Апел до Македонците во Бугарија - 1944
АПЕЛ ДО МАКЕДОНЦИТЕ ВО БУГАРИЈА
ДРАГИ СОНАРОДНИЦИ,
Македонскиот народ водел и води епски борби за своето национално ослободување. Неговите најсмели и бестрашни синови непрестајно ја напаѓаа турската тврдина на феудализмот и деспотизмот. Ентузијазмот и самопожртвуваноста на Македонците создадоа херојска епопеја среде револуционерните борби на македонскиот народ – Илинденското востание во 1903 година.
Водени смело од идеолозите на македонската ослободителна борба : Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Даме Груев, Јане Сандански, Димо Хаџи Димов и плејада други борци, илинденци, ја направија бесмртна таа борба и го напишаа на страниците на национал-револуционерните движења најголемиот херојски подвиг. Ситуацијата во која беше подготвена, организирана и спроведена национал-револуционерната борба бараше цврста увереност и фанатична смелост. Турската власт, иако со јасни признаци на распаѓање, се уште беше силна да се пресметува со македонските борци. Владите на Србите, Грците и Бугарите, кои тогаш постоеја, како спроводници на хегемонистичката политика на Балканот, ги вкрстуваа своите стремежи за присвојување на македонската земја, за поробување и асимилирање на македонскиот народ. За да се отстрани таа опасност, македонскиот народ мораше да ја води борбата самостојно, со сопствени сили и средства, против глутницата шовинисти и завојувачи, управници на балканските држави. Меѓутоа, наспроти неблагопријатните услови, револуционерната енергија на поробените Македонци секогаш се наоѓаше во борбена готовност.
Од турското господство до нашиве дни, македонскиот народ постојано бил под ропство и постојано се наоѓал во борба за своето ослободување. Разгледувајќи го делото на македонската ослободителна борба во минатото, која најде херојски пример во Илинденското востание, ние Македонците се наоѓаме пред настани, судбоносни и големи.
Македонскиот народ преживеа тешки години на национален гнет. По почнувањето на сегашната војна, крвавиот фашизам, во лицето на Хитлерова Германија, вооружена до заби, со тајно и јавно содејство од бугарските и македонските фашисти, стреловито се насочи кон Балканот, а со тоа настапи и во нашата татковина Македонија и се натури со својот воен и полициски апарат. Македонскиот народ се најде во едно уште пострашно економско и национално ропство. Македонскиот народ беше газен, онеправдан и жестоко експлоатиран. Тој беше поставен во страшен мрак, насилство и потисништво. Народната мисла беше скована во железни вериги на најцрното мракобесје, а нејзините носители беа убивани на најнечовечен начин, или апсени и фрлени во затворите, или праќани во концетрационни логори. Се палеа имотот и покуќнината на населението, се применуваа инквизиторски средства воопшто, пострашни од оние во средновековјето.
Така во 1941 година во Македонија никна, како решавачка сила, Македонската народноослободителна војска, која славно ги продолжи традиционалните и историските борби на македонскиот народ против завојувачката политика на Балканот и во тесен сојуз со движењето на маршал Тито за да ги гради слободата на Македонија и нејзиното федеративно здружување со сите демократски сили на Балканот. Во тие услови во нашата татковина се создаде АСНОМ ( Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија ), како институција од највисока револуционерна и политичка вредност, прокламирајќи го основниот закон на Македонија, имено : целосно самоопределување на македонскиот народ.
Денес во Македонија е установена револуционерна народноослободителна власт, која функционира преку своите органи – Комитет на Народноослободителниот фронт.
Македонската емиграција во Бугарија водеше упорна и крвава борба во својата средина против агентите на фашистичката завојувачка политика. Со неа таа се редеше во борбите на бугарскиот народ против фашизмот и завојувачката политика и индиректно го потпомагаше борбите на македонскиот народ за слобода, која е невозможна без поразување на фашистичките клики на Балканот, сплотени во последно време зад Хитлерова Германија.
Драги сонародници,
Никогаш немало поблагопријатн услови за слобода на нашата татковина како денес. Хитлерова Германија, тоа страшилиште за слободата на народите, е пред разгром. Таа пропаѓа под притисок на славната Црвена армија, пред армиите на нејзините сојузници и борбите на сите поробени народи, под тежината на своите сопствени престапи. Хитлеровиот ѕвер е смртно ранет. Неговиот труп наскоро ќе биде ставен во дувлото што самиот си го подготви. Со залезот на хитлеризмот, се појасно се истакнува спасителнот лозунг на сојузниците : правото на национално самоопределување и слобода за внатрешно устројство на сите народи.
Денес небото на народите во Европа се разведрува. Народите на Европа се во здружена борба за доуништување на Хитлеровиот ѕвер, кој се наоѓа во агонија. Со тоа, правото на слободно постоење на народите е во рацете на самите народи. Денес Македонците жнеат победа по победа, во лицето на својата млада Народноослободителна војска. Првпат народите што се ослободуваат си подаваат братска рака за здружена борба против германските окупатори. Балканските народи се единствени во таа борба.Со разгромот на најопасниот непријател на слободата на народите, Хитлерова Германија, се распаднаа и се распаѓаат неговите поддржувачи: великобугарските фашисти, великосрпските хегемонисти, великогрчките, великоалбанските и македонските фашисти и сите нови слуги на Хитлеровиот фашизам. Во новосоздадената ситуација во цела Европа и на Балканот наш долг е да ја поддржиме револуционерната влада на Отечествениот фронт во Бугарија, пристапувајќи едновремено со тоа кон поддршка на револуционерната борба внатре во самата Македонија.
Сега, кога македонскиот народ се бори со оружје в рака, за својата слобода и самоопределување, со поддршка на проникливиот и гениален водич на балканските борби и забрзувач на ослободувањето на балканските народи – маршал Тито, и ние оттука се наоѓаме пред една железна неопходност, со оружје в рака, да се придружиме и пожртвуваме кон Народноослободителната борба за Македонија, борба што во сегашниов момент е во својот разгор.
Заедно со тоа, да ги исчистиме нашите емигрантски организации од нивните досегашни фашистички раководства и да ги доведеме во согласност со политиката на владата на Отечествениот фронт во Бугарија, која е единствена во порддршка на македонската борба за слобода.
Да живее Општобалканската народноослободителна борба, на чело со славниот водач маршалот Тито! Да жевее неразрушливиот Англо – советски – американски блок!
Да живеат славната и непобедлива Црвена армија и Сојузот на Социјалистичките Советски Републики – ослободители на поробените народи!
Да живее владата на Отечествениот фронт на Бугарија!
Смрт на фашизмот!
Слобода на народот!
Да живее слободна Македонија во нова Демократска Федератовна Југославија!
Горешт поздрав на македонската Народноослободителна вајска!
Софија, септември 1944 година
Потписници:
Д-р Павел П. Шатев
Божин Димитров
Иван поп Јорданов
Љубен Манолов
Христо Калајџиев
Георги Саракинов
Алаксандар Мартулков
Лазар Поповски
Д-р Христо Далкалачев
Д-р Христо Тенчов
Петар Шанданов
Пецо Трајков
Лазар Кр. Ашлаков
Туше Делииванов
Георги Динишев
Георги Деспотов
Ангел Динев
Крсто Гермов ( Шакир )
Филип поп Тодоров
Димитар Халваџиев
Иван Палејков
Никола Константинов
Д-р Лазар Божинов
Гоце Грков
Д-р Васил Христов
Борис Михов
Туше Влахов
Стефан Нанов
Михаил Герџиков