Балада за непознатиот – Кочо Рацин
Изглед
(Пренасочено од Балада за непознатиот)
- Натаму – в поле битолско
- чемрее врба проклета –
- под врбата незнаен гроб,
- в гроб лежи војник непознат.
- Лежи од војна световна,
- лежи – и веќе земјосал –
- силно го тага изела
- задека тука загинал.
- Никој крај него немаше –
- вишното небо врз него,
- земјата скришна под него –
- над гробот врба стушена.
- А таде – в гори зелени
- в сума гробишта лежеа
- делии – одбор јунаци
- за татковината паднати.
- В полноќ се над ним дрвјата
- од жалба силно свиваа –
- горските бистри езерца
- в силна светлина светеа.
- И од ним – самовилите
- една по една идеа –
- од гроб до гроб го дигаа
- јунак до јунак – на оро.
- И кога сите минеа
- покрај врбата стушена –
- делии се запираа
- незнаен брат си викаа:
- „Ја стани, море, јабанец
- на оро со самовили!
- зора се зори – петлите
- скоро ќе в село пропеат!”
- А тој од гробот тепкаше
- дума врз дума чемерна: –
- „Минете, браќа, врвете,
- Не сум ви лика – прилика!
- Кој умрел за татковината
- и за човечки правдини –
- каде вас, братко, не гинел,
- со вас до векот живеел.
- Вие му песна пеете,
- вие го со песна жалите –
- така се сите раѓате
- и така си умирате!
- А тука – зошто паднав ја?
- зошто ме куршум прониза,
- зошто ме земја притисна –
- за кого лудо загинав?
- Кажете, браќа, кажете,
- кажете – па поминете –
- мене ме ништо не дига,
- мојата смрт е – карасмрт!”
- Делии глави веднеа,
- немеа самовилите –
- тешко на тија, горко им
- така што гинат на војна!
- Немеа - туку петлите
- в селото веднаш писнаа -
- самовилите в горите
- с делии в раци лиснаа!
- Пусто остана полето,
- пусто зазори зората -
- чемрее в поле врбата,
- чемрее - тажи непознат.