Прејди на содржината

Проблемот на јазикот на македонците во трудовите на раната германска македонистика - Волф Ошлис

Од Wikibooks

ПРОБЛЕМОТ НА ЈАЗИКОТ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ТРУДОВИТЕ НА РАНАТА ГЕРМАНСКА МАКЕДОНИСТИКА

Волф Ошлис

„Во македонската држава како службен јазик се заведуе народниот македонски јазик“ гласи едната реченица (од две) на најбитната одлука на историскиот состанок во мaнастирот „Св. Прохор Пчињски“, 2 август 1944-та г.[1] Всушност, оваа реченица исто така ги маркира координатите на нашата наука, на македонистиката: „народниот јазик“ како основата, „службениот јазик“ како, речиси, надградбата од која истекуваат сите форми на поновата македонска писменост: административната комуникација, новинарството, книжевноста, лекискографијата итн. И секундарната последица на Прохор Пчињски е дека дури од тогаш ние, меѓународните македонисти, во целата длабочина и широчина можеме да се занимаваме со македонскиот јазик.

Меѓутоа, едно прашање притоа гласи, како нашите „предци“, поранешните македонисти, го гледаа и го третираа јазикот на Македонците. Одговорот ни дава бројни податоци за стручниот и личниот профил на оние што далеку пред нас ги истражувале приликите во Македонија. Тоа важи пред сѐ за Германците, кои порано од други се заинтересирале за Македонците и се занимавале со нив, иако повеќето од нив всушност немале ни слух ни осет за едноставниот факт дека живи луѓе го зборуваат својот жив јазик. Токму со оглед на македонскиот јазик, можеме да откриеме неколку различни типови кај раните германски Македонисти што беа активни на крајот на 19 и на почетокот на 20 век. Првиот тип е оној ефикасен, лојален и досаден германски чиновник што може добро да работи во која било земја, но секогаш останува, речиси, „дома“, значи, во тесниот круг на својот германски уред, клуб, пејачко друштво, крчма. Овој тип беше претежно присутен во редовите на германските наставници и свештеници што работеа во странство, на пример во Цариград[2] или Солун[3]. Тие знаеa дека Солун се наоѓа во Македонија, но тоа за нив беше сосема небитно. Битни беа службата во германското училиште, излетот со „железницата Салоник – Монастир“ за Струмица кон тамошните Германци, посетата во „Искиб“ кај „малата германска колонија“ и така натаму. Макс Брунау, пред Првата светска војна протестантски свештеник во Солун, во 1925 г. ја објави својата книга „Германците во Македонија“.[4] „Македонија“ беше за него „уредничката област на германскиот конзул во Солун под турската власт“, жителите беа „Бугари“, Илинденкото востание „бугарското востание“, а за македонскиот јазик Брунау ќе го каже следново: „Јазично се Бугарите и Србите толку блиску оти македонскиот бугарски јазик од двете племиња е прогласен како свој сопствен јазик со мали дијалектни промени, и затоа јазикот не е битен белег за луѓето“.

Еден сличен тип како Брунау, но далеку повлијателен беше Генерал-Фелдмаршал Колмар Вилхелм Леополд Фрајхер фон дер Голтц (1843-1916), долги години најголемиот советник на турскиот „аскер“. Од него ја имаме книгата „Излет низ Македонија“[5] од 1894 г.: еден туристички опис на Македонија, можеби малку над просекот на ваквите творби, но не премногу занимлив од македонистичка гледна точка. Неговите историски белешки – за Александар, Самоил, Борис, Душан и други – го покажуваат како доста образовaн човек, неговите политички белешки за „српската пропаганда“ во Македонија како внимателен набљудувач на положбата, но општо земено Словените, камоли Македонците, него воопшто не го интересираат – дури „Искиб“ за него е „еден чисто албански град“. Сосема спротивно мислење имаше – и пишуваше – Германецот Херман Вендел (1884-1936), 1912 г. Најмладиот пратеник во германскиот Рајхстаг (Парламент) и до денешен ден славен како најдобриот познавач на Балканот во Германија и западна Европа. Како изразит србофил, Вендел беше еден претставник на оној став што го изразил веќе сто години порано германскиот историчар Леополд фон Ранке и што гласи кај Вендел вака: „Срби, Хрвати и Словенци један су народ (...), ако Југословени нису један народ, онда нису ни Немци“.[6]

Штом Вендел го споменува „српскиот народ“, тогаш тоа секогаш на некој начин ја подразбира „водечката улога на Србите кај јужните Словени“, исто во односот кон Македонците, како што пишуваше тој во својата книга „Македонија и мирот“[7], објавена во 1919 г. За Вендел Србите навистина биле најсвесниот народ на Балканот – јунаци во војната, родени демократи во мирот - но, за жал, Србите, вели Вендел, биле долго време најомразениот народ во очите на големите сили, и затоа за Македонците секогаш беше покорисно сами да се декларираат како „Бугари“, без да имаат определено национално чувство за една ваква декларација; а самото декларирање, започнато без која било пробугарска определба, подоцна стануваше „постојана навика“. И (вели Вендел понатаму) „националната неопределеност на Македонците“ исто така се изразува во нивниот однос кон сопствениот јазик: Македонците не се ниту Срби, ниту Бугари – тие се (како и нивниот јазик) една развојна „предформа“ на Србите и на Бугарите, една мешаница од народот со една мешаница на јазикот што може да се развива, јазично и национално, во едниот или во другиот правец. Етничката самобитност на Македонците, макар подразвиена, е за Вендел неоспорен факт, и „под влијание на воспитанието, навиката и околината, тие лесно можат да се претворуваат во добри Срби или добри Бугари“. Но, најдоброто решение на „македонското прашање“ би бил еден „општобалкански сојуз“ во кој сите балкански народи слободно можат да ги развиваат своите природни можности и духовни способности. Ретроспективно гледано, ставовите на Вендел се еден вид политички романтизам, но токму како таков овој романтизам беше едно предизвикување за бројните „македонски“ друштва, клубови и.т.н. кои тогаш дејствувале во Германија и Австрија, постојано повторувајќи го официјалниот став на Софија, дека „секој што во Македонија е Словен, тој е Бугарин“. Имено, во оваа смисла дојдоа веднаш реакции на Венделовите публикации[8], кои не се интересни.

Една слична еманципација на Македонците како Вендел, значи, живот во рамките на една балканска федерација, бараше и Германецот Карл Штруп (1886-1940), денеска горе-долу заборавен, но во свое време еден славен правник, стручњак за меѓународно право, чие поголемо влијание на катадневната политика на државите му беше голем идеал. Една своевидна демонстрација на ставовите на Штруп е неговата книга „Правната положба на Македонците во Југославија“[9], 1929, објавена на француски јазик во Париз.

Во оваа книга Штруп тврди дека Македонците со оглед на нивна народност, религија и јазик не се Срби, и тоа тој го докажува врз основа на една фантастична историја на Македонците од античките времиња, сѐ до современоста. Предноста и истовремено слабоста на книгата е дека сѐ што пишувал Штруп, на некој начин го црпел од други автори, и во тој однос тој бил работлив до крај, давајќи му на читателот еден опсежен преглед на дискусиите што тогаш биле во оптек. Но, така тој го избегна децидниот одговор како е тоа со јазикот на Македонците. Притоа, тој беше повеќе или помалку наклонет кон претставата дека јазикот на Македонците е многу сличен на бугарскиот јазик. Притоа, тој опсежно го цитира германскиот романист и бугарофил Густав Вајганд (1860-1930), од кого знаеме дека за него воопшто не постоел никаков „македонски“ јазик, туку само бугарскиот јазик – со „единствента разлика на акцентот во централно-македонските дијалекти“.[10] Меѓутоа, со јазичниот аспект Штруп всушност не се занимаваше, бидејќи неговиот став кон „македонското прашање“ беше дека Македонците „во смислата на договорот за малцинствата од 19. септември 1919 г. се едно етничко малцинство“, со оглед на нивното „национално чувство“ (le sentiment national), дури еден „македонски народ“ (le peuple macédonien). Најдобро решение би било, според Штруп, една „независна македонска држава“ (un État indépendant macédonien) или „една федерална југословенска држава што ги опфаќа различните елементи на денешното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците, на Македонија и на Бугарија, со исклучок на Грција“. Сите овие публикации имаат своја вредност, веќе поради своите бројни фусноти и долги списоци на цитираната литература – читај ја едната и познавај ги другите. Можеби, тие денеска можат да служат како повод или поттик за една од наредните научни дискусии да се занимаваме со улогата на бројните филства и фобства со кои беше дискутирано таканареченото „македонско прашање“. Поголема беше вредноста на малкуте публикации што воопшто не се грижеа околу политичките аспекти, туку просто рекоа дека Македонците зборуваат македонски, кој е рамноправен јазик во семејството на словенските јазици.[11] Еден таков автор беше германскиот географ Карл Естрајх (1873-1947), кој ги опишувал Македонците и нивниот јазик на начин што понекогаш гласи како некој препис на Крсте Петков Мисирков.[12] Или германсиот славист Алфонс Маргулиес (1897-1928), за кого политичките аспекти „не припаѓаат пред форумот на науката“, бидејќи самобитноста на македонскиот јазик не само што е неспорна, туку и лесно разбирлива штом се сеќава на јазикотворното влијание на „конзервативната“ Охридска книжевна школа.[13]

И најсетне, германскиот географ Леонард Шулце Јена (1872-1955), кој во својата книга „Македонија – Сликите од пејсажот и културата“ (1927) ги отфрлил сите напори однадвор да ги подели Македонците според етнички, јазични и други критериуми за да им се досудува припадноста на некоја друга народност.[14] Шулце Јена не само што велел дека Македонците имаат сопствен јазик, туку го внел тој јазик во долгите списоци со зборови – дури до зборовите како ќепенец, пенџере, ѕиври и многу други што со време фатиле доста „патина“. Со други зборови: многумина чекореле пред нас, но ние, современите македонисти, знаеме дека не вредат сите подеднакво. Ние ги следиме тие што го нашле вистинскиот пат.

Наводи

[уреди]
  1. Христо Андонов-Полјански (ур.): Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том 2, Скопје 1981, стр. 594
  2. Fritz Braun: Die deutsche Schule zu Konstantinopel, во: Die deutsche Schule im Auslande 1903, стр. 405-411
  3. August Sigmund. Bericht der Deutschen Schule in Salonik über das Schuljahr 19077/1908, во: Die deutsche Schule im Auslande 1908, стр. 464-475
  4. Max Brunau: Das Deutschtum in Mazedonien, Schriften des Deutschen Ausland-Instituts Stuttgart, Kulturhistorische Reihe Band 15, Stuttgart 1925
  5. Colmar Freiherr von der Goltz: Ein Ausflug nach Macedonien – Besuch der deutschen Eisenbahn von Salonik nach Monastir, Berlin 1894
  6. Херман Вендел: О Југославији, Италији, Албанији и Немачкој, Београд 1921, стр 15
  7. Hermann Wendel: Makedonien und der Friede, München 1919
  8. Die Makedonische Frage – Eine Antwort an Hermann Wendel, Wien 1927
  9. Karl Strupp: La situation juridique des Macédoniens en Yougoslavie, Paris 1929
  10. Gustav Weigand: Ethnographie von Makedonien, Leipzig 1924
  11. Волф Ошлис: Од историјата на германското научно интересирање за Македонија, во: Историја бр. 1-2/1994, стр. 31-41
  12. Karl Oestreich: Die Bevölkerung von Makedonien, во: Geographische Zeitschrift бр. 5/1905, стр. 268-292
  13. Alfons Marguliés: Historische Grundlagen der südslavischen Sprachgliederung, во: Archiv für slavische Philologie 40, 1926, стр. 197-222
  14. Leonhard Schultze-Jena: Makedonien – Landschafts- und Kulturbilder, Jena 1927