Јане влегува во Солун

Од Wikibooks
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Силите на Јане Сандански во бројна состојба од 2.000 души биле организирани во еден одред.-Одред од 300 Македонци предводен од Сандански, заедно со бугарската коњаничка група на мајорот Цонев, на 28 октомври 1912 година влегол во Солун.-Свечен и шумен пречек од населението - македонско и грчко

Според военостратегиските планови на Бугарија и на Турција, на 18 октомври во 1912 година на територијата на Источна Македонија, по долините на Струма и на Места биле дислоцирани бугарската 7. дивизија, наречена Рилска, со правец на движење од Горна Џумаја кон бугарско-турската граница и понатаму кон Егејското Море, а на спротивната страна турската Струмска армиска група на Али Надир-паша, стационирана по долините на Места и на Струма, составена од 14. Низамска и од 8. Серска редифска дивизија, со задача да го спречи пробивањето на бугарската армија. Силите на Јане Сандански во бројна состојба од 2.000 души биле организирани во еден одред. Потоа одредот бил преформиран во чети и во седум оперативни групи.

Покрај овие, под раководството на Сандански се ставиле бројни формации на селската милиција и самоиницијативно формирани месни (селски и градски) чети. Во реонот меѓу Мелник и Свети Врач (денес Сандански) на војводата Александар Бујнов, му се приклучиле уште 400 мелничани и 300 души од Свети Врач и од селата Плоски и Поленице и околу 70 души од селата Хрсово и Капатово. Главниот оперативен штаб на силите на Серската организација го сочинувале Јане Сандански, како главен раководител, и војводите Тодор Паница, Александар Бујнов и Ѓорѓи Скрижовски. Овие сили во организацијата и извршувањето на борбените дејства биле целосно самостојни.