Прејди на содржината

Британски документи за Македонија (1994-1945), телеграма 17

Од Wikibooks

ТЕЛЕГРАМА ОД ХОСТОН БОСВИЛ, ПОЛИТИЧКИ ПРЕТСТАВНИК НА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ВО БУГАРИЈА, ДО ФОРИН ОФИС

Г-дин Хостон Босвил. И. 4.06 п.м. ГМТ 24 ноевмри 1944.

Бв. 141. П. 6.15 п.м. БСТ 24 ноември 1944.

22 ноември 1944.

Да се повтори до Бари.

Канцеларијата на Ресмед.

Атина.

Во врска со телеграмата од Бари 6р. 1042.

Министерот за надворешни работи вчера демантираше дека постои било каков договор меѓу бугарската влада и Тито со ветување за враќање на пиринскиот дел на Југославија. Се што постои е договор од 5 октомври98 (мојата телеграма 6р. 15.)"

2. Кога јас го притиснав него за причината на постојаното циркулирање на македонското прашање во печатот (мојата телеграма бр.19 и подоцнешната кореспонденција), тој се воздржа од директен одговор, но се изјасни како што следува: три пати (во 1912 - претпоставувам тој мисли на 1913-1914 до 1918 и 1941) Бугарија влезе во Македонија со цел само да ги спречи незгодите. Таа влезе во Македонија по четврт пат во 1944 и повторно ја ослободи. Во секој случај, сега, генерал Апостолски како главен на македонската држава (според министерот за надворешни работи тој е Србин и бил мајор во регуларната југословенска армија) ја информира бугарската влада дека Народноослободителната армија е надлежна за преземање на југословенска Македонија, Според тоа бугарските трупи се повлекоа од неа. На тој начин Бугарите сега имаат добра шанса да излезат комплетно од Македонија. Таа сигурно нема да влезе во неа по петти пат. Оттогаш бугарската влада го смени ставот во однос на Бугарите во Македонија исто како што направи и француската влада со Французите во Канада.

3. Јас му напоменав дека бев изненаден со пишувањето на печатот за "политички претставници на Македонија (мојата телеграма бр. 115.); што тоа значи. Тој смеејќи се истакна дека Македонците формирале држава сами за себе со прикладна влада. Но според неговото мислење цела Југославија е во многу конфузна состојба. Неодамнешното собрание е фарса кое Терпешев, кој ужива да прави накитени говори, со големо восхитување го поздрави.

4. Што се однесува до идејата за Јужно-словенска федерација (во која и Македонија ќе биде дел) министерот за надворешни работи истакна дека пред такво нешто да се случи би било неопходно да се види кој со кого ќе федерира. Во сегашниот момент тоа не е воопшто јасно. Дури и идното уредување на Југославија не е решено. Тој навести дека се уште не е јасно што претставува самиот Тито и колкаво влијание може да има; и дека Србите може да му го оспорат раководењето.

5. Во текот на разговорот му ставив до знаење дека што се однесува до македонската агитација нема, според мене, "чад без оган". Како што ќе видите, во секој случај, министерот за надворешни работи многу вешто се вртеше околу главното прашање и јас мислам дека не е можно во сегашниот момент да добиеме (само со испрашување) било какви јасни сознанија за вистинскиот став на бугарската влада во однос на овој предмет. Единствено што тој навистина дефинира е тврдењето дека времето се уште не е дојдено за разгледување на тоа прашање.

Го молам Форин офис ова да го повтори до Бари како во случај со мојата телеграма бр. 3.

[Повторено до Бари со телеграма бр. 941]

(Белешки)

Протестот на министерот за надворешни работи за нивната невиност не ми звучи убедливо.

Сарџент

28 ноември

FО 371/43649 R 19301/1009/67