Прејди на содржината

Бандата на Павлос Мелас

Од Wikibooks

Бандата на Павлос Мелас

Со смртта на Вангелис Стрембениотис и апсењето на Кота, грчката држава ја губи Западна Македонија и двајцата војводи-платеници, кои поминале во нејзина служба, по испраќањето на четворицата офицери. Овој настан, конечно завршува во полза на гледиштето на Папулас - Колокотронис, во нивниот спор со Мелас – Кондулис, во врска со организацијата на четите и начинот на водењето на антимакедонската борба.

Владата на Теотокис го прифаќа извештајот на Папулас за организирање мали вооружени одреди, составени од луѓе од стара Грција и Криќани – платеници на чело со грчки офицери и подофицери и калаузи (водичи) домородни гркомани. За да не се нарушат грчко-турските односи, Владата раководењето на операциите му го отстапува на новосоздадениот парадржавен Македонски комитет, формиран со таа цел во Атина и на неговиот претседател Димитрис Калапатакис, сопственик на весникот „Емброс“.

Калапотакис, во јули 1904 година, на чело на еден помал одред го поставува Тимиос Каудис. Овој одред се состои од западномакедонските поткажувачи на Кота, Симо Стојан и Павлос Киру, од Криќаните С. Зулис, И. Калогеракис, С. Клидис, Х. Лефкарудакис, А. Нистарие, С. Хазидакис, и од негушанецот И. Саманикас.

Истовремено Павлос Мелас, кој веќе е во судир со Каудис (и со П. Киру, со Симо, со Г. Диконимис и Г. Перос) поради предавството на Кота, организира и втор поголем одред.

Одредот на Каудис ја преминува границата на 18 август 1904 година со цел да пристигне во Корешта и во поширокиот регион. Мисијата е тероризирање на планинските македонски села помеѓу Костур и Лерин и задавање удар на организираното македонско автономистичко движење. Десет дена подоцна и додека се наоѓаат во шумите на Вич и Перецка, во Македонија влегува и одредот на Павлос Мелас (Микис Зезас), кој по укажување на Владата до Комитетот во Атина, во последен момент го презема водството на грчките групи во Западна Македонија.

Павлос Мелас е херој на грчката национална историја точно поради дејствата на неговата единица и неговата смрт во оваа мисија. Павлос Мелас во текот на неколку децении ќе биде симбол на грчкиот национализам во неговата антимакедонска политика. Станува збор, сепак, за еден мит што е конструиран и репродуциран од идеолошките механизми на грчката држава, мит што се базира врз историски факти, но и врз лаги.

Мелас бил потомок и зет на две општествено-економски и политички моќни атински семејства, кои го раководат грчкото национално движење во она време, а истовремено тој е и млад офицер од кариера. Но, кога ќе се преземе водството на грчката андартска борба во Македонија, тој ќе влезе во една ролја за која е неспособен да ја одигра така како што треба. Сентиментално зависен од својата жена и од својата непосредна семејна околина, човек со удобен живот и неизвежбан конте, Мелас не ќе се убеди ниту самиот себеси, како што ќе видиме, ниту, пак, своите борци дека е достоен за позицијата - војвода.

Последните и најзначајни денови од неговиот живот ја потврдуваат вистината на погоре кажаните зборови. Да ги регистрираме календарски овие моменти, карактеристични за овој човек.

САБОТА, 21 август (на грчка територија). Во писмо до својата сопруга пишува за војниците од својата група, кои ги смета за верни и многу ценети. Тоа се: Томас Лиондас од Кожани, Андреас Диконимакис или Барбандреас, Ник. Лукакис и Ломбринос Вранас од Сфакја, Танасис Кацамакас, стар ајдук од Диската. Од нив црпи, како што пишува, поголема смелост и самоувереност.

Претходната вечер платениците му се колнат во присуство на еден поп. Тој им зборува за нивната мисија со малку ударни зборови и им дава наредба да бидат избричени и потстрижени, заради задоволство на својата жена и на девојките (на своите балд’зи).

Еден негов пријател од Лариса, потпоручникот Хараламбос Луфас, го црта неговиот познат портрет – фотографија. Толку туѓо му изгледа неговата облека на војвода, што ќе искоментира: замисли колку би било комично и таква мака за мене, кога би се вратил без да постигнам ништо, да си го гледам својот образ толку огрден.

На крајот од писмото избувнува во силно плачење кога мислам на вас ми се лепат автоматски солзи од очите и течат, течат молчаливо и нешто ме задушува во грлото.