Итар пејо попот и алвата

Од Wikibooks

Служел Пејо кај некој си поп. Попот, како поп, често си правел алва. Арно ама, еден ден направил повеќе отколку што можеле да изедат со Пеја, та скоро половина им останала. За да не ја изеде Пејо останатата алва сам кога ќе излезе попот некаде по работа, овој намислил да го заплаши Пеја со нешто и му рече: - Слушај, момочко. Јас во алвата турив отров. Да не те лаже умот да каснеш без мене, зашто ќе се отруеш. Го викнале попот в црква да крсти, на гробишта да пее, да закопува некого, а Пејо останал сам дома и намислил да ја изеде сам алвата, сигурен дека никаков отров не турил попот во неа. А, за да може да се оправда пред попот и тој смислил една лакрдија. Како што цепеше дрва во дворот, стана ја скрши намерно дршката на секирата, отиде, ја изеде сета алва, и продолжи да цепи дрва со скршена дршка. Кога се прибра попот и виде дека алвата ја изел Пејо, почна да се кара и да го пцуе, а Пејо почна да му се правда: - Ја скршив, - вели, - дршката од секирата, и плашејќи се да не ме караш и биеш, решив да се отрујам, па затоа ја изедов алвата. Попот се насмевна, иако не му беше за смеење, и му прости на Пеја и за двете штети што му ги направи тој ден.