МАКС ВЕБЕР
Од Wikibooks
Како и Диркем, така и Вебер извршил големо влијание на многу области во социологијата. Вебер социологијата ја сфатил како наука „која сака да го разбере и протолкува дејствувањето на луѓето во општеството“. Според него, човековото делување има значење кое може да се разбере, за разлика од случувањата во природата за кои заклучуваме по пат на набљудување на факти и процеси, а притоа никогаш не можеме да проникнеме во нивната внатрешна страна. Така, на пример: Многу е јасно и разбирливо како една влада паднала, како се определува цената на пазарот, зошто избувнал штрајк, како војуваат примитивните племиња - зошто секој човек може да се проектира себеси во овие ситуации, да ги проучи вредностите, целите и желбите на луѓето кои учествуваат во нив да сочуствува. Но, за жал, кај човекот не постои внатрешно објаснение зошто паднал метеор и зошто течноста замрзнала. Човекот тоа го разбира како израз на една законитост, како нешто што му е дадено. Нескладот помеѓу традицијата и новото зазема голем дел од Веберовите истражувања, посебно неговото образложение во врска со настонокот на капитализмот. Поголемиот број од неговите дела се посветени на бирократијата која за него била доминантен модел на организација во неговото време. Иако верувал дека бирократијата е технички најефикасна форма на организација, тој бил загрижен од нејзината моќ затоа што, според него, таа ги дехуманизира односите меѓу луѓето. Тој сметал дека само поединецот кој умее да ја разбере културата, може да се вклопи во неа. Вебер, како и Маркс, бил макросоциолог. Верувал дека за да може да се разбере општеството и појавите во него, треба да се познава нивната еволуција и законитостите на социјалниот развој.