Прејди на содржината

Антрополошки карактеристики на населението на Македонија од неолит до среден век

Од Wikibooks

ЗАКЛУЧНИ СОГЛЕДУВАЊА

Предмет на текстот се антрополошките и палеодемографските карактеристики на населението на територијата на Р. Македонија од неолитот до доцниот среден век, како и антрополошките процеси на брахикранизација, динаризација и грацилизација на посткранијалниот скелет. Основа на анализата се 3300 индивидуални скелети, кои потекнуваат од 65 археолошки локалитети, откриени во периодот помеѓу 1950 и 1996 година.

Според хронолошката припадност скелетните наоди се поделени во пет групи: неолитски, скелетни наоди од II и I милениум пред нашата ера, римскиот период и средновековни скелетни наоди. При поделбата повеќе е користена апсолутната хронологија отколку културолошката детерминација. Тоа пред се се однесува на II и I милениум п.н.е. каде се собрани скелетни наоди од различни културно-хронолошки периоди.

Причината за ваква поделба лежи во малиот број на сочувани праисториски и протоисториски скелети (8% од вкупниот број на скелети и 7% од вкупниот број на измерени краниуми), при што најголем дел припаѓа на периодот од крајот на II до крајот на I милемиум п.н.е. Најголем дел од скелетите се инхумирани - 2877 (88% од вкупната серија).

Вкупниот број на измерени краниуми е 534. Во скелетните серии од крајот на II милениум п.н.е. до првите векови од нашата ера се јавуваат и кремирани скелетни остатоци. На овој погребен ритус му припаѓа многу помал дел од антрополошките остатоци во Македонија (околу 12%). Самата кремација како и подоцнежните неповолни физичко-хемиски влијанија на околната почва условуваат силна фрагментираност, некомплетност и деформираност на кремираните скелетни остатоци со што е оневозможена реконструкција на антрополошкиот тип. Овие наоди се вклучени само во палеодемографската анализа.

Антрополошки карактеристики на населението на Македонија од неолит до среден век

Антрополошките карактеристики на населението на Македонија во различни праисториски и историски периоди досега не биле предмет на проучување најмногу поради недостиг на скелетни остатоци, особено поради малиот број на скелетни серии.Со поновите археолошки истражувања, особено после осумдесеттите години откриен е значителен фонд на скелети од сите праисториски и историски епохи, освен палеолитот, мезолитот и енеолитот. Преку нив е возможно согледување на морфометриските карактеристики и антропотиполошката припадност на скелетните остатоци од различни хронолошки периоди и од различни краеви на Македонија.

Познавањата на неолитското население и понатаму остануваат преку скелетната серија од Анзабегово, позната во литературата од седумдесеттите години, преку текстот на авторите на анализата, унгарските антрополози Ј. Немешкери и Л. Ленѓел (Nemeskery J – L.Lengyel, 1976). Поновиот наод, детскиот скелет од Маџари-Скопје само ја потврдува неолитската пракса на погребување во рамките на населбата.

Скелетната серија од Анзабегово е широко хронолошки датирана. Го опфаќа целокупниот временски распон на неолитот: ран - доцен (6100 - 5000 г.п.н.е.). Антрополошкиот материјал од овој локалитет е многу слабо сочуван. Половина од вкупниот број на скелети се детски. Единствениот измерен женски краниум од овој период покажува мезодолихокранија и курвоокципиталија, ортогнат профил на лицето и мезоконхија. За телесната градба е карактеристична нагласена грацилност и средна телесна височина. За целокупната популација исто така е ќарактеристична нагласена грацилност и слабо изразен полов диморфизам, особено во карактеристиките на краниумите. Според заклучокот на авторите на анализата тоа е доказ за затвореност на оваа неолитска група низ подолг временски период без поголеми миграции. Антропотиполошкото определување на наодите од овој локалитет укажува на грацилниот медитерански тип.

  • * *

Слабата сочуваност на скелетниот материјал од Анзабегово оневозможува барање на аналогии со соседните области. Сепак останува констатацијата, веќе изнесена во литературата, дека неолитското население од овој локалитет претставува дел од големиот медитерански комплекс на неолитско население раширен на поширокиот балкански простор / Nemeskery J – L.Lengyel, (1976), Mikić Ž. (1981)/.

До поновите скелетни наоди од овој значаен период на човековата (пра) историја остануваат отворени прашањата на појавата на неолитското население на овој простор, неговото возможно формирање преку микроеволутивни трансформации на доцнопалеолитското население или евентуални миграции од некој друг простор.За антрополошките карактеристики на населението од II милениум п.н.е. сведочат скелетните наоди од четири археолошки локалитети од Повардарието.

Хронолошките рамки на наодите од овој период се 15 – 11 в.п.н.е. Освен серијата од Хиподром во која се јавуваат кремирани скелетни остатоци, сите останати се инхумирани. Просечните вредности на линеарните мерки и индекси на машките неврокраниуми од двете скелетни серии (Водоврати и Уланци) укажуваат на значителни разлики на мажите од овие два хронолошки и географски многу блиски локалитети. Неврокраниумите на мажите од Водоврати се просечно средно долги, тесни, мезодолихокрани, хипсикрани, акрокрани и еуриметоп, а од Уланци кратки, средно широки, брахикрани, хипсикрани, метриокрани и метриометоп. За разлика од групата на машки краниуми, женските краниуми од двата локалитета имаат многу повеќе сличности. Кај нив неврокраниумите се средно долги, средно широки и брахикрани. Единствениот делумно измерен женски фацијален скелет од Водоврати покажува средно широко, средно високо, мезопро-зопно лице и камерин нос. Телесната височина е средна кај мажите, а голема кај жените.

Просечните вредности на ширинско-должинскиот кранијален индекс, покажуваат значителна хетерогеност на населението од II милениум п.н.е. Кај мажите од овој период се јавува мезодолихокранија и брахикранија, а кај жените просечна брахикранија. Хетерогеноста е поизразита кај мажите од Водоврати.Процентуалната застапеност на категориите на ширинско-должинскиот индекс во вкупната серија исто така ја покажува хетерогеноста на скелетните наоди од овој период, но и претежната брахикранија. Во вкупната популација повеќе од половина краниуми се брахикрани, по зачестеност следи мезокранијата, а најретка е долихокранијата. Помеѓу половите постојат сосема мали разлики.

Според морфо-метриските карактеристики скелетните наоди од овој период припаѓаат главно на медитеранскиот и динарскиот антрополошки тип. Најбројната група на брахикрани краниуми со изразита планокципиталија, присутна особено во серијата од Уланци е претставник на динарскиот антрополошки тип.

Ултрадолихокраниот машки неврокраниум од Водоврати со многу голема должина и висина, многу мала ширина, изразитата хипсикранија и акрокранија, висок и испакнат окципут не е претставник на медитеранскиот тип. Поради недостаток на фацијалниот скелет не може да се изврши негово попрецизно антро-потиполошко определување.

Споредбата на просечните вредности на линеарните мерки и индекси на краниумите од Водоврати и Уланци со шест хронолошки блиски серии од Балканскиот Полуостров покажува извесни сличности помеѓу машките краниуми од Водоврати и краниумите од ист пол од пештерата Бездањача (Р. Хрватска). Оваа серија е хронолошки блиска (средна - доцна бронза), но сепак побројна од серијата од Водоврати. Брахикраните серии од Уланци (двата пола) и женската серија од Водоврати со изразито кратки, широки, брахикрани и планокципитални краниуми немаат паралели со другите серии од овој период.


  • * *

Во втората половина на II милениум п.н.е. на територијата на Македонија се забележани првите брахикрани краниуми. Од ова време е и најстарата појава на динарскиот антрополошки тип.

Антрополошките наоди од I милениум п.н.е. потекнуваат од шеснаесет археолошки локалитети. Најголем дел е од Повардарието, но за првпат се јавуваат наоди од Источна и Западна Македонија. Хронолошките рамки на серијата се 8- 3 в.п.н.е. Некрополите од кои потекнува скелетниот материјал се одредени во железното време, архајскиот, класичниот и хеленистичкиот период.

Најголем дел од скелетните наоди е од рамни некрополи и инхумиран. Скелетниот материјал од овој период е многу слабо сочуван. Најбројни се поединечни наоди или мали скелетни серии со неколку сочувани скелети, а од четири некрополи потекнуваат поголеми серии. Најбројни и најдобро сочувани се наодите од Дедели (Валандово) и Сува Река (Гевгелија).

Просечните вредности на линеарните мерки и индекси на машките неврокраниуми од Дедели и Сува Река имаат големи сличности. За нив е карактеристична средна должина, средна ширина, нагласена висина, брахикранија, хипсикранија, метриокранија и еуриметопија. Лицата се средно широки, еурипрозопни и еуриен со голема бигонијална ширина на мандибулата. Орбитите се мезоконхи, а носот камерин. Голема меѓусебна сличност имаат и женските краниуми од овие локалитети: кратки, средно широки, високи, со тесно чело, брахикрани, хипсикрани и стенометоп. Лицата се средно широки-широки, хипереури-еурипрозопни и еуриен-мезен. Орбитите се хамеконхи или хипсиконхи, а носот камерин. Поединечните наоди кои се главно од Скопје и околината, покажуваат и меѓусебни сличности и сличности со сериите од Дедели и Сува Река.

Големи разлики постојат единствено кај неврокраниумот од Требеништа. Черепот од Требеништа е со нагласена должина, тесен со средно широко чело, хипердолихокран и еуриметоп. Нема паралели во скелетниот материјал од овој период во Македонија.

Најголем дел од краниумите во I милениум п.н.е. е брахикран што е потврдено и со распределбата на краниумите во категориите на ширинско-должинскиот индекс. Во вкупната популација 71% краниуми се брахикрани, следи мезокранијата, а најретка е долихокранијата.

Помеѓу половите постојат одредени разлики. Брахикранијата е поприсутна кај жените, а долихокранијата воопшто не се јавува.

Споредбата на процентуалната застапеност на категориите на ширинско-должинскиот индекс покажува декаЈфетежната брахикранија од II милениум п.н.е. во овој период е уште понагласена, мезокранијата е незначително пониска, а долихокранијата е значително намалена.

Во споредбата со претходниот период просечните вредности на линеарните кранијални мерки и индекси (вкупна серија на краниуми) покажуваат извесни промени во овој период.

Кај машките краниуми во I милениум п.н.е. доаѓа до зголемување на сите линеарни мерки, а ширинско-должинскиот индекс се зголемува за безмалку една единица (79.3 - 80.1). Кај жените незначително се намалува должината на неврокраниумот, расте ширината, а висината се намалува. Ширинско-должинскиот индекс бележи пораст за повеќе од една единица (81.3 - 82.9).

Статистички значајна разлика на просечните кранијалните мерки и индекси, помеѓу II и I милениум п.н.е. е утврдена само кај машките неврокраниуми во најмалата ширина на челото, висинско-должинскиот и висинско-ширинскиот индекс.

Според просечната телесна височина мажите се во категоријата на средно високи (167.5 см) а жените во високи (160.3 см). Споредбата со претходниот период покажува намалување на просечната височина кај двата пола, кај мажите за околу 1 см а кај жените значително повеќе (4 см).

Според морфо-метриските карактеристики, пред се поради брахикранијата и помалку или повеќе присутната планокципиталија, најголем дел од краниумите од овој период е со динарска антропотиполошка припадност. Ретките мезокрани краниуми му припаѓаат на медитеранскиот антрополошки тип. Слабата сочуваност и недостаток на фацијалниот скелет на хипердолихокраниот неврокраниум од Требеништа оневозможува порецизна антропотиполошка определба.

Споредбата на просечните вредности на кранијалните мерки и индекси на двете мали серии од Македонија (Дедели и Сува Река) со вкупно единаесет серии на краниуми од Балканскиот Полуостров, хронолошки одредени во I милениум п.н.е., покажува највисоки неврокраниуми со најшироко чело во двете серии од Македонија. Со ретки исклучоци се и значително пократки, а вредноста на ширинско-должинскиот индекс е значително повисока кај двата пола. Разликите се особено големи во споредба со ранотракиските краниуми и двете серии од Грција.

  • * *

Во најголем дел од I милениум п.н.е. Македонија, конкретно Повардарието било населено со доминантно брахикрано, динарско население.

Во споредба со населението од истиот простор од претходниот милениум постојат големи сличности и на морфометриските и на антропотиполошките карактеристики.

Одредени разлики се забележани во кранијалните мерки и индекси, пред се пораст на ширинско-должинскиот индекс, потоа мерките на долгите коски, зголемување на робусноста (особено на хумерусот) и намалување на телесната височина. За разлика од претходниот период во I милениум п.н.е. значително е зголемена хомогеноста на антрополошките карактеристики.

Покрај малиот број на скелети од двата периода сепак е забележително дека не се утврдени статистички значајни разлики во најголемиот дел на следените краниот - и остеометриски карактеристики.

Антрополошките карактеристики на населението од римско време се познати преку скелетните остатоци од дваесет и два археолошки локалитети.Најбројни се наоѓалиштата од Повардарието. Доста се чести наодите од Источна Македонија, особено од североисточниот дел. Наодите од Западна Македонија стануваат побројни во овој период.

Хронолошките рамки на серијата се 2 в.п.н.е. - 5/6 век. Четири скелетни серии лмаат широка хронолошка детерминација, а најголем дел од другите серии е доцноантички (4-6 век).

Во вкупната серија од овој период се зголемува учеството на кремирани скелети. Две серии се со претежно или исклучиво кремирани скелети, а во биритуалните серии процентот на кремирани скелети се движи од 3 - 30% што не е реален податок за зачестеноста на кремацијата на некрополите, бидејќи најголем дел од кремираните скелети воопшто не е подигнат за антрополошка анализа. Прецизната хронолошка детерминација на гробовите извршена за дел од погребувањата од Западните некрополи на Стоби и Скупи, покажува дека кремацијата не била единствен начин на погребување во последните векови од старата и првите векови од новата ера. Дел од покојниците бил инхумиран. Во двете групи се застапени сите возрасти и двата пола, но сепак новороденчињата и помалите деца во тој период почесто биле инхумирани отколку кремирани.

Скелетниот материјал од овој период е главно слабо сочуван и некомплетен. По бројност се одделуваат сериите од Стоби и Скупи. Многу се помали сериите од Дебој и Опила, а од останатите локалитети потекнуваат сосема мали серии или поединечни наоди.

Просечните вредности на кранијалните мерки и индекси на сериите од овој период покажуваат кај двата пола претежно средно долги, средно широки и средно високи неврокраниуми со средно широко или широко чело.

Според вредноста на ширинско-должинскиот индекс постои групирање во две групи. Во побројната група се просечно брахикраните серии. Во две серии (Дебој и Скупи) се јавува просечна мезокранија. Според висинско - должинскиот индекс најзастапена е ортокранијата, кај жените и хипсикранијата. Фронтопа-риеталниот индекс покажува најчеста метриометопија.

Просечните вредности на линеарните мерки и индекси на фацијалните скелети се доста варијабилни кај двата пола. Сепак лицето е најчесто средно широко и средно високо, мезен. Просечните вредности на индексот на целото лице покажуваат значителна варијабилност од лепто до еурипрозопија. Орбитите се мезо-или хипсиконхи, а со подеднаква зачестеност се присутни сите три категории на назалниот индекс. Почестите брахикрани просечни вредности на сериите од овој период добро ја отсликуваат претежната брахикранија на индивидуалните вредности на ширинско-должинскиот кранијален индекс. Од вкупно 185 измерени неврокраниуми од овој период (вклучувајќи ги и поединечните наоди) 64% се брахикрани, 21% се мезокрани и 15% се долихокрани. Брахикранијата е почеста кај жените, а мезо-доли-хокранијата кај мажите.

Споредбата со претходниот период, покажува намалување на брахикраните краниуми за 7% и на мезокраните за 3%, но зголемување на долихокраните за 10% во вкупниот број на краниуми. Помеѓу половите постојат разлики. Кај мажите нема промени во присуството на брахикрани краниуми, но се намалува процентот на мезокрани, а се зголемува процентот на долихокрани. Кај жените постои позначително намалување на брахикранијата, мало зголемување на мезокранијата и нешто поголемо на долихокранијата. Во претходниот период воопшто не се присутни долихокрани женски краниуми.

Поголемиот број на наоди од овој период од различни региони на Македонија овозможува да се одредат и некои регионални разлики и во просечните вредности на ширинско-должинскиот индекс и во неговата процентуална застапеност.

Во Средно и Долно Повардарие (од Велес до Гевгелија) доминира брахи-кранијата според просечните вредности на сериите, но и според процентуалната застапеност со 80% од вкупниот број и приближно толку одделно по полови. Во споредба со претходниот период овде постојат сосема мали разлики. Долихокранијата е малку зголемена, мезокранијата и брахикранијата малку намалени.

Североисточна Македонија (скопско - кумановскиот басен и областа кон Крива Паланка) има хетероген состав со приближно еднакво учество од по една третина на сите категории на ширинско-должинскиот индекс. Средните вредности за целата област донекаде ја прикриваат поприсутната мезо-долихокранија во скопско - кумановскиот регион и почестата брахикранија на двете некрополи од околината на Крива Паланка.

Малубројните наоди од Западна Македонија според процентуалната застапе-ност од приближно една третина од сите категории на кранијалниот индекс имаат сличности со Североисточна Македонија. Споредбата на движењето на кранијалните мерки и индекси низ времето преку просечните вредности за одделни периоди покажува разлики помеѓу половите. Во римскиот период кај мажите постои намалување на повеќето линеарни мерки, а ширинско-должинскиот индекс се зголемува за една единица (80.1 - 81.1) во споредба со претходниот период. Спротивно, кај жените повеќето линеарни мерки бележат зголемување, а кај ширинско-должинскиот индекс постои незначително намалување (82.9 - 82.7).

Статистички значајни разлики со претходниот период постојат во најмалата ширина на челото (кај двата пола), фронтопариеталниот индекс кај мажите и двата висинско-должински индекси кај жените, потоа во мерките на орбитата и бигонијалната ширина на мандибулата кај жените.

Споредбата на движењето на мерките и индексите на долгите коски низ времето преку просечните вредности за периоди покажува намалување и најниски вредности на мерните карактеристики на фемурот кај двата пола во овој период. За дел од карактеристиките е утврдено дека промената е статистички значајна.

Според просечната висина и двата пола се средно високи (мажи 167.7 см), жени (157.9 см). Во споредба со претходниот период кај мажите постои незна-чително зголемување (0.2 см), а кај жените намалување од 2.4 см. Намалувањето на телесната височина на жените во овој период е статистички значајно. Кај жените се намалува и процентот на високи, а се зголемува процентот на средно високи. За прв пат кај двата пола се јавува и мал процент на индивидуи со низок раст. Во овој период е забележана најголема разлика во просечната телесна височина помеѓу половите од десетина сантиметри. Значително е зголемена во споредба со претходниот период кога изнесува 7 см.

Покрај нееднаквиот број на скелети од различни географски региони од Македонија кај кои е одредена телесната височина, сепак можат да се забележат одредени разлики. Просечно најниски индивидуи од двата пола се во Повардарието, највисоки мажи се во Западна Македонија, а највисоки жени во Источна Македонија.

На некрополите од римскиот период се појавува поголем број на антро-полошки типови во споредба со претходните периоди. Особено се зголемува бројот на долихокрани типови кои се најзастапени на некрополите на Скупи. На овој локалитет се издвојува група во која се присутни карактеристиките на нордискиот антрополошки тип. Во многу скелетни серии од овој период е присутен медитеранскиот антрополошки тип во робусна, грацилна и брахикраната варијанта. Од брахикраните типови е најчест динарскиот антрополошки тип.

Од овој период е и единствениот наод на веројатно вештачки деформиран краниум. Откриен е на Акрополата на локалитетот Жеглиговски Камен кај Куманово. Одреден е како доцноантички-раносредновековен. Невообичаената ширина која значително ја надминува должината на овој машки череп, ултрабрахикраната вредност на ширинско-должинскиот индекс како и нагласената планокципиталија укажува на вештачка деформација. Тешко е да се каже дали се работи за артифициелна (намерна) или случајна деформација.

Според просечните вредности на кранијалните мерки и индекси, машките краниуми од Скупи имаат доста сличности со голем број на серии од римскиот-доцноантичкиот период (Лангобардите од Крањ, Виминациум - Више Гробаља, Августа Трајана, збирната серија на римски краниуми од Грција итн). Стоби, со кратки, широки и ниски краниуми кај двата пола нема паралели со наодите од ова време.

  • * *

Првите поголеми промени во антрополошката структура на населението на теритиријата на Македонија, од крајот на II милениум п.н.е. од кога може да се следи континуирано, се забележани во римскиот период. Во овој период постојат промени во кранио- и остеометриските карактеристики, се јавуваат просечно мезокрани серии кај двата пола, се зголемува процентуалното учество на мезо-долихокранијата, има промени во телесната градба и телесната височина и се јавуваат нови антрополошки типови.

Интересно е што за најголем дел од овие промени не може да се докаже дека се статистички значајни. Причина може да биде нееднаквата големина на сериите од I милениум п.н.е. и римскиот период.

Скелетниот материјал од римскиот период е многукратно поброен. Меѓутоа доколку разликите навистина не се статистички значајни, а не последица на случајност, возможно е и друго објаснување. Имено, возможно е промените на населението да не биле доволно масовни да ја изменат структурата на домашното, автохтоно население.

За тоа има докази во некрополите на двата најголеми антички града во Македонија. Населението на Скупи е значително изменето во однос на малубројните наоди од претходниот период. Тоа не е случај со населението на Стоби кај кое се присутни во висок процент карактеристиките на населението од претходниот период.

Нагласената брахикранија нанаодите од североисточниот агол на Македонија (некрополите кај Крива Паланка), покажува сличности со населението од Долното Повардарие. Покрај малубројноста, недостасува и познавањето на населението од претходниот период на овој простор така да не може со сигурност да се тврди дека постои континуитетот со предримското население како што тоа е случај со наодите од Средно Повардарие.

Слично е со наодите од Западна Македонија, поточно од охридскиот регион. Мезо-долихокраната серија од Дебој покажува повеќе сличности со скопскиот регион отколку со наодите од Повардарието. Меѓутоа доколку предримското население на овој простор имало појака долихокрана основа, т.е. доколку хипер-долихокраниот неврокраниум од Требеништа не е само исклучок тогаш населението од овој простор исто така би можело да биде со појака автохтона основа. За да се тврди ова треба да се почекаат побројни и подобро сочувани скелетни наоди од двата периода.

Антрополошките карактеристики на средновековното население се следени преку скелетните наоди од дваесет археолошки локалитети. Како и во претходните периоди најбројни се локалитетите од Повардарието, сконцентрирани главно од Велес до Гевгелија. Се зголемува бројот на наоди од Источна и Западна Македонија, а за првпат се јавуваат скелетни серии од Пелагонија.

Хронолошките рамки на серијата се 7/8 -15/17 век. Во неа се застапени сите три средновековни периоди - ран, полн и доцен среден век. Раносредновековни (7-8 век) се три скелетни серии, од полниот среден век (до 12 век) се единаесет скелетни серии, а доцносредновековни се скелетните наоди од седум локалитети. Најголемата средновековна серија, Црквиште- Демир Капија е сместена во доцносредновековната група покрај тоа што има два слоја на погребувања (9 -12 и 14 -15 век) затоа што не е извршено прецизно разграничување на гробовите од различните слоеви.

Поради малиот број и слабата сочуваност на раносредновековните скелети (вкупно 27 измерени краниуми ), скелетните наоди од среден век се поделени во две групи: раносредновековна (до 12 век) и доцносррдновековна (после 12 век).

Во текот на анализата е утврдено дека не постојат антрополошки разлики помеѓу двете хронолошки одделни групи. Поради тоа антрополошките карактеристики на населението од овој период се прикажани за вкупната средновековна група од сите три периоди.

'Просечните вредности на линеарните мерки на машките краниуми од овој период покажуваат средно долги, средно широки и средно високи неврокраниуми со средно широки, средно високи цели и средно високи или ниски горни лица. Фацијалните индекси имаат најчесто мезопрозопна и мезен вредност, орбитите се мезоконхи, а носот мезо-камерин.

Просечните вредности на кранијалните индеки покажуваат доминантна мезокранија со исклучок на една брахикрана и една суббрахикраната серија. Висинските индекси имаат најчесто ортокрана и метриокрана вредност, но со голем број исклучоци. Фронтопариеталниот индекс е еуриметоп или метриометоп. Просечните вредности на линеарните мерки и индекси на женските краниуми покажуваат средно долги, средно широки и средно високи неврокраниуми со средно широки, средно високи или ниски горни лица. Фацијалните индекси имаат доста варијабилни просечни вредности. Покажуваат претежна мезопрозопија, мезен горни лица, мезоконхија или хипсиконхија и мезо-камеринија.

За разлика од мажите за кои во овој период е карактеристична просечна мезокранија, кај жените доминира просечна брахикранија или суббрахикранија. Две третини од сериите на женски краниуми имаат брахикрана или суббрахикрана вредност на ширинско-должинскиот индекс. Висинските индекси имаат ортокрана и претежно метриокрана вредност, а фронтопариеталниот индекс е најчесто метриометоп. Процентуалната зачестеност на категориите на ширинско-должинскиот индекс покажува доминантна мезокранија во вкупната популација. Блиску поло-вина краниуми од овој период се мезокрани (45%), следат брахикрани (37%) и најмалку долихокрани (18%).

Помеѓу половите постојат разлики. Кај мажите преовладува мезокранија (46%) а приближно подеднакво се јавува брахикранија (34%) и долихокранија (29%). Кај жените е најчеста брахикранија (47%), незначително помалку се јавува мезокранија (44%), а долихокранијата е застапена со само 9%. Големи разлики, во споредба со претходниот римски период, се гледаат доколку се спореди распределбата на краниумите во категориите на ширинско-должинскиот индекс.

Во вкупната популација постои големо опаѓање на брахикраните краниуми на 38%, што е најниска вредност во сите следени периоди и за првпат е под 50%. Двојно се зголемува процентот на мезокрани, кој со 45% претставува блиску половина од вкупниот број и за првпат е повисок од процентот на брахикрани краниуми. Најмалите промени се кај долихокраните. Нивното учество се зголемува само за 2% во споредба со претходниот период.

Помеѓу половите постојат одредени разлики. Во споредба со римскиот период кај мажите е зголемена долихокранијата за 7%, мезокранијата за 25%, а брахикранијата е намалена за 32%. Кај жените се намалува долихокранијата за 1%, се зголемува мезокранијата за истите 25% како кај мажите, но брахикранијата е помалку намалена (24%).

Споредбата на процентуалната застапеност на долихо-, мезо- и брахикрани краниуми во различни региони на Р. Македонија покажува одредени регионални разлики. Во Североисточна Македонија во вкупната популација се јавува низок процент на мезокрани (20%), а висок процент на брахикрани и долихокрани. Од сите региони, тука се најчести долихокраните со 34%. Во споредба со претходниот период овде доаѓа до значително намалување на мезокранијата, мало намалување на брахи-кранијата, а големо зголемување на долихокранијата.

Меѓусебна сличност покажуваат Средното Повардарие и Западна Македонија (охридскиот басен и Пелагонија) со најчестата мезокранија (над 50%), па брахикранија и низок процент на долихокрани краниуми (под 10%). Во споредба со претходниот период во Повардарието е зголемена мезокранијата за повеќе од двојно, а брахикранијата е безмалку преполовена.

Одредени географски разлики постојат и во големите разлики помеѓу половите. Утврдени се во Североисточна Македонија каде се јавува честа долихокранија кај мажите, а претежна брахикранија кај жените, и во Пелагонија каде има доста висок процент на долихокрани мажи, а воопшто не се јавуваат долихокрани жени.

Во Повардарието и охридскиот басен не постојат такви разлики. Со многу слични вредности во овие региони кај двата пола постои претежна мезокранија, значителна брахикранија и ретка долихокранија. Споредбата на просечните вредности на линеарните мерки и индекси на вкупната средновековна група со претходниот римски период укажува на значителни промени.

Кај двата пола постои зголемување на должината и висината, а намалување на ширината на неврокраниумот. Вредноста на ширинско-должинскиот индекс се намалува за три ериници (81.1 - 77.9) со што станува мезокран кај мажите, а суббрахикран кај жените (82.7 - 79.6) кај кои е ова прво паѓање под 80.0 во сите следени периоди од крајот на II милениум п.н.е.

Промената на мерните карактеристики е статистички значајна. Утврдена е кај најголемата должина, најголемата ширина, ушната висина (кај мажите и во basion-bregma висината), ширинско-должинскиот индекс, висинско-ширинскиот индекс и фронтопариеталниот индекс кај двата пола, како и во мерките и индексите на орбитата и носниот отвор.Споредбата на просечните вредности на мерките и индексите на долгите коски помеѓу римскиот и средновековниот период покажува зголемување и највисоки вредности за најголемиот дел на следените остеометриски карактеристики на хумерусот и фемурот во средниот век, кај двата пола. За најголемиот дел од промените е утврдена статистички значајна разлика, особено кај мажите. Просечната телесна височина во раниот среден век кај мажите е средно висока (168.6 см), а кај жените висока (160.6 см). Во доцниот среден век постои разлика од 1.3 см во висината кај двата пола со тоа што се зголемува кај мажите, а намалува кај жените (мажи -169.9 см, жени - 158.8 см). Споредбата на просечната телесна височина со римскиот период покажува зголемување во средновековниот период, кај мажите за 1.3 см, а кај жените за 2.1 см. Разликите се статистички значајни, кај двата пола. Во средниот век се намалува процентот на средно високи, а се зголемува процентот на високи, кај мажите за 11%, кај жените за 21%. Во овој период за првпат се јавува и мал процент на многу високи индивидуи кај двата пола. Како и во сите останати периоди, кај жените е значително поголема тенденцијата кон висок раст.

Споредбата на телесната височина во различни региони на Македонија покажува најниски жители во Источна Македонија. Поголема висина, кај двата пола, со слични вредности постои во Повардарието и Западна Македонија.

Во средновековните скелетни серии се зголемува бројот на антрополошки типови. Нема разлики помеѓу одделните средновековни периоди во појава и присуство на различните типови.

Од долихокраните типови најчест е медитеранскиот антрополошки тип со грацилна и робусна ватијанта. Робустен лептодолихоморфен (т.н. словенски) тип е присутен на најголемиот број некрополи. Нордискиот антрополошки тип е констатиран на малку локалитети во Македонија. Одредени кромањоноидни карактеристики се појавуваат на некои наоѓалишта во форма на ниски, правоаголни, камеконхи орбити, но не се следени со широки и ниски лица карактеристични за овој тип. Во некои серии спротивно, постои долихокранија здружена со еурипрозопни и еуримандибуларни лица, но не и со типични орбити. Од брахикраните антрополошки типови најчест е динарскиот антрополошки тип кој во некои серии е и доминантен. Во помал број на серии се утврдени и балтидите.

Монголоидни карактеристики се откриени на мал број на краниуми, најчесто женски, во неколку скелетни серии (помладата серија од Свети Еразмо, Дуње, Опила и Демир Капија). Присутни се во градбата на зигоматичните коски и нагласениот прогнатизам.

Споредбата на просечните вредности на кранијалните мерки и индекси на средновековните серии од Македонија со другите делови на Балканскиот Полуостров (Р. Словенија, Р. Хрватска, Р. Босна и Херцеговина, СР Југославија, Р.Бугарија Р. Грција и Р. Албанија) покажува пократки, пошироки, често повисоки неврокраниуми со повисок ширинско-должински индекс кај двата пола во сериите од Македонија освен во споредба со доцносредновековните брахи-хипербрахикрани серии на динарското население (Босна и Херцеговина, Хрватска) како и сериите од Грција (Мала Преспа) и Албанија.

Во најголем дел од сериите од Македонија лицата се со највисок орбитален (висока мезоконхија и хипсиконхија) и назален (висока мезоринија и камеринија) индекс, кај двата пола. Лицата се често пошироки, пониски со понизок индекс на горното лице.

Најголеми разлики на сите следени крарактеристики (антропо-морфолошки, остеометриски и антропо-типолошки), во споредба со претходниот, римски период, постојат во среден век. Промените на краниометриските карактеристики се присутни во продолжување и стеснување на краниумите, опаѓање на вредноста на ширинско-должинскиот индекс на мезокрана вредност итн. Промените јасно се гледаат и во процентуалната застапеност на категориите на ширинско-должинскиот индекс. Доминира мезокранија, брахикранијата е значително намалена. Се зголемува робусноста на долгите коски. Телесната височина бележи значителен пораст. На некрополите се присутни нови антрополошки типови - робусниот лептодолихо-морфен, поприсутен е нордискиот отколку во претходниот период, се јавуваат балтиди, а на одреден број краниуми постојат кромањоноидни или монголоидни карактеристики. Сите овие типови се широко присутни на најголемиот дел на средновековните словенски некрополи на балканскиот простор и пошироко.

За најголемиот дел од следените карактеристики е утврдено дека промените се во висок степен статистички значајни.

Населувањето на Словените донело промени кои можат да се документираат антрополошки.


Палеодемографски карактеристики на населението на Македонија од II милениум п.н.е. до среден век

Покрај антропоморфолошките карактеристики за секој период се одредени и основните палеодемографски карактеристики на населението (процентуално изразена смртност и просечен животен век). Следењето на овие карактеристики низ времето покажува сличности во најголемиот дел на скелетните популации, но и значителни промени во некои периоди.

Со ретки исклучоци процентуално изразената смртност има многу слично движење во сите периоди. Тоа се: висока смртност на помалите деца, опаѓање на смртноста кај повозрасните деца, понатамошно опаѓање во јувенилниот период, зголемување на смртноста во третата деценија (20-30 години), големо зголемување во четвртата деценија (30-40 години), највисока смртност во петтата деценија (40-50 години), големо опаѓање во шестата деценија (50-60 години) и многу ниски вредности во седмата деценија од животот. Во сите периоди смртноста на жените е повисока во адултниот период (20-40 години), а на мажите во периодот матурус (40-60 години).

Најголем број исклучоци постои во римскиот период. Процентот на детски и јувенилни скелети во скелетните серии од овој период е многу висок (35 -46 %). Интересно е што во најголемиот дел од сериите од овој период триесеттата година не ја доживеало повеќе од половина од вкупната популација (52-56%).

Споредбата на збирните серии од различни периоди покажува дека во овој период постои највисока смртност на помладите адулти, од двата пола (20-30 години). Единствено во овој период е.забележана повисока смртност на мажите отколку на жените во периодот помеѓу 30-40 години. Во категоријата адултус е забележан извонредно висок процент (40-50%) од вкупниот број на возрасни мажи и жени, со често повисок процент на машки скелети.

Интересно е да се спомне појавата на поголем број машки скелети забележана единствено во римскиот период. Сите скелетни групи од овој период претставуваат природни биолошки популации во кои се присутни сите возрасти и двата пола. Сепак извесното зголемување на бројот на машки скелети е можеби сепак резултат на вистинското поголемо присуство на мажи - војници, ветерани, трговци или припадници на административниот апарат.

Споредбата на движењето на просечниот животен век низ времето покажува значителни разлики. Највисок просечен животен век на вкупната популација од 40 години е забележана во II милениум п.н.е. Условен е од малиот, возможно и нереален број на детски скелети во сериите од овој период. Најголемо опаѓање од седум години е забележано кај населението од I милениум тн.е., кога паѓа на 33 години. Намалувањето е предизвикано од порастот на бројот на детските скелети и високата смртност на жените во јувенилниот период.

Понатамошното опаѓање од пет гадини и најниска вредност има во римскиот период (28 години). Ниските вредности се условени со високата смртност на деца и млади, но дополнително и со високата смртност кај двата пола во адултниот период.

Во средниот век постои покачување на вредноста на просечниот животен век за пет години, кога достигнува 33 години. Покрај високата смртност на деца во средниот век, покачувањето на просечниот животен век е предизвикано со зголемувањето на индивидуите од двата пола во периодот матурус. Просечниот животен век на мажите има доста високи вредности (над 40 години) во сите следени периоди. Највисока, многу слична вредност има во II и I милениум п.н.е. - 47 години. Влошувањето на животните услови во римскиот период повеќе се одразило на машкиот пол. Во ова време постои опаѓање од три години и најниска вредност на просечниот век на мажите забележана во сите периоди -44 години. Мало растење од една година има во средниот век.

Просечниот животен век на жените се движи околу 40 години во сите периоди. Највисок е во II милениум п.н.е. - 42 години. Најтешки услови за жените биле во I милениум п.н.е. Тогаш е забележано најголемо опаѓање од четири години и нај-ниска вредност во сите периоди (38 години). Во римскиот период постои покачување од три години (41 година), а минимално покачување од блиску една година постои и во средниот век.

Најголемата разлика во просечниот животен век помегу половите е во I мил.п.н.е. кога изнесува девет години. Во II милениум п.н.е. таа разлика изнесува четири години, а во римскиот и средновековниот период разликата е најмала (околу три години).

Споредбата на движењето на палеодемографските карактеристики низ времето покажува значително влошување на животните услови во римскиот период. Немирните и несигурни времиња, војните, варварските пустошења, природните катастрофи, земјотреси и поплави, епидемии, политичките и верски судири во овој период многу јасно се одразуваат во сите следени палеодемографски карактеристики.

За сето ова постојат докази и во палеопатолошките траги на скелетните наоди од овој период, што не е предмет на овој труд, но сепак впечатливо сведочи за радикалното влошување на животните услови. Голем број на бојни повреди предизвикани од оружје, како и честите фрактури на долгите коски откриени на Западните некрополи на Скупи и Стоби појаснуваат зошто дошло до намалување на просечниот животен век на мажите и зголемување на смртноста во периодот до четириесеттата година. Масовните гробови од Стоби во кои се присутни сите возрасти и двата пола, а во кои се откриени траги на насилна смрт покажуваат дека не биле поштедени ниту жените и децата.


Антрополошки процеси на територијата на Македонија

Покрај движењето на палеодемографските карактеристики низ времето направен е обид за следење на антрополошките процеси на брахикранизација, динаризација и грацилизација на посткранијалниот скелет од II милениум п.н.е. до среден век, период во кој е возможно континуирано следење на сегашниот степен на истраженост.


Процесот на брахикранизација

Феноменот на скратување на неврокраниумот е следен преку движењето на просечната вредност на ширинско-должинскиот кранијален индекс низ времето. Утврдено е рамномерно покачување на вредноста на овој индекс од приближно една единица, кај двата пола, во периодот од втората половина на II мил.п.н.е. до римскиот период и опаѓање за три единици во средниот век. Кај мажите вредностите низ периодите се: 79.3 во II милениум п.н.е., 80.1 во I милениум п.н.е , 81.1 во римскиот период и 77.9 во среден век, а кај жените, за истите периоди се: 81.3- 82.9 - 82.7 - 79.6. И за вкупната популација (мажи и жени) резултатите се многу слични: 80.3 - 81.3 - 81.8 - 78.7.

Одредени разлики помеѓу половите постојат во I милениум п.н.е. кога е забележан поголем пораст на ширинско-должинскиот индекс кај жените и особено во римскиот период кога кај жените доаѓа до минималмо намалување (0.2 единици). Освен тоа кај жените постои прилично рамномерно, бавно продолжување на краниумите низ времето, а рамномерно проширување од по 2 мм во секој период од II мил.п.н.е. заклучно со римскиот период. Такви рамномерни промени не се присутни кај машкиот пол. Обидот за споредување на процесот на брахикранизација на целиот балкански простор покажа одделување на брахикрано јадро на централниот и југозападниот дел од крајот на II милениум п.н.е. до крајот на римскиот период. Оваа територија е ограничена на север со Сава и Дунав, на исток со Бугарија а на југ со Грција. Во овие "периферни" области кранијалниот индекс во овој период има константно пониска (мезокрана) вредност. Исклучок е територијата на Р.Србија каде во римскиот период постои ниска, мезо-долихокрана вредност на кранијалниот индекс, а за I милениум п.н.е. не постојат доволно податоци.

Споредбата на процесот на брахикранизација во Македонија со соседните земји на Балканот покажува најголеми сличности со јужна (СФР) Југославија (пределите јужно од Сава и Дунав) и Р. Албанија. Сличностите со јужна (СФР) Југославија се во сличниот тек - зголемување на вредноста на индексот помеѓу 1000 г.п.н.е. и 0 година, опаѓање во средниот век и пораст кон рецентното население, како и во блиските вредности на индексот.

На територијата на Р. Албанија постојат слични брахикрани вредности низ поголемиот дел на споредуваниот временски интервал (крај на II милениум п.н.е.-рановизантискиот период). Разлика постои во самиот тек на процесот. Највисоката вредност на кранијалниот индекс во Албанија е во првата половина на I милениум п.н.е., потоа постои благо опаѓање и најниска вредност во доцна антика. Во Македонија спротивно низ целиот споредуван период постои постепено покачување на индексот од ниска брахикрана вредност при крајот на II милениум п.н.е до највисока вредност во римскиот период. Поголеми разлики постојат со северна (СФР) Југославија, Р. Србија, Р. Бугарија и Р. Грција пред се во значително повисоките вредности на ширинско-должинскиот индекс во Македонија низ целиот следен период.

  • * *

Следењето на промените на вредноста на ширинско-должинскиот индекс на територијата на Македонија покажува присутност на феноменот на брахикранизација и на овој дел на Балканот. Процесот е евидентен од крајот на II милениум п.н.е. до крајот на антиката. Присутен е кај двата пола, со сосема мали разлики. На територијата на Македонија го карактеризира рамномерно покачување на вредноста на ширинско-должинскиот индекс од околу една единица низ секој од следените периоди. Прекин постои во средниот век кога е забележано опаѓање за три единици. Интересно е што нема промени во доцниот среден век. Една од причините може да биде помалиот број краниуми од доцниот среден век (13-15 век). Најголем дел од оваа група (повеќе од половина) ја сочинуваат краниумите од Демиркаписката некропола која е всушност со долг век на користење (го опфаќа и полниот среден век). Возможно е оваа некропола да не е доволно репрезентативен претставник на доцносредновековното население.

Денешното население на Македонија е едно од најбрахикефалните на Балканот (просечно брахи-хипербрахикефално). Кога повторно започнало скратувањето на краниумите на оваа територијата на сегашниот степен на истраженост не може да се одговори. Треба да се почекаат побројни средновековни наоди, особено од доцниот среден век.

  • * *

Брахикранизацијата како еволутивен процес долго го привлекува вниманието на антрополозите. За причините на овој процес се изнесени повеќе претпоставки помеѓу кои најважни се: возможни влијанија на надморската височина и географската ширина на населбите, геоморфологија на почвата, начинот на стопанисување, исхраната, потоа социјалната диференцијација, возможна селективна улога на го-лемите епидемии на инфективни заболувања итн. /Martin R. – K.Saller (1959), Mikić Ž. (1981, 1984, 1988, 1990/а), Кондова Н. - С. Чолаков (1991) итн/.

Засега може да се утврди постоење и тек на процесот на брахикранизација на територијата на Македонија. Дискутирањето на возможните причини на овој процес бара посебна студија и значително би ги проширило зададените рамки на овој труд.


Процесот на динаризација

Со појавата на првите брахикрани краниуми во втората половина на II милениум п.н.е. се јавува за првпат и динарскиот антрополошки тип на територијата на Македонија. На двете некрополи од ова време постојат типични претставници на овој тип и во поединечните наоди (Водоврати) и како вкупна мала серија од исклучиво динарски краниуми од двата пола (Уланци).

Од првото појавување, динарскиот тип е широко распространет на некрополите во Македонија низ сите периоди до доцниот среден век.

На сегашниот степен на истраженост возможно е да се забележат одредени разлики на овој тип низ времето. Во I милениум п.н.е покрај нагласено широки и кратки краниуми кои се најчести на некрополите од овој период се јавува и мал број на високи, тесни и изразито планокципитални черепи. Поприсутни се кај мажите, особено во скопскиот регион. Во римско време се јавува кај мажите и во една нагласено робусна варијанта со масивна мандибула, екстремно робусна телесна градба и голема телесна висина. Во медитеранско-динарска варијанта е почест кај жените кај кои неврокраниумите се пониски, а планокципиталијата не е изразита. Присутен е на најголемиот дел на средновековните некрополи, а на некои и како доминантен антрополошки тип.

Една од најраните појави на динарскиот антрополошки тип е во неолитскиот период на Кипар (Хirotiris N.,1979). На балканскиот простор негова најрана појава е забележана во Бугарија во енеолитските скелетни наоди од Русе (Воev Р., 1972).

Првата појава на динарскиот антрополошки тип во втората половина на II милениум п.н.е. во Македонија се поклопува со неговата појава на територијата на (СФР) Југославија каде е констатиран во наодите од пештерата Бездањача (Р. Хрватска) во средно и доцно бронзено време (Mikić Ž, 1981).

Од овие први појави, динарскиот антрополошки тип е широко присутен во скелетните наоди на балканскиот простор низ сите периоди до рецентното население. Територијата на Македонија не е исклучок.


Процесот на грацилизација на посткранијалниот скелет

Феноменот на појава на полесна (пограцилна градба) на коските на пост-кранијалниот скелет е истражуван преку промените на просечните вредности на должината, пречниците, обемите и индексите на робусност на хумерусот и фемурот. Грацилизацијата на черепот не е испитувана поради малиот број на сочувани черепи (особено фацијални скелети) од праисториските епохи.

Добиените резултати се невоедначени. Сите следени карактеристики немаат исти промени (во некои периоди доаѓа до зголемување на едни, а намалување на други мерки), за двете коски се добиени различни резултати, а разлики постојат и помеѓу половите.

Кај хумерусот постои тренд на постојано, постепено зголемување на нај-големиот дел од следените карактеристики низ времето. Најмалите вредности се во II милениум п.н.е., а највисоките во средниот век. Во целина, во праисториските периоди машките хумеруси се пограцилни отколку во историските. Кај жените постојат одредени разлики особено во римскиот период кога е забележително намалување на голем дел од мерките на хумерусот.

Статистички значајна разлика постои единствено помеѓу римскиот период и средниот век кај поголемиот број на мерки на машките хумеруси и на мал дел на мерките на женските хумеруси во истиот период. Други резултати се добиени со следење на мерките и индексите на фемурот. Во текот на I милениум п.н.е. кај мажите е присутно зголемување на повеќето следени карактеристики, во римскиот период постои намалување и во средниот век повторно зголемување на сите мерни карактеристики. Највисоките вредности за најголемиот дел од споредуваните мерки и индекси се кај мажите во I милениум п.н.е и во средниот век, а кај жените само во средниот век. Најмали вредности на сите следени карактеристики кај двата пола се утврдени во римскиот период. Помали разлики помеѓу половите постојат во движењето на мерките и индексите на фемурот отколку на хумерусот.

Статистички значајна разлика е утврдена во голем дел од мерките во рим-скиот период и скоро сите во среден век.

Според фемурот може да се заклучи појава на грацилизација во римскиот период и појава на деграцилизација во среден век но не и според мерките и индексите на хумерусот. Кај оваа коска постои тренд на континуирано зголемување на робусноста низ следениот период.

Причина за добиените резултати може да биде малиот број измерени долги коски од праисториските периоди (на пример ниту еден измерен женски фемур од II милениум п.н.е.), како и несоодветната големина на некои серии (I милениум п.н.е. - римски период). Забележително е дека статистички значајни разлики не се утврдени помеѓу периодите од кои потекнува помал број на скелетни наоди. Освен тоа можеби е направен премал избор на следени коски. Можеби би требало да се вклучат сите или поголемиот дел на долгите коски, и да се пресмета просечно намалување или зголемување на мерките за целиот посткранијален скелет.

Сепак факт е дека се утврдени промени на мерките и индексите на коските на посткранијалниот скелет низ времето, за некои од мерките и во некои периоди со голема статистичка значајност.

Исто така е факт дека постои различен тренд кај двете коски, кај хумерусот постојано зголемување на робусноста, а кај фемурот појава на грацилизација во римскиот период и деграцилизација во среден век. Причината за овие разлики кај двете коски можеби треба да се побара во тоа што на двете коски не делувале подеднакво истите фактори или истите промени. Коските на раката би можеле да стојат под поголемо влијаније на професијата и секојдневната работа, а на коските на нозете покрај ова можеби би можело повеќе да влијае промената на животните услови. Појавата на пограцилни фемури кај двата пола во римскиот период е можеби поврзано со високоразвиениот градски живот. Најголемиот дел од скелетните наоди од овој период потекнува од големите антички центри во Македонија (Скупи, Стоби и Лихнид). Освен тоа не треба да се заборави и големото влошување на животните услови во римскиот период, констатирано преку промените на палеодемографските карактеристики.

Деграцилизацијата во среден век е најверојатно предизвикана со присуство на ново, поробусно население.

Засега може да се каже дека се утврдени промени на коските на посткра-нијалниот скелет низ времето. Промените не се рамномерни ниту кај двете коски ниту кај двата пола.

За причините може да се каже уште помалку. Потребни се посеопфатни проучувања на поголем број коски на посткранијалниот скелет и на поголем број скелети. Покрај познавањата на влијанијата на генетските фактори, неоп-ходни се проучувањата на влијанијата на околината, професијата, климатските услови, исхраната, физичката кондиција итн., како и нивните промени во одредени периоди.


Обид за историска реконструкција

Истражувањата на археологијата, историјата, лингвистиката и другите ис-ториски науки укажуваат на промени во материјалната култура, политичката историја и етничката структура во одредени периоди во Македонија. Тоа се големите миграции во праисториските и историските периоди, појавите на хеленизација во половината на I милениум п.н.е., романизација на преодот на старата во новата ера и славизација во втората половина на I милениум.

Што може да се заклучи за овие појави преку движењето и промените на антрополошките карактеристики на населението низ времето?

На почетокот на следениот период, последните векови од II милениум п.н.е., археологијата ги посочува последните бранови на големите праисториски миграции на балканскиот простор (егејските преселби). Скелетните наоди од овој период од Повардарието, кое е голема комуникација кон југ сосема спротивно укажуваат на претежно автохтоно балканско брахикрано, динарско население.

На нестабилно време, какво би требало да се очекува во времето на егејските преселби укажува хетерогеноста на малата скелетна серија од Водоврати од каде е и единствениот краниум кој со ултрадолихокранија упатува на туѓи елементи во антрополошката структура на населението од овој период. Сите останати припаѓаат на балканскиот, медитерански и динарски круг на население. На сегашниот степен на антрополошка истраженост, на територијата на Македонија нема траги на големи етнички поместувања во овој период освен извесни индиции за нестабилно време.

Првиот милениум п.н.е. е време кога можат да се следат Пајоните, една од најстарите палеобалкански популации на територијата на Македонија. Околу половината на овој милениум е констатирана нивната најголема моќ. Кон послед-ните векови на старата ера е забележано постепено губење на територии, на крај и политичката самостојност кога стануваат дел од Македонската држава.

Антрополошките карактеристики на Пајоните од Повардарието веќе биле предмет на проучување (Вељановска Ф.,1995). Тогаш е укажано на нивните разлики со истовременото илирско и тракиско, треба да се додаде и хеленско население. Новите наоди од претходниот и наредниот милениум, како и од други региони на Македонија овозможуваат сликата за Пајоните да биде донекаде проширена.

Сличноста на антрополошките карактеристики на пајонските скелетни наоди од I милениум п.н.е. со скелетните остатоци од двете некрополи од преодниот период, Водоврати и особено Уланци, упатува на заклучок дека Пајоните од По-вардарието од I милениум п.н.е. имаат свои претходници во нив т.е. дека пајонското присуство на оваа територија може антрополошки да се следи до последните векови од II милениум п.н.е.

За тоа колку далеку во минатото можат да се следат треба да се почекаат скелетните наоди од претходните праисториски епохи.

Освен во Повардарието, поновите скелетни наоди упатуваат на пајонско присуство и во скопскиот регион. Покрај тоа што се малубројни и поединечни, сепак на пет локалитети од овој период од Скопје и околината се повторуваат наоди на брахикрани, планокципитални, претежно динарски краниуми. Нивната голема антропоморфолошка сличност со наодите од Долно Повардарие укажува на најверојатна пајонска припадност.

Населението од охридскиот регион од овој период е и понатаму познато преку малата скелетна серија со еден измерен машки неврокраниум од Требеништа (Ѕ1еѓапас М.,1985). Според тогашните сознанија населението од оваа некропола е припишано на илирскиот етно-културен круг. Меѓутоа и авторот на анализата на оваа серија ги нагласува разликите помеѓу хипердолихокраниот неврокраниум од овој локалитет и едновремените скелетни остатоци на Илирите. Овој неврокраниум исто така не покажува никакви сличности ниту со истовременото пајонско население од Повардарието. Расветлувањето на етничката припадност на населението на овој регион ќе мора да почека нови, побројни и подобро сочувани антрополошки наоди.

Околу половината на последниот милениум од старата ера е забележана силна хеленизација на материјалната култура на територијата на Македонија т.е. усвојување на нова култура карактеристична за хеленскиот југ. Дали била следена со појаки промени на населението? Од вкупно 21 краниум од I милениум п.н.е. само два се од времето после 5 век п.н.е., конкретно од 4 - 3 век п.н.е. Двата краниуми не покажуваат никакви разлики со групата на постарите наоди (7-6 в.п.н.е.).

Посреден одговор на ова прашање нудат скелетните наоди од наредниот, римски период. На истиот повардарски простор населението на Стоби до длабоко во историско време ги има истите антрополошки карактеристики присутни кај праисториските скелетни наоди. Опстојување на исти антрополошки карактеристики до толку доцно време упатува на заклучок дека феноменот на хеленизација не бил заснован на појаки населувања на нови етнички (хеленски) елементи, но останал во доменот на усвојувањето на нова култура.

Први поголеми промени на населението се констатирани во римско време. Вклопување на оваа територија во границите на Римското царство не донело благосостојба, сосема спротивно, животните услови значително се влошиле. Според палеодемографските карактеристики ова е еден од најтешките периоди во историјата на територијата на Македонија.

Промените на краниометриските карактеристики, појавата на мезокрани серии какви не се забележани во претходниот период, зголемување на мезо-долихокранијата и особено појавата на нови антрополошки типови укажува на поголемо присуство на нови етнички елементи во овој период. Според тоа може да се заклучи дека феноменот на романизација не останал во доменот на политички и културни промени. Според сегашните сознанија може да се каже дека романизацијата не била подеднаква во сите делови на Македонија. Во северниот дел (скопскиот, возможно и кумановскиот регион) постои помасовно населување на нови етнички елементи за што сведочи значителна хетерогеност на населението. Засега е тешко прецизно да се каже кои биле точно населениците. Сличностите помеѓу Западната некропола на Скупи и некрополите на Виминациум, Августа Трајана и Лангобардската некропола од Крањ (која е хронолошки помлада) укажуваат на Романи со различно потекло.

Во Повардарието, првенствено стобскиот регион, овој феномен не е следен со големи етнички промени. Во доменот е на промената на политичката власт и усвојување на нова, римска култура. Најголемиот дел на населението на Стоби според антрополошките карактеристики е се уште автохтон, пајонски, без оглед што во тоа време Пајонија не постоела ниту како етнографски поим.

Освен тоа треба да се подвлече дека овие два града се наоѓале во различни римски провинции, Скупи во Горна Мезија, а Стоби во Македонија. Границата помеѓу овие две провинции поминувала северно од Велес што е воедно и границата на појава на претежно брахикрано и динарско население во овој период во Македонија.

Антрополошки добро документирана промена на населението во најголемиот дел на територијата на Македонија се случила во среден век.

Промените се забележани во сите следени антрополошки карактеристики. Просечните вредности на кранијалните мерки и индекси покажуваат продолжување и стеснување на краниумите и опаѓање на вредноста на ширинско-должинскиот индекс на мезокрана вредност, постои зголемување на процентуалната застапеност на мезокранијата, а значително намалување на брахикранијата. Се зголемува робусноста на долгите коски, а телесната височина бележи голем пораст. На некрополите се присутни нови антрополошки типови кои се констатирани на најголемиот дел на средновековните словенски некрополи на балканскиот простор.

Што може да се заклучи за антрополошкиот изглед на македонските Словени во средновековниот период на сегашниот степен на истраженост?

На прво место значителна хетерогеност присутна во сите серии, помеѓу сериите, одделно во рамките на половите, но и помеѓу половите. Славизацијата како био-антрополошки процес не одела брзо. Почетоците на овој процес засега можат да се следат после 9-10 век. За мажите е карактеристична и просечна и претежна мезокранија, за жените суббрахикранија и брахикранија. Има примери и за сосема различна припадност на двата пола во исти скелетни серии. Но поголема тенденција кон брахикранија кај жените на овој простор е присутна континуирано низ сите следени периоди.

На сегашниот степен на истраженост возможно е да се забележат и одредени регионални разлики и сличности помеѓу групите. Меѓусебна сличност покажуваат Повардарието и Југозападна Македонија (охридскиот басен и Пелагонија). Просторот на Источна Македонија има поголеми разлики во споредба со претходните два региони со најнизок процент на мезокрани, највисок процент на брахикрани и долихокрани, помала телесна височина и понагласена хетерогеност на населението. Не се утврдени разлики во антропотиполошката припадност на скелетните наоди од различни региони. Покрај значителната хетерогеност на словенските скелетни серии од Македонија веќе во овој период се имаат издиференцирано одредени антрополошки карактеристики кои укажуваат на разлики со соседните групи.

Споредба со едновремените серии од Балканскиот Полуостров, од кои најголем дел се словенски, укажува на пократки и пошироки неврокраниуми со повисок ширинско-должински индекс, пониски горни лица, понизок индекс на горното лице, со повисок орбитален (висока мезоконхија и хипсиконхија) и повисок назален индекс (камеринија) во скелетните серии од Македонија. Забележаните разлики во повисокиот ширинско-должински индекс, пократките и пошироките краниуми не треба да чудат доколку се има предвид нагласената брахикрана предсловенска (доцноантичка) основа на населението на овој простор. За нејзиното присуство сведочат и динарските краниуми кои се најдени во најголемиот дел од сериите од средновековниот период.

Следењето на антрополошките карактеристики на населението на Македонија низ време, од неолит до среден век овозможи запознавање на антрополошкиот изглед и палеодемографските карактеристики на населението во одделни периоди. Исто така укажа на постоење на антрополошките процеси на брахикранизација, динаризација и грацилизација на територијата на Македонија, кои веќе се констатирани во другите делови на Балканскиот Полуостров.

На сегашниот степен на истраженост може да се укаже на долг континуитет на егзистенција на палеобалканското пајонско население на овој простор, од крајот на II милениум п.н.е., во некои региони до длабоко во историските периоди. Засега можат да се утврдат одредени етнички промени во римскиот период и добро документирани промени на антрополошката структура во среден век условени со населувањето на Словените.

Со овој труд е собран на едно место целиот архео-антрополошки материјал од Македонија при што се покажа дека недостасуваат скелетни наоди од најстарите епохи (палеолит, мезолит и енеолит) како и најмладите периоди (16-19 век) кои се последната алка помеѓу минатите популации и современото население. Доколку сакаме да добиеме целосна антрополошка слика за населението на Македонија идните истражувања треба да се насочат првенствено на тие периоди.