Борбените дејства продолжуваат
Големите сили решиле да ја прекинат Втората балканска војна, особено поради злосторствата што сите војски ги вршеле врз недолжното македонско население.-И натаму поединечни и здружени меѓусебни воени судрувања
Борбата за територии во Македонија се водела со сите сили и средства и во сите области. По повлекувањето на турските сили, српската, грчката и бугарската војска ја распуштале во меѓувреме воспоставената месна власт и воспоставиле свои органи на власта. Како претставници на своите држави, тие го принудиле македонското население да се прикажува како да е од иста националност со органите што ја воспоставиле власта и како такви да испраќаат писма, анкети и апели, оти наводно сакале нивниот град и околијата да бидат присоединети кон соодветната држава.
На пример, селаните од Негорци, Гевгелиско, во текот на една недела трипати ја менувале својата национална и државна припадност. Тие биле принудени да испратат телеграма до бугарскиот цар Фердинанд дека се Бугари и дека бараат тој да ги присоедини кон Бугарија. Откако се повлекла бугарската, дошла грчката власт, па следела телеграма до грчкиот крал Ѓорги и на крајот била испратена телеграма со соодветна содржина до српскиот крал Петар.