Прејди на содржината

Борбите продолжуваат

Од Wikibooks

Во Кумановската битка на српската страна имало 723 загинати, 3.441 ранет и 603 исчезнати.-Биле заробени 2.000 турски војници и запленети 61 топ, 6 митралези и големо количество муниција и друг воен материјал.-Пресудната улога на шесте илјади македонски четници.-Дипломатите го”ослободуваат# Скопје

Турскиот план за разместување на силите бил остварен во целост. Меѓутоа, предноста што ја имала Вардарската армија не била искористена. Утрото на 23 октомври српските извидувачи го забележале движењето на турската војска пред српските позиции, но поради маглата и слабите врски меѓу српските единици, не било утврдено дека е тоа турска војска. Во информациите на месното население немале доверба ниту, пак, му верувале на командантот на четничкиот одред дека тоа се турски сили. Командантот на 18. полк упатил два баталјона со задача да ги зароби, мислејќи дека се работи за мал број турски војници.

Во исто време и командантот на коњаничката дивизија (Арсен Караѓорѓевиќ) го упатил 3. коњанички полк кон Зебрњак, а 2. полк кон Голубица за да ја извидат состојбата. Тие се судриле со силна турска војска и се повлекле зад позициите на Дунавската дивизија од Првиот повик. Вториот баталјон на 18. полк ненадејно поради маглата се судрил со претходницата на 17. Низамска дивизија и бил целосно разбиен. Командантот на 4. баталјон од 18. полк самоиницијативно тргнал на помош, но и тој бил разбиен од 13. низамска дивизија. Тоа создало тешка криза кај Дунавската дивизија, бидејќи на позициите јужно од Куманово, кај Страцин се наоѓал само еден баталјон од 18. полк, а против него напаѓале две турски дивизии. Меѓутоа, турските сили не ја искористиле својата надмоќ.