше случај во минатото, а особено во времето на Метаксас, ова заостанато планинско население може да се помири со грчката управа. Тој исто така истакнува дека постојат одредени сомневања спрема Британците во оваа област, бидејќи кај населението кое зборува Словенски, Велика Британија во свеста на селаните асоцира на кралот на Грција, а кој им асоцира на Метаксас и неговите репресивни мерки.
3. Славо-македонското население од таа област се подели за време на герилската борба на (а) приврзаници на ЕАМ ( во нивна словенска верзија познато како СНОФ, од кои најголемиот дел имаат големи симпатии кон југословенските партизани и (6) оние словенски села кои примија оружје од Германците и нивните бугарски офицери за врска, локално познати како комитски села. Еден партизански офицер го убедил авторот на овој извештај, во случај да му се дозволи, тие комитски села тој би можел да ги убеди да преминат на сојузничка страна со политички средства. Навистина, Титовите партизани можат да влегуваат и излегуваат од комитските села сосема слободно, што се должи пред се на многу полибералниот став на Тито и неговите претставници спрема различните национални групи под негова команда, а додека ЕЛАС води стриктно националистичка политика и секогаш македонските единици ги командуваат Грци.
4. Од ова може да се заклучи дека западното македонско прашање, кое е преувеличено, има многу подруга форма од онаа што досега ни беше презентирана. Прво, западномакедонското словенско население е претставено во извештајот како многу хомогено и помалку измешано со бегалци или други Грци и изгледа дека веројатно е многу поголемо отколку што е покажано во грчките официјални статистики. Второ, локалното словенско политичко движење, такво какво што е, не е во корист на Бугарија туку за една независна Македонија; нивната надворешна помош доаѓа од југословенска Македонија, а не од Бугарија. Според тоа, населението кое е во прашање не е одделено од неговите "браќа" од странство со силно грчко население од Источна Македонија, туку е обединето со него преку големиот природен пат на Монастирската клисура и е одделено само со државните граници. Оттука произлегува дека трансферот на македонските Словени е многу потежок проблем отколку што се веруваше; и по мислење на авторот на овој извештај, слободен и фер плебисцит би оддел, со сигурност, против Грција.
5. Ние сме заинтересирани да ги видиме коментарите за овој извештај на Истржувачкиот оддел и да видиме како тие можат да се компарираат со другите материјали кои им се наоѓаат на располагање.
/…../Потписот е нечиток
ТАЈНО
SFU107/I
ИЗВЕШТАЈ ЗА МАКЕДОНСКО ОСЛОБОДИТЕЛНОТО ДВИЖЕЊЕ ВО ОБЛАСТА ФЛОРИНА 1944
(Од капет. П. X. Еванс, чета 133)
(Карта: Грција 1/100 000, Лист I. IV и I. V)
СОДРЖИНА НА ИЗВЕШТАЈОТ
1. Областа која се разгледува.
2. СЛАВО-МАКЕДОНСКОТО население.
3. Левичарството меѓу МАКЕДОНЦИТЕ.
4. БУГАРСКОТО влијание меѓу МАКЕДОНЦИТЕ.
5. МАКЕДОНСКОТО движење сега:
а) Личности
б) Воена сила
в) Односот меѓу андартите и партизаните
г) Неуспехот на СНОФ
д) Улогата на Комунистичката партија
6. Иднина.
7. Добивање информации.
Забелешка: Во овој извештај терминот "МАКЕДОНЦИ" или "СЛАВО-МАКЕДОНЦИ" е употребен со значење Славофонско население во ГРЦИЈА и во одредени случаи спомнати во контекстот МАКЕДОНСКО малцинство во БУГАРИЈА, ЈУГОСЛАВИЈА И АЛБАНИЈА.
1.ОБЛАСТА КОЈА СЕ РАЗГЛЕДУВА
Сите информации од овој извештај се добиени од прва рака во периодот март-октомври, 1944. За тоа време јас живеев во ВАПЦОРИ (Бапчор) 5256 во ВИЦИ (Планината Вичо) 5754, во близината на ДХАСЕРИ (Дробишта) 3268 (т.е. на западниот брег од МАЛА ПРЕСПА), во КОРИФИ (Турје) 5061 и на крајот во ФЛОРИНА 6068. Во текот на септември и целиот октомври имаше една осамена станица во БУФИ (Буф) 5173. Покрај овие места јас ги посетив или поминав низ голем број села во областа од ИСТОЧНАТА страна на ФЛОРИНА - ГРЧКО-ЈУГОСЛОВЕНСКАТА граница - ПРЕСПА-КАСТОРИА (Костур) 4640- АМИНТИОН (Соривич)8257. За целото време не навлегов подлабоко во територијата на Југославија или Албанија, ниту бев ЈУЖНО од патот КАСТОРИЈА-АМИНТИОН.
Оттаму моите познавања за она што се случува таму се само претпоставки, и моите опсервации не одат подалеку од горе наведената област. Јас никогаш, на пример, не бев во ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА или ТРАКИЈА, и некои од воопштувањата кои јас ги добив од сопственото искуство во областа можеби нема да бидат применливи на друго место.
2.СЛАВО-МАКЕДОНСКОТО НАСЕЛЕНИЕ
Еден премолчен факт за областа, која е предмет на разгледување, а за кој не се зборува, е тоа што ретко кој ја сфаќа. Англичанец, дури и оној кој ја познава ГРЦИЈА не успева да ја сфати бидејќи ретко кој од нив оди подалеку на СЕВЕР. ГРЦИТЕ на успеваат да ја сфатат од две причини. Прво, тие не сакаат. Во нивна корист е да веруваат дека сите места кои се обележани како "ГРЧКИ" на картата се, или мора да бидат ГРЧКИ по симпатија и на секој друг начин; ГРЦИ по природа какви што се; тие не сакаат да сфатат дека голем дел од населението на МАКЕДОНИЈА во ГРЦИЈА има исто толку добри причини да се сметаат себеси за МАКЕДОНЦИ колку што тие себеси се сметаат за ГРЦИ. Тоа претставува недоволен повод, еден вид измама, која е неразделен дел од Големата идеја. Втората причина е, или така барем мене ми е кажано, што последователните ГРЧКИ влади од ослободувањето на славофонска ГРЦИЈА од ТУРЦИТЕ беа, и покрај нивната разноликост, согласни во една работа: подржување на оваа лага оставајќи впечаток кај својот сопствен народ и во светот дека нема никакво СЛОВЕНСКО малцинство во ГРЦИЈА; додека ако странец кој не ја познава ГРЦИЈА, ја посети областа ФЛОРИНА и потоа формира сопствено мислење за земјата во целина, заклучокот би бил дека ГРЦИТЕ се тие кои се во малцинство. Тоа е предимно СЛОВЕНСКИ регион, а не ГРЧКИ. Јазикот во домовите, и по правило на полињата, на селските улици, на пазарот е МАКЕДОНСКИ, СЛОВЕНСКИ јазик. (Не познавајќи било кој од СЛОВЕНСКИТЕ јазици јас не можам да го коментирам, но се чини дека е поблиску до БУГАРСКИОТ отколку до СРПСКО-ХРВАТСКИОТ. Тој е во секој случај изопачен и лош без литература или одредена граматика, и со голем број позајмици од ТУРСКИ, ГРЧКИ, АЛБАНСКИ и ВЛАШКИ и дури РОМАНСКИ. Но во секој случај тоа е СЛОВЕНСКИ јазик. ПОЛЈАЦИТЕ на пример би го разбрале многу лесно, но сепак не така лесно како што е случај со СРПСКО-ХРВАТСКИОТ кој е чист и одреден). Многу од жените, особено постарите и многу од постарите мажи и скоро сите деца родени околу 1939 или подоцна не знаат ГРЧКИ. Дури и оние кои знаат ГРЧКИ повеќе сакаат да зборуваат МАКЕДОНСКИ кога можат. Странец кој ќе поздрави со "Добро утро" на ГРЧКИ ќе го добие истиот одговор, но ако истото го каже на МАКЕДОНСКИ тој ќе биде опсипан со плима фрази за добредојде и други додатоци. Имињата на местата, како што се дадени на картата, се ГРЧКИ: КАЛИТЕА, ТРИГОНОН, ДРОСОПИ и т.н., но како и да е, имиња кои најчесто се употребуваат, и покрај тоа што на картата се напишани со мали букви и во загради, ако воопшто се дадени така, се: РУДАРИ, ОШЧИМА, БЕЛКАМЕН - се СЛОВЕНСКИ имиња. ГРЧКИТЕ се единствено дел од обидот на МЕТАКСАС да ги прикрие (но како и да е тие се општо разбирливи). ГРЧКИОТ се смета речиси за странски јазик и на ГРЦИТЕ не им се верува и се третираат како странски државјани, дури и ако не, во полна смисла на зборот како странци. Овој очигледен факт, скоро толку очигледен за да се спомене, е дека областа е природ-но СЛОВЕНСКА, а не ГРЧКА, и не може, а да не се пренагласи. Тоа е, после се причината за почетокот на целиот проблем, и само имајќи го сето ова предвид, задоволувачка позиција може да се постигне, наместо некоја безнадежна крпеница што подоцна би предизвикало проблеми.
Исто така, важно е да се нагласи дека населението, како што тие не се ГРЦИ, исто така не се БУГАРИ или СРБИ или ХРВАТИ. Тие се МАКЕДОНЦИ. За ова јас овде не можам да догматизирам, бидејќи јас не ја познавам историјата и посебно етнологијата на МАКЕДОНЦИТЕ. ГРЦИТЕ секогаш нив ги нарекуваат БУГАРИ и затоа ги осудуваат, освен за ЕАМ/ЕЛАС, кои покажаа малку мудрост и кои го нарекоа овој народ "СЛАВО-МАКЕДОНЦИ". Ако тие беа БУГАРИ, распрскани во делови на четири земји, од кои една е и БУГАРИЈА, зашто се сметаат себеси за посебен ентитет и поголемиот дел од нив се декларираат себеси како "МАКЕДОНЦИ". Оние пак што се сметаат за БУГАРИ се потврдени во секој случај. Јас сум во состојба да потврдам дека бев под директно влијанието на БУГАРСКАТА пропаганда ( за време на војната што беше ширена од КАЛЧЕВ и ГЕЛЕВ од КАСТОРИА и ФЛОРИНА). Македонската идеја исто така би можела да биде навистина нешто вештачко, резултат на пропаганда. Но не изгледа така. На мене ми изгледа сосема објективно МАКЕДОНЦИТЕ да се сметаат како ентитет, иако се малубројни и предмет на делба. МАКЕДОНЦИТЕ се поттикнати од силни но измешани чувства на патриотизам. Во ГРЦИЈА изгледа тој е од три вида, кој обично коегзистираат во една личност. Постои сигурна лојалност кон ГРЧКАТА држава; и растечки и понекогаш страстен локал патриотизам; и чувство тешко да се процени, бидејќи ретко се обелоденува пред странци, и се менува со промената на настаните и пропагандата, за МАКЕДОНИЈА како таква, без оглед на сегашните граници на кои се гледа како на узурпирани. Лојалноста кон ГРЧКАТА држава се прекина, во извесна смисла, кога ГРЧКАТА држава пропадна, и бугарската пропаганда и јака организација почна жестоко да работи, а МАКЕДОНСКИТЕ партизани на ТИТО дадоа голем придонес за придобивање илегални приврзаници, но, како и да е, сето тоа беше бескорисно само што селата постојано беа запоседнувани од андарти со цел да ја покажат приврзаноста кон ГРЦИЈА. Уште повеќе, кога земјата беше окупирана од непријателот антисловенската репресија предизвикана од МЕТАКСАС почна да се враќа во форма на индигнација против ГРЦИТЕ. Но извесна степен на лојалност постоеше дури и во времето на МЕТАКСАС. Тоа сосема јасно произлегува од начинот на кој полковите од СЛОВЕНСКИТЕ области се бореа во АЛБАНСКАТА војна, кога тие се истакнаа себеси не само со нивниот борбен дух туку и со нивната издржливост на умор и студ во што тие ги надминаа другите единици; и не изгледа дека кај нив има поголем процент на предавници во однос на величината на односното малцинство, од да кажеме ВЛАШКИОТ елемент во ГРЧКАТА армија. Но што е многу посилно од МАКЕДОНСКОТО чувство за ГРЦИЈА е неговиот локал патриотизам, не толку неговата љубов кон земјата како кон неговиот сопствен дел од земјата, родниот град - во ова тој личи на населението на ГРЦИЈА. Кога во октомври 1944 на ГОЧЕ (Илија Димовски), како КАПИТАНИОС и практично командант на Вториот баталјон на ЕЛАС-овиот 28 полк, му беше наредено да замине за ВЕРМИОН (Дурла), тој одговори "Не, ние сме МАКЕДОНЦИ и нашето место е во МАКЕДОНИЈА; тоа е она зашто ние се бориме". (ВЕРМИОН се разбира, е исто така во МАКЕДОНИЈА, но тој е , јас верувам помалку СЛОВЕНСКИ отколку областа ВИЧО, каде ГОЧЕВИОТ баталјон тогаш беше стациониран и каде тој прво го пополни него; и родно место на ГОЧЕ е ВИЧО). Тој тогаш се побуни и замина за ПРЕСПА, подоцна за МОНАСТИР (Битола), и неговиот баталјон беше со него. Материјалот за оваа експлозија очигледно беше збрка на чувства акумулирани извесно време, меѓу нив ГОЧЕВАТА лична амбиција, но тоа беше исто толку добра каписла која што можеше да биде активирана и големата измама од 9-та Дивизија на ЕЛАС.
Повторно, еден војник на ЕЛАС кој требаше да се врати во ВАПЦОРИ за време на летото кога требаше да се врати во неговата единица која беше ЈУЖНО од АЛИАКМОН (Бистрица) рече не, тој беше МАКЕДОНЕЦ и сакаше да остане во МАКЕДОНИЈА; тој не сакаше да оди во ГРЦИЈА, и ако тие го пратеа таму, тие ќе зажалеа за тоа бидејќи ќе откриеја дека тој едноставно би станал нем, дрзок и би станал бескорисен за нив.
Истата тврдоглавост се покажува и во МАКЕДОНСКИТЕ песни, како традиционалните исто така и оние кои се создадени во сегашната војна. Вистина е дека песните обично ја споменуваат МАКЕДОНИЈА и не некое посебно место во МАКЕДОНИЈА, но нувството кое тие го изразуваат е едноставна и директна љубов кон земјата без некој интелектуален ентузијазам за политичка идеја. Чувството е исто без разлика дали песната е општо познатата "Маре море Маре" (приказна за девојка чиј вереник не се вратил од војните завршувајќи со зборовите "Маре не чекај ме; омажи се. Јас веќе се омажив за црната земја за МАКЕДОНИЈА"; а во една деуга верзија постои додаден двостих со рима "За МАКЕДОНИЈА -каде ние сите би биле слободни; или хумористичната песна за ’Маре од Прилеп", чија мајка сакала да ја омажи - среќно - за три млади момчиња, коишто таа не ги сакала, еден од ПРИЛЕП, еден од БИТОЛА (МОНАСТИР) и еден од КОСТУР (КАСТОРИА) и која во последната и необврзна строфа го зема оној што таа го избрала, строфа којашто не може да се пее во приемни соби. Песната може да биде весела, а со малку маршевски тон, разубавена и свечена, која вели дека "ропските денови на МАКЕДОНИЈА се завршени". Ритмичките пулсации во сите нив е љубовта на МАКЕДОНЕЦОТ кон неговото родно место.
МАКЕДОНСКОТО чувство за МАКЕДОНИЈА како целина, како земја, и како потенцијална држава се разгледува во делот 5 од овој извештај. Патем треба да се истакне дека и покрај големиот број агитатори во ГРЦИЈА, ЈУГОСЛАВИЈА И БУГАРИЈА кои беа, а и сега се активни во корист на една независна МАКЕДОНИЈА, на прво место се чини дека ова чувство не е нешто формирано со пропаганда, напротив пропагандата го зголемува. Македонскиот патриотизам не е вештачки, тој е природен, спонтано и длабоко всадено чувство кое почнува во детството како и секој друг патриотизам. Оттаму сепаратистичките тенденции ќе продолжат да жнеат; тоа не е неуспешен обид. Мене ми се чини дека тоа е една од грешките на историјата или лапсусите на историјата, (јас повторувам, не знам ништо за МАКЕДОНСКАТА историја) за непостоењето на независна држава. МАКЕДОНЦИТЕ кои во подолгиот период на својата историја беа потчинета раса, повеќе отколку било кој друг од нејзините соседи, ја изгубија нивната снаодливост, нивната иницијатива, останаа заостанати; тие беа ослободени од ТУРЦИТЕ но никогаш не се ослободија себеси од различните европски господари; кога овие станаа нации и секоја се зајакна и засили себеси, МАКЕДОНЦИТЕ не беа доволно смели и единствени да го направат истото, и сега кога тие изгледа се спремни да направат сериозен чекор кон национално единство, се чини дека е доцна. Фактот дека некогаш таму можеби постоеле одлични услови за независна МАКЕДОНИЈА не значи дека таков е случајот и денеска. (Види дел 6, долу).
Факторот кој јас не го слушнав да биде споменат, но кој ГРЦИЈА би можела добро да го искористи во зачувување на лојалноста на СЛОВЕНСКИОТ елемент, е што тој елемент е чудна комбинација на апатија и беда. Обичниот МАКЕДОНСКИ селанец, со кој јас имав можност да се сретнам, не е заинтересиран ни малку за политика како што е заинтересиран за благосостојба. Неговиот интерес за политиката е само желба да биде оставен на мир, оставен самиот на себе и поради што тоа е повеќе респектирано отколку политичките интереси. Тој е за чудо неутрален; тој има прилагодено заштитни бои и како камелеон може да ги промени кога за тоа ќе се појави потреба. Јас бев сведок на тоа. Еднаш во текот на јуни, кога патот ВАТОХОРИ (Брезница) 3758 – КАСТОРИА се уште се употребувашe од ГЕРМАНЦИТЕ, и јас на едно од моите ноќни патувања на коњ од ДЕНДРОХОРИ (Д'мбени) 3549 за ВАПСОРИ забележав дека додека во СЛОВЕНСКОТО село МАВРОКАМПОС (Чрновишта) и КРАНИОНА (Дреновени) немаа поставено стражи, во ГРЧКОТО бегалско село АГИОС АНТОНИОС (Жевени) јас бев сопрен уште пред првата куќа и не ми беше дозволено да продолжам се додека не докажав дека сум британски офицер по што бев топло пречекан. Мој придружник во тоа време беше еден андарт кој научил МАКЕДОНСКИ од неговата мајка, ГРЧКИ од неговиот татко, АЛБАНСКИ од патувањата по барање работа пред војната и кој беше ВЛАВ по потекло но ГРК по лојалност, така што тој беше во добри односи со сите локални МАКЕДОНЦИ. Јас го зедов него како личен слуга и водич; го избрав намерно бидејќи беше таква мешавина, а и поради познавањето на планините и коњите. Тој објасни дека народот од КРАНИОНА и МАВРОКАМПОС не поставил стражи бидејќи во случај да ги повикат ГЕРМАНЦИТЕ или комитска банда тие тогаш нема да бидат обвинети дека се непријателски расположени или дека нешто кријат. Во исто време, како и да е, тие немаат оружје и не се во опасност да бидат нападнати од андартите како комитска тврдина.
Еден стар човек од КОРИФИ ми укажа многу јасно на овој аспект од МАКЕДОНСКИОТ карактер. Тој беше СЛОВЕН, бил претседател на неговото село ВАПСОРИ во периодот на режимот на МЕТАКСАС. Како последица, сега, тој е исфрлен од страна на ЕАМ и ЕЛАС. Тој ми кажа: "Гледаш, ние имаме толку многу различни господари, кој и да дојде ние велиме (ги доближи двете раце, направи задоволна насмевка со мал наклон), 'Калос орисате'!. Тоа беше многу убедливо. Тоа е таа дволичност на МАКЕДОНЦИТЕ поради што е тешко да се запознаат. Тешко е да се дознае што тие мислат. Трет човек што беше присутен на разговорот го дополни предметот истакнувајќи: "Во суштина, нашиот став е навистина овој. Ние немаме ништо против ако државата зема дел од нашето производство како данок, пет, десет дури и петнаесет проценти. Но да дозволиме државата да биде разбрана: да земе само умерена количина, така што јас би знаел за што работам, зашто јас се потам, што на крајот ќе биде мое. Ако јас отидам на ридот оваа вечер и ја поминам ноќта таму правејќи дрвен јаглен, што ќе добијам јас? само неколку драхми. доволни само за кутија цигари. Гледате, нашите планини се сиромашни и ние имаме многу малку. Што ние навистина сакаме, е некоја богата земја како АНГЛИЈА и АМЕРИКА да ја отвори МАКЕДОНИЈА, да ги експлоатира нејзиниот тутун и нејзините недопрени минерали. Тогаш секој ќе го планира своето плаќање секоја недела и ќе има многу за јадење и добри алишта за носење. ГРЦИЈА не може да го направи тоа; таа е премногу сиромашна. Постоеше една АМЕРИКАНСКА компанија која сакаше да отвори рудници во овие планини по последната војна, но ГРЧКАТА влада не им дозволи".
Нивните уверувања за немаштина се малку преувеличени, не многу, и општата слика од неговите искажувања се потврдува со она што јас го видов во бројни села за време на мојот 7 1/2 месечен престој во областа.
Патем, истиот човек кој секогаш ми изгледаше непоколеблив другар и кој се борел како митралезец во АЛБАНСКАТА војна, на крајот му се придружи на баталјонот на Гоче и зеде учество во дезертирањето во ЈУГОСЛАВИЈА во име на една независна МАКЕДОНИЈА. Јас често бев изненаден од ова истовремено одбивање и привлекување или повеќе-отколку-привлекување и одбивање на СЛОВЕНИТЕ во ГРЦИЈА, нивната спремност да одат во овој или оној правец кои се во склад со непресметливоста на пропагандата и променливиот притисок на условите. Тие се збирка на збркани селани кои можеби тешко знаат што тие сакаат од еден до друг месец. Во политичката сфера, така е; од практична страна тие се начисто. Тие сите би сакале да јадат пченичен леб, наместо р'жен и пченка; и тие сакаат да заработат повеќе и да имаат поголема удобност. На другата страна ништо не е јасно. Потврдени про-ГРЧКИ или про-МАКЕДОНСКИ или про-БУГАРСКИ меѓу нив се ретки. Се дознава дека голем дел од оние кои се побунија со Гоче би сакале да се вратат во нивните домови но не се осмелуваат да го направат тоа. Тие би биле убиени од ЕЛАС и во секој случај од фанатиците во нивните чети, лично ГОЧЕ ги спречува да заминат.
Може да се докаже од пример во пример дека сите МАКЕДОНЦИ во ГРЦИЈА се раководени, дури и против нивна волја, од секој оној кој ја има предноста во дадениот момент; ГРЧКАТА влада, странските освојувачи или андартите на ЕЛАС како што е сега. Непрекинато потчинети, тие станаа апатични, но само до одреден степен, не целосно. Кога тие се незадоволни, тие преоѓаат кај секој оној што ќе ги третира подобро или кон оној за кој тие сметаат дека би се однесувал подобро. Она кон што тие се стремат не е толку нациналноста колку да им биде овозможено да го зборуваат својот сопствен јазик и да живеат невознемирувани од никого и да живеат подобар живот отколку пред тоа. Потребата се повеќе го зголемува нивното незадоволство до степен кога тоа не е повеќе важно.
Секако, ова покажува сигурни можности, не за да се отстрани проблемот настанат со постоењето на СЛОВЕНСКОТО малцинство во ГРЦИЈА но барем да се намали. Ако ГРЦИТЕ им дадат на МАКЕДОНЦИТЕ што тие сакаат, слобода да зборуваат на мајчин јазик и нешто подобар живот - тие би биле наклонети да останат ГРЧКИ граѓани. Ако ова се случи, и дури ако ГРЦИЈА асоцира мисловно со БРИТАНИЈА, тие би мислеле подобро за БРИТАНИЈА и би биле помалку наклонети кон РУСИЈА. Учеството на БРИТАНИЈА во нејзината задача за рехабилитација на ГРЦИЈА ќе го направи тоа поврзување.
Уште неколку случајни точки мора да се задоволат за да се потполни остатокот на оваа слика за СЛАВО-МАКЕДОНЦИТЕ како што ги видов јас.
СЛАВО-МАКЕДОНЦИТЕ општо земено се плашат и не им веруваат на Британците и покрај тоа што тие пријателски се однесуваа кон британските офицери и ОР'с во планините за време на окупацијата, еднаш Британците дојдоа и се покажаа дружељубиви.
Причината за ова недоверба е тоа што во свеста на МАКЕДОНСКИОТ селанец БРИТАНИЈА е поврзана со кралот, со МЕТАКСАС, кој го забрани СЛОВЕНСКИОТ јазик во ГРЦИЈА и ги хранеше луѓето со рицинус ако го зборуваат него. Во време на окупацијата БУГАРСКАТА пропаганда беше брза за да ја искористи таа страна од ситуацијата. "КАЛЧЕВ и некои други дојдоа во нашето село од КАСТОРИА и го собраа целиот народ на плоштадот и ни рекоа "Андартите се со Британците и Британците ќе го вратат кралот и стара ГРЦИЈА (т.е. ГРЦИЈА на МЕТАКСАС). Поради тоа вие морате да се вооружите против андартите". (Од изјавата на жена фатена при нападот на ПРЕКОПАНА (Прекопана) 5950, Апр/ил/44).
Оваа НЕДОВЕРБА кон БРИТАНЦИТЕ делумно влече корени, но не целосно, од мешавината на страсната желба, почитувањето и задоволстото кое е всадено кај многу селани од воодушевувањето кон големата и богата нација. "БРИТАНИЈА е богата, БРИТАНИЈА ќе не спаси", велат тие (тие би рекле АМЕРИКА ако некој е АМЕРИКАНЕЦ) и продолжуваат да наплаќаат двојно за компири или вино или јајца што ги купуваат од нив. МАКЕДОНСКОТО чувство спрема ГРЦИТЕ и vice versa, во моментот е жестоко и осветољубиво. Но тоа е двосмислена генерализација. Во ФЛОРИНА (Лерин) на пример се случува двајца да живееат еден до друг; никој не ги вознемирува обичните луѓе зашто зборуваат МАКЕДОНСКИ на улица и само во приватни конверзации ГРЦИТЕ ја признаваат нивната омраза. (За МАКЕДОНЦИТЕ не знам, затоа што јас не го зборувам нивниот јазик и, ако во ова време ги запрашам нив за тоа на ГРЧКИ, тие сигурно не би ми одговориле. Тие се темпераментни, недоверливи суштества). Карактеристика на МАКЕДОНИЈА е што оваа состојба на очигледна мирољубивост може да продолжи за подолго време, и во еден момент да биде прекината од краткотраен терор, а тоа би можело да се случи повеќепати во тек на една или две години. Ставот дури и на ГРЧКИТЕ интелектуалци во однос на СЛОВЕНСКОТО малцинство, не само во СЛОВЕНСКИТЕ области туку насекаде, е обично глупаво, неупатено и брутално реагирање што го доведува човек во ситуација да очајува за недоразбирањата било кога создадени меѓу двата народа. Многу ГРЦИ дословно ќе го кажат текстот на Атлантската повелба или ќе ви одржат опширно предавање, иако не многу точно, за Версајската конференција, а кој не знае дека во рамките на нивните сопствени граници егзистира малцинство кое зборува СЛОВЕНСКИ или ако имаат некои точни сознанија за постоењето на МАКЕДОНЦИТЕ ги прогласуваат за БУГАРИ и велат "Тие треба да бидат убиени или вратени во БУГАРИЈА од каде што и се дојдени"205. Тие не сакаат дури ниту да слушнат за нивното постоење, или ако слушнат тоа претставува еден вид глупаво неверување и поради сето тоа тие се во неможност да одговорат на укажувањата дека МАКЕДОНЦИТЕ не се БУГАРИ и дека не се дојдени од БУГАРИЈА, или, ако се дојдени, дојдени се многу одамна и што, како и да е, не може да се пресмета.
Жртвите на двете страни во последните три години навистина беа чести. Во победничкиот напад на андартите на ПОЛИКЕРАСОС (Черешница) 5448 во август беа заробени околу триста. Командантот на ЕЛАС наредил да не се стрелаат туку да бидат заклани. И тоа беше направено. Кога 80 комити со 50 ГЕРМАНЦИ влегоа во ДЕНДРОХОРИ во јуни и убија неколку андарти и цивили, еден ранет и заробен андарт беше убиен од комитите на самото место со секира. (Убиениот од моја страна беше обучуван за диверзии и во тоа време беше под моја команда). И така натаму. Јас би можел да дадам уште неколку примери но јас не се ангажирав околу "собирање" на жртвите. ГРЦИТЕ често протестираат против варварството на "БУГАРИТЕ" но фактички тоа не е ни половина од другите. Некои ГРЦИ ќе го признаат ова и продолжуваат да се жалат. Непотребно е да се каже дека овие жртви само ја влошуваат веќе и онака аелектризираната ситуација. Една жртва раѓа друга.
Прашање е колку од оваа омраза меѓу двете раси може да се избегне. Можеби постои некој непретворлив минимум, слепа омраза што произлегува од нешто непознато, нешто спротивно, кое тие автоматски го чувствуваат еден кон друг. Но неспорно е дека голем дел од лошото чувство е чиста креација на пропагандата, особено онаму каде пропагандата се употребува за преувеличување на жестокоста предизвикана од репресалиите. ГРЦИТЕ и СЛОВЕНИТЕ можат да живеат заедно и удобно. Ова е мислењето на полковникот ЛОВКАРИС, сега "генерал" на ЕЛАС на Резервната дивизија на КАСТОРИА, пензиониран офицер на ГРЧКАТА армија кој имаше успешна кариера и покрај фактот што по раѓање беше СЛАВО-МАКЕДОНЕЦ и кој ја познава СЛАВОФОНСКА ГРЦИЈА многу добро.
ГРЦИТЕ секогаш наведуваат како доказ дека малцинствата се добро третирани со самото тоа што им е дадена алтернатива да останат во ГРЦИЈА и добро да се однесуваат или да заминат за БУГАРИЈА. На мене ова ми се чини дека е нешто како прашањето: "Дали се откажавте од тепањето на својата сопруга? Одговори ДА или НЕ". МАКЕДОНЦИТЕ во ГРЦИЈА се речиси странци и во одредени случаи скори сите се чувствуваат така. Но за МАКЕДОНСКАТА фамилија, нивниот сопствен дел од планината, нивното сопствено мало парче земја примитивно обработено, е домот, нешто за што фамилијата живее со генерации. Така владината наредба се сведува само на ставање на знаење дека тие или ќе ги напуштат домовите или ќе останат како странци. Оваа дилема се уште постои; таа е во природата на ситуацијата. По се изгледа дека не постои солуција која ќе ги задоволи и двете страни, но мудро и толерантно становиште од страна на успешна ГРЧКА влада која би била на власт, комбинирано со едно апсолутно на-гласување на лојалност кон ГРЦИЈА, би дало поднослив modus vivendi кој 6и го направил поднослив животот во МАКЕДОНИЈА иако тоа не може да се осигура.
Ако еден живее опкружен со борбата меѓу ГРЦИТЕ и МАКЕДОНЦИТЕ, како што живеев јас повеќе од седум месеци, она што најмогу погодува, од било што друго, е сознанието дека тоа е проклета работа. Тоа е работа на грубо без сожалување, одземање на земја. Постои посебен вид на проклетство кое е присутно во сите националистички борби и сите го поседуваат тоа. Уште повеќе, тоа е борба меѓу селаните, од кои поголемиот дел се селани од планините. Планините формираат луѓе кои се цврсти и храбри и кои, кога се борат, кога нивната трпеливост ќе биде изиграна, се борат со гнев, и под кожата на секој селанец, кои и да се неговите добри квалитети, лежи скриен нагон на убиец. Под притисок на ова тие излегуваат од својата кожа и стојат исправени со целата своја нескриена непријатност.
Без сомнение, оваа психолошка позадина е во непосредна врска со дивјаштвото со кое борбата се води. Еден инцидент кој фрла извесна светлина на МАКЕДОНСКИОТ проблем во ГРЦИЈА се случи во летото 1943. Еден стар господин по име КАРАГЕОРГИУ кој живее во АРГОС ОРЕСТИКОН (Рупишта), беше глава на многу почитувана фамилија во таа област и во деновите под ТУРСКО ропство претседател на "ГРЧКИОТ комитет" кој претставуваше центар на ГРЧКОТО локално единство против ТУРЦИТЕ и комитите. Еден од неговите синови, капетан (потоа поручник) ИРАКЛИС КАРАГЕОРГИУ, се бореше генијално како скромен командант во 1941 за што е одликуван три пати. Во 1943 стариот КАРАГЕОРГИУ беше фрлен во затвор во АРГОС од страна на комитите кои беа многу активни во тоа време тероризирајќи ги ГРЦИТЕ. Еден млад комита влегувајќи во ќелијата, почнал да го тепа што завршило со негово убиство, некои велат со кршење на неговата глава од ѕид, други со удар од врвот на неговите чизми. По кратко време во областа пристигнал капетанот КАРАГЕОРГИУ како падобранец на 133 чета и разбрал за смртта на својот татко. По пристигнувањето во селото во кое тогаш се наоѓал Главниот штаб на 133 чета во Западна МАКЕДОНИЈА тој беше изненаден гледајќи го убиецот како слободно шета по улиците како слободен човек. Се чинеше дека тој преминал во ЕЛАС и влегол како член на Комунистичката партија, што сигурно значело дека му било простено. Капетан КАРАГЕОРГИУ истакнал "Јас се заколнав на гробот на мојот татко дека ќе го убијам тој човек". Јас сум сосема сигурен дека тој тоа ќе го направи. Тој е ројалист, националист, целосно бескомпромисен републиканец и особено храбар така што ништо не би можело да го сопре. Останува да се види дали некои пријатели или роднини на комитата би презеле слична заклетва.
3. ЛЕВИЧАРСТВОТО МЕЃУ МАКЕДОНЦИТЕ
Исто така многу е важно при анализирањето на МАКЕДОНИЈА како и со остатокот на ГРЦИЈА да се направи разлика помеѓу вистински окоровените доктринирани комунисти, кои се ретки и проста маса која го формира мнозинството од симпатизерите на Левото крило, кој го претставуваат различни контрасти од Лево крилна идеологија и понекогаш без било каква идеја и се погрешно наречени од самите себе и од другите комунисти. Оттука јас го употребувам поприфатливиот варваризам "Левичарство". Слушнав како пред војната МАКЕДОНЦИТЕ покажувале поголема тенденција спрема комунизмот отколку ГРЦИТЕ. Ако е тоа така, како прва причина јас ја земам СЛОВЕНСКАТА симпатија кон РУСИЈА, второ, реакцијата против репресијата, трето природниот екстремизам на СЛОВЕНСКИОТ темперамент кој скоро постојано гравитира спрема тиранска ортодоксност.
4. БУГАРСКОТО ВЛИЈАНИЕ МЕЃУ МАКЕДОНЦИТЕ
Тоа беше големо за време на последните три години. БУГАРИТЕ одржуваа пропагандни пунктови во ФЛОРИНА, КАСТОРИА и јас верувам во ВАСИЛИАС (Загоричани) 5944. Најактивни пропагандисти беа ГЕЛЕВ и уште попознатиот КАЛЧЕВ (роден во ГРЦИЈА, школуван во БУГАРИЈА и фанатик). Со оружје беа снабдени голем број села од страна на ГЕРМАНЦИТЕ и ИТАЛИЈАНЦИТЕ со цел да го ослабнат герилското движење со поделба на населението и едновремено да формираат длабок заштитен обрач (КАСТОРИА и синџир гарнизони долж патот) околу КАСТОРИА-АМАНТИОН. Тоа резултираше со голема економизирање на трупите. Голем дел од вооружените села се чини имаа неколку фанатици и голем број индеферентни луѓе кои не 6и се бореле против никого. Некои села, на пример АСПРОИЈА (Сребрено) 6350, со брутални методи беа присилени да се вооружат. По се изгледа нај про-БУГАРСКО село е ВАСИЛИАС, кое има мал број ГРЧКИ бегалски фамилии и е предимно СЛОВЕНСКО. Неколку фамилии од таму имаат роднини кои емигрирале во БУГАРИЈА и добро се снајдоа, еден дури стана генерал во БУГАРСКАТА армија. Во далечната 1938, жителите имаа навика да го нарекуваат нивното село "Мала СОФИЈА".
Покрај вооружувањето на селата БУГАРИТЕ исто така се обидоа да го придобијат населението да се регистрираат како граѓани на БУГАРИЈА. Еден стар човек во ТРИВОНОН (Трсје) 5065 ми кажа дека само шест фамилии од тоа село, покрај неговата, инсистирале да останат ГРЦИ.
МАКЕДОНЦИТЕ, во целина, се чини, не се навистина многу заинтересирани за БУГАРИЈА и некои сега се исплашени дека таа ќе ги третира нив како инфериорно малцинство како што тоа веќе го прават СРБИТЕ И ГРЦИТЕ. Ако областа со која јас сум запознат е навистина про-БУГАРСКА, сите села во неа би требало веројатно да бидат вооружени, додека единствените кои се вооружија беа оние стационирани во низинскиот дел на падините на планината Вичо. Планинската област е секогаш слободна од вооружени села, иако не и од информатори кои би им ги предале андартите и БРИТАНЦИТЕ на ГЕРМАНЦИТЕ. Оние од жителите кои не се про-ГРЦИ - што би се рекло мнозинството - се исто несигурно неутрални или се уште полни со прилично неодредени аспирации спрема слободна МАКЕДОНИЈА продолжувајќи ја линијата на Левото крило. Така, кога во мај андартите од ВАПСОРИ испратија долго писмо до СИДЕРОХОРИ (Шештево) барајќи да се придружат кон ЕЛАС и сојузниците, од СИДЕРОХОРИ им одговорија "Ако вие (ЕЛАС) сте навистина сојузници вие ќе носите црвени ѕвезди на вашите капи".
5.МАКЕДОНСКОТО ДВИЖЕЊЕ СЕГА
(а) Личности
ТЕМПО (Светозар Вукмановиќ): ТИТОВ претставник кој се наоѓа со МАКЕДОНСКИТЕ единици на ЈУГОСЛОВЕНСКИТЕ партизани. Неговиот Главен штаб на 10 ноември јави дека е во Прилеп.
АБАС (Цветко Узуновски) : "Агитпроп" на МАКЕДОНСКИТЕ партизани под ТИТО (Агитпропот е слично нешто како Капитаниос во единиците на ЕЛАС). Мирен и добро воспитан, интелигентен, образуван но до кој степен јас не знам. Остава впечаток дека е целосно определен. Минатиот јануари му изјави на еден британски офицер:"Не јас не сум комунист; политички јас не знам што сум. Се што јас сакам е МАКЕДОНИЈА на МАКЕДОНЦИТЕ- МАКЕДОНСКИ јазик, цркви, школи, болници и т.н."
ДЕЈАН (Киро Георгиевски): Член на Главниот штаб на ТЕМПО. Во пролетта и летото оваа година работеше во областа ПРЕСПА регрутирајќи партизани и пропагирајќи за МАКЕДОНИЈА. Добро воспитан, мирен, но јака личност, според некои кажувања бил архитект (веројатно точно), а според други новинар. За горниот се истакнува дека е во ПРИЛЕП. Јас до сега се имам сретнато со двајцата но не и со ТЕМПО.
ГОЧЕ: Се истакнува дека е во МОНАСТИР. Некои од неговите луѓе ја контролираат границата. Се потпишува со "Командант на бригада од КАСТОРИА и ФЛОРИНА". Роден е во МЕЛАС (СТАТИЦА) 4761 (село со силна основа на антигрчко чувсто). Горд селанец со репутација на добар борец.
ПЕЈО (Наум Пејов): Роден е во ГАВРОС (Габреш) 4053. Со оружје заробено од Германците се бори против андартите, се изјасни дека неговата цел е независна МАКЕДОНИЈА, не голема БУГАРИЈА. Имаше и веројатно има големо влијание на селата во близината на неговото. Неговата чета беше нападната и растурена од единиците на ЕЛАС во средината на летото. Тој замина за ПРЕСПА и му беше дадено засолниште од ДЕЈАН кој за тоа беше остро прекорен од ТИТО. ПЕЈО беше вратен назад од партизаните, некои велат лично од ТИТО, во ЕЛАС кој го прати под амнестија во баталјонот на ГОЧЕ, Кога ГОЧЕ се побуни во октомври ПЕЈО му се придружи и го поддржа.Се истакнува дека ПЕЈО бил комунист од пред војната и дека заминал за БУГАРИЈА по доаѓањето на МЕТАКСАС. Се истакнува дека е голем егоист. Образование: Посетувал гимназија во ФЛОРИНА.
ТУРУНЏЕВ (Георги Турунџев): Уште еден помалку важен лидер од слафовонска ГРЦИЈА. Роден е во КСИНО НЕРО (Врбени) 7757. Во време на побуната на ГОЧЕ бил во КАЈМАКЧАЛАН на ЈУЖНАТА страна на фронтот. Му се придружил на ГОЧЕ земајќи со себеси чета од герилци (со непозната јачина).
Последниве тројца се луѓе со понизок статус од АБАС, ТЕМПО и ДЕЈАН. Тие се амбициозни селани со одредена надареност за лидерство. Нивното движење не е значајно (побуна на селани), опасно е како симптом.
Се имам еднаш сретнато со ГОЧЕ (пред неговата побуна), а со ТУРУНЏЕВ И ПЕЈО никогаш.
(б) Воена сила
Се истакнува дека ГОЧЕ имал 500 вооружени луѓе во време на неговата побуна од кои скоро сите ги зел со себе. Се истакнува дека собрал 500 до 1 000 невооружени цивили од селата на пат за ПРЕСПА. Некои од нив ги собрал со сила, а други пристапиле доброволно. Исто така му се придружиле и од областа ПРЕСПА.
Со сигурност знам за постоењето на три бригади на МАКЕДОНСКИТЕ партизани под ТИТО/ТЕМПО. Тоа е јачината за која јас бев известен во јули. (Бригада во ЈУГОСЛОВЕНСКАТА организација е еднаква на 400 луѓе).
Така силата на про-МАКЕДОНСКИТЕ сили СЕВЕРНО од границата е 1700 или повеќе. Но јас би бил изненаден ако тие се нешто повеќе од тоа.
(ц) Односите меѓу андартите и партизаните
Тие обично беа добри, ако се иземат периодичните кавги предизвикани од партизанската пропаганда за слободна МАКЕДОНИЈА. Партизаните се многу поувежбани и агресивни и на андартите гледаат со презир како на кукавици.
Имаше несогласувања меѓу ЕЛАС-овиот 1 баталјон на 28 пешадиски полк и 1 и 2 бригада (МАКЕДОНСКИ) на партизаните во ВАПСОРИ во април. Командантот на ЕЛАС сакал да нападне комитско село и ги замоли партизаните да нападнат со него. АБАС беше таму во тоа време и одби. Подоцна тој му кажа на еден друг офицер и на мене дека тој би можел сите комитски сили да ги преорентира на страната на сојузниците со политички средства, ако тоа му се дозволи. Еден партизан ми кажа дека во тоа време партизаните можеле да влегуваат и излегуваат од комитските села сосема слободно; тие никогаш не биле нападнати или избркани.
За време на оваа посета на 1 и 2 бригада на ВАПСОРИ и областа, мал број од андартите преминаа на страната на партизаните. Сите тие се СЛАВОФОНСКИ андарти.
ТИТО секогаш презема послободна политика онаму каде дејствуваат неговите единици, отколку што е тоа случај со ЕЛАС. Тоа значи, АЛБАНСКИТЕ единици во склоп на ТИТОВИТЕ сили го употребуваат АЛБАНСКОТО знаме, АЛБАНСКИОТ јазик и имаат АЛБАНСКИ офицери; МАКЕДОНСКИТЕ единици МАКЕДОНСКО знаме (златна звезда на црвена позадина) и т.н. ЕЛАС од друга страна секогаш ги командува МАКЕДОНСКИТЕ единици со ГРЦИ што остава лош впечаток кај андартите СЛАВОФОНИ во ЕЛАС. Тоа прави тие да се чувствуваат исто како што се чувствуваат и цивилите, дека златното време најавувано од ЕЛАС/ЕАМ во кое СЛАВО-МАКЕДОНЦИТЕ ќе уживаат исти права и полна слобода е на крајот на краиштата само трговија; ГРЦИЈА ќе продолжи да биде нивен господар, ќе продолжи да ги исклучува од државните служби, од унапредувањето во војската и т.н.
(д) Неуспехот на СНОФ
СНОФ беше СЛАВОФОНСКА верзија на ЕАМ; што би се рекло ЕАМ (значи ГРЧКА организација) под СЛОВЕНСКО име водејќи ја својата работа на СЛОВЕНСКИ јазик. Буквите СНОФ значат "СЛАВЈАНО-МАКЕДОНСКИ НАРОДНО АНТИФАШИСТИЧКИ ФРОНТ" (Славјано-македонски народноослободителн фронт) (Не сум сосема сигурен за анти-фашистички). Во текот на летото кога ГРЦИТЕ станаа вознемирени од пропагандата за независна МАКЕ-ДОНИЈА и посебно поради партиската насоченост во ЕАМ, се исплашија дека би ги изгубиле ГРЧКИТЕ приврзаници, на сметка на ова, Н (за "народни") беше исфрлено и организацијата стана позната како СОФ. Денеска зборот СОФ е редок и дури не се слуша; ЕАМ е име кое се употребува дури и кога се зборува на СЛОВЕНСКИ.
Причината за промената на СНОФ (во суштина ЕАМ) беше да се нагласи СЛАВО-МАКЕДОНСКИОТ елемент во орбитата на ЕАМ. Маневрот беше половичен. Во почетокот СНОФ направи добра работа, отворајќи области кои доттогаш беа непријателски, не само спрема ГРЦИТЕ туку исто така и кон сојузниците. Благодарејќи на СНОФ, јас успеав да опстанам во потполно СЛОВЕНСКА област како што е таа на ВИЧО. Полека, како и да е, МАКЕДОНЦИТЕ ја изгубија довербата во СНОФ, почнаа да размислуваат- правилно -дека ГРЦИТЕ не се искрени во нивните уверувања и дека фактички ГРЦИТЕ се определени да останат доминантни; дека тоа е само уште еден трик. Тоа не значи дека СНОФ исчезна; го промени само своето име во СОФ и потоа во ЕАМ и денеска ЕАМ се уште ги контролира скоро сите села во кои што СНОФ имаше свое влијание. Но ентузијазмот на селата речиси исчезна и го замени движење во правец на независна МАКЕДОНИЈА; она што можеби ја прели чашата во недовербата кон ЕАМ беше мобилизацијата извршена од страна на ЕЛАС во август на млади луѓе како андарти; во СЛОВЕНСКА област тоа природно значи мобилизација на СЛОВЕНИ. Толку за слободата на СЛОВЕНИТЕ.
Паѓа во очи дека кога партизаните ќе организираат село т.е. ќе ги убедат дека мора да работат против ГЕРМАНЦИТЕ и фашизмот ќе обезбедат курири, стражари, 'Q' и служба за снабдување и т.н. или обично користејќи село организирано од ЕАМ, организацијата работи многу добро. ТРИГОНОН (Ошчима) 4265 е такво место. Селаните таму имаат прекрасен распоред за водење на партизаните, андартите или Британците преку патот кој е многу употребуван од ГЕРМАНЦИТЕ. Со системот на курири и стражи (просто работат на поле со нивните мотики или лопати изгледајќи сосема невино) тие би го пренеле секого по бел ден, низ село, дури иако ГЕРМАНСКИТЕ единици се улогорени само неколку стотина метри на периферијата.
(е) Улогата на грчката комунистичка партија
Во ФЛОРИНА213 највероватно во ноември, но не е сосема сигурно, тамошната КОМУНИСТИЧКА партија (која го контролира движењето како што контролира и се друго) дозволи претставници на ГОЧЕ да влезат од градот МОНАСТИР.
Веројатно ККЕ води комплетно опортунистичка политика. Ако МАКЕДОНСКОТО движење успее ККЕ ќе го поздрави тоа; а ако се покаже дека ќе доживее неуспех, ККЕ ќе биде прва која ќе го отфрли. Јас го нагласувам "прва".
6. ИДНИНА
Не може да има независна МАКЕДОНИЈА. Дури и ако некој го посакува тоа, како што јас тоа го посакувам, како право, теоретски гледано, дека би требало да постои, треба да се признае дека практично тоа е непожелно.
МАКЕДОНСКОТО воскреснување би било жестоко спречено од ГРЦИТЕ кои би востанале како еден од цела ГРЦИЈА за да го угушат. Практично барањето на СОЛУН ќе предизвика кај ГРЦИТЕ бес. Резултатот 6и бил крајно крвава војна од која ништо добро нема да произлезе.
Исто така присутен е и ПАН-СЛОВЕНСКИОТ аспект којшто е многу реален но кој јас не сакам овде да го коментирам.
Секако, границата на ГРЦИЈА помеѓу ПРЕСПА и КАЈМАКЧАЛАН мора да остане непроменета. (Јас ништо не знам за правото на ГРЧКИТЕ барања за Северен ЕПИР и јужната граница со БУГАРИЈА). ГРЦИЈА е веќе доволно сиромашна за да отстапи една од нејзините продуктивни територии што би ја направило уште посиромашна.
Во исто време, ако таа не биде доведена во незавидна ситуација од нејзиното МАКЕДОНСКО малцинство, и исто така во интерес на правичноста, таа мора добро да се однесува кон малцинствата, цврсто, но пријателски, без дискриминација. Јас не сум убеден дека ова ќе се случи. Но не е невозможно. Скоро е веројатно, но не е сигурно, дека МАКЕДОНЦИТЕ од преку границата - двајцата ТЕМПО и ГОЧЕ - порано или подоцна ќе направат вооружен обид за автономија или независност. Во текот на мај ТЕМПО во говорот во МОНАСТИР истакна дека тие ќе формираат слободна МАКЕДОНИЈА која ќе ги вклучи ФЛОРИНА и САЛОНИКА. На говорот беа присутни британски и американски офицер што остави лош впечаток и кај ГРЧКОТО малцинство во МОНАСТИР и кај многу жители на ФЛОРИНА кои се прашуваа дали тоа значи дека БРИТАНИЈА и АМЕРИКА ги одобруваат МАКЕДОНСКИТЕ барања.
Методот заговаран од ТЕМПО е плебисцит. Ако тој инсистира на тоа и тоа биде одбиено, тој веројатно ќе прибегне кон вооружено востание. Од друга страна, ако таков плебисцит слободно и чесно се одржи, повеќе е од веројатно дека резултатот би бил слободна МАКЕДОНИЈА.
Јас не верувам дека ТЕМПО соработува со "Комити" или било кој друг орган од бугарските националности; иако БУГАРИЈА сигурно е заинтересирана за формирање на одделна МАКЕДОНИЈА. Но јас не верувам дека тој соработува и со МАКЕДОНСКИТЕ левичари од БУГАРИЈА.
Слабоста на сегашната ГРЧКА влада и нејзината бавност во возобновувањето на авторитетот на Државата во ФЛОРИНА218 и областа сигурно дозволи МАКЕДОНСКОТО чувство да се изрази послободно отколку кога ситуацијата би била друга, и опасноста -бидејќи тоа е опасност - продолжува да расте.
7. ДОБИВАЊЕ ИНФОРМАЦИИ
Многу лесно е да се добијат информации за македонските настани, добиени од оној кој:
(а) ја познава земјата
(б) се наоѓа таму, а не овде
(в) внимателно ги проверува сите извештаи, гласини и т.н.
(д) претпазливо се однесува кон шпионите меѓу оние кои ги доставуваат информациите.
Исто така е од помош, речиси основна, да се зборува МАКЕДОНСКИ. Тоа ги охрабрува луѓето да зборуваат многу послободно. Овој извештај е многу долг. Тој исто така содржи мислења како и информации. Но јас порано или подоцна ќе си го дозволам тој луксуз, иако само за да си ги потврдам моите погледи. Уште повеќе, тоа е потребно за да се вклучат корисниците на извештајот во односната тема. Поради тоа што мислењата се добиени од искуство, со фактите со кои се среќавав, еднаш формирани, тие влијаат на селекцијата на самите факти при составувањето на извештајот. Така ниту еден извештај не е комплетен без краток опис на влијанието на оној што го пишува.
АТИНА (П. X. Еванс) Кап/етан/
1 дек/ември/44
(Белешки)
Крајно добар извештај.
И.С. Ласки
Ова е еден крајно интересен документ; за несреќа, материјалот за ова словенско население од Западна Македонија е страшен и практично е невозможно да се дознае повеќе од дадената информација.
Ако навистина е точно, по се изгледа дека македонските Словени се многу повеќе од занемарливо малцинство отколку што досега се претпоставуваше; тој исто така потврдува дека грчкиот став спрема нив, кој се чинеше дека е повеќе од занемарлив, во стварноста е многу груб. Како што произлегува од овој извештај патриотските чувства на македонските Словени се чисто локални, без разлика што тие во целост се незаинтересирани за политика, тие би можеле да останат во Грција воглавно како задоволно малцинство. Но поради тоа Грција ќе мора да ја промени својата политика; нејзината влада тогаш би требало да го признае тој народ како малцинство со посебни права, на пример, јазик, наместо досегашното тврдење дека не ја искористиле шансата за размена, дадена со договорот во Неј, тие индиректно се декларираат како Грци.
/…./220
13. I 1944.
Овој извештај е многу интелигентно напишан, интересен и информативен. Сосема е јасно дека од Србите доминирана Македонија има малку привлечност за Словените од областа Касторија, Флорина во Грција, за разлика од привлечноста која ја има идејата за единствена автономна Македонија во Југославија.
Судејќи според говорите на Ѓилас и Темпо од ноември и на Влахов, писмото до Папандреу, тогаш без сомнение изгледа дека се одобрени погледите на југословенските партизански лидери кои се заинтересирани за Македонија дека федералната единица Македонија може најмалку да се прошири со вклучување на словенски населените области на Грција. Но сепак партизанското собирање во Битола на 3 декември резултираше со тоа што последниве избраа комитет за раководење со борбата на Македонците во Грција.
Од друга страна имаме постојани повторувања и категорични декларации на Тито до бригадирот Маклин дека тој нема да им дозволи на своите потчинети да го потегнуваат прашањето за аспирации кон грчка Македонија и ќе стави забрана на публикувањето на таквите аспирации.
Приизлегува дека постојат две солуции за славофонската област во Грција. (1) сецесија на северо – западниот дел на Грција, вклучувајќи ја Флорина, Касторија и западниот брег на езерото Острово кон југословенска Македонија. Ако тоа би претставувало голема загуба за грчките интереси тогаш (2) би требало да се поправи грчкиот третман кон Славофоните. Оваа солуција би можела да биде многу успешна доколку постои економска привлечност во таа област и ако грчката влада дозволи британскиот и американскиот капитал да ги користат тие привлечности обезбедувајќи на тој начин вработување и увоз во таа област.
Интересно е да се види дека овој извештај ги потврдува сомневањата во грчките статистички податоци во извештајот на истражувачкиот оддел за Македонија (R 1009/1009/67 од 26. 8. 1944), пара/граф/ 12н белешка 1.
Лафен
16.I 1945
FО 371/43649 НР 00201 R 22039