Постерот наречен Човек
Полудена магнетна игла
[уреди]Сѐ уште актуелниот мит за познатиот бермудски триаголник најчесто зборува за тоа дека во тој простор се случуваат работи кои тешко можат да се објаснат. Сомнителните сведоци и непотврдените преживеани учесници на таа мистериозна драма на природата кажуваат дека таму настапува вистински хаос во навигационите инструменти, а пак магнетната игла ја зафаќа хистерична паника. Претпоставка е дека доаѓа до некој „судир“ на магнетните сили, а компасот пак „не знае“ според што да се владее.
Книгата ПОСТЕРОТ НАРЕЧЕН ЧОВЕК од младите писатели Елена Терзиева и Горан Стојанов нуди една таква, глобална слика на светот чија матрица се наоѓа во сликата на бермудскиот триаголник. Митот и легендата дејствуваат како стварност. Историјата во најопшти, несредени и кроки-потези се претставува како актуелна стварност, а пак иднината не се разликува од некоја хипотетична или потврдена историја.
Можеби веќе забележува читателот дека избегнуваме категорично да го определиме жанрот на ракописот од нашите двајца млади автори. Условно речено, се работи за проза, но таа проза на очигледен начин не соочува со сѐ поизразената хипотетичност на каква и да е класификација кога станува збор за современата литература. Обично е да се среќаваат лирски пасажи во наративаната структура на некое современо дело, како што поезијата воопшто не се одкажува од „прозни признаци“. Исто така, обично е да се користи техниката на филмот мотажата и колажот во современото разкажување, од што следува дека традиционалната представа за прозниот исказ е само оперативен термин кој нема некоја поособена поткрепа во самиот материјал – литературата. Посочените специфики се особено важни за авторите на книгата Постерот наречен човек. Веќе првиот кандидат нѐ соочува со постапката на скокови. Раскажувањето не признава последователност но, исто така, не се заснова и врз познатите принципи на симултано прикажување на времето според некој систем, односно на мешањето на објективното и субјективното (вкрстување на дескриптивна наративна едница со внатрешниот монолог) – постапка, која има определена верификација во нашата повоена литература. Станува (првенствено) збор за прикажување некој маркантни секвенци како од митологијата така и од историјата кои се комбинираат без некои надворешни белези на каузалност, што не значи дека не ги поврзува некоја внатрешна кохеренција. Кохезиониот агенс на раскажунањето ние ќе го назначиме како експлозија, големото бум или големото бенг како што велат младите писатели. Со тоа големо бенг, со делењето на нештото од ништото, на светот од хаосот го започнуваат тие своето раскажување. Таа експлозија е нивниот почеток на светот, но самата постои како една потенција на сѐ што е материјално историја и иднина не без извесна сигурност може да се каже дека експлозијата е темелна карактеристика и на светот и на човекот во нивната престава. Таа може да биде физичка, метафизичка, сетилна, еротска, спиритуална, вербална, видлива, невидлива, слушна и нема - со еден збор, светот се идентификува како експлозивен феномен и експлозијата е метонимија на космосот. Сѐ е затегнато, напрегнато, магнетизирано и концентрирано како пред некое драматично финале: атмосферата на овие кроки-митови или негативни митомании е атмосфера на темпирана бомба. Недостига секунда за да биде разнесен и овој свет во неговите идеали, странпатици, клања, илузии, демагогии, религиозни верби во „светлата иднина“, сомнителни правди и несомнени неправди.
Како се пуши луле на мирот? За да се пуши луле на мирот треба да изполнуваш еден услов: да бидеш паметен човек. Затоа толку ретко се пуши луле на мирот – порачуваат нашите млади писатели во својата необемна книга на еден несомнено ироничен начин, а иронијата е основниот тон на нивното раскажување. По ист начин тие ја редуцираат сликата за лудистичката екстаза на римските патриции: кај нив нема огорченост поради очигледаната престава за декадентност на една високо развиена цивилизација каква што била римската (огорченост е, заправо, носталгија поради падот) ами негација на митот за успешниот свет, за земниот рај преку зборовите на некој анонимен плебеец кој кажува дека, за него, најголем настан во колосеумот бил оној кога пастувите почнале да ги силуваат најиздржливите римски курви. Не поинаку звучи и една секвенца од нашата (на човештвото) блиска историја: Берлин, Берлин, мајне либе Марлен, Берлин, Берлин(...) како гадно не излажаа тогаш. Не може сосем јасно да се определи кој го зборува тоа, но очигледно е дека тоа што го зборува е кажано по човечка мера која, обично, се разликува од тонот, тактот и стратегијата на некоја или која и да е идеолошка мера.
Предполагам дека читањето на оваа книга може да се одвива и поинаку: како стимулиран дефетизам, како загубена ориентација, како ѓаволштилак, како мазохистичка негативна свест, како плукање по лебот во името на чоколадо в уста но, исто така, јас сум уверен дека од сето тоа по нешто влегува во сензибилитетот на сегашниот млад човек. Тој има право не само да им аплаудира на своите постари, ами и понекогаш да ги прашува, како што има право, покажувајќи го својот занес кога го водат за рака во човечкиот бестијариум, да го покаже и својот бес кога се враќа оттаму.
Отвореноста и смелоста - тоа се две својства кој мене особено ме привлекуваат во ова раскажување.
Атанас Вангелов
РАСПРОДАЖБА НА ЧУСТВАТА
[уреди]Купувајте ги книгите и читајте ги! Во нив ќе ги најдеш сите животни вистини и лаги. Ќе дознаеш колку добар трговец е животот и на кој начин, и покрај сите химни посветени нему, на крајот многу успешно ве продава на смртта.
Престанете да зјапате во светлечките реклами:
„Во секој момент свежо овошје“
„Кај нас имате голем избор на модерен намештај“
„Овде се продаваат надгробни споменици во секаква боја и големина“
„Се сеќавате ли, во нашава болница си го купивте животот, овој пат, по намалена цена, ви нудиме смрт“
Одморете се малку меѓу две купувања и купете книги. Купете ги поетовите чуства, навлезете во нив, не дозволувајте наместо вас тоа да го стори правот!
НАМЕСТО УВОД
[уреди]Еден наш другар, во својата соба направи интересен постер.
Наместо лица на познати музчки и филмски ѕвезди, тој залепи лица на обични луѓе од различни времиња, различни континенти, различни возрасти и го нарече ЧОВЕК.
Некогаш, не некогаш, но не ни никогаш, значи еднаш кога времето сѐ уште не било родено, постоело само ништо, огромно ништо. Ништото не било раѓано оти отсекогаш постоело. Но не било ни старо, оти не било ништо друго освен ништо.
Неговата безконечност била исполнета со страшна монотонија, глупава и стушена. И не можејќи повеќе да ја издржи досадата, ништото експлодирало. Станало нешто и сега имало кој да ја чуе големата експлозија. Настанал просторот, а со него и времето. И тогаш огромните огнови почнале да бегаат од местот каде што се родиле. Тие се ширеле сѐ повеќе и повеќе низ вечната космичка тишина. Некои се здружувале, а некој продолжувале сами. Граделе огромни спирали, елипси и кругови. Оние со помалку фантазија се задоволувале со несмасни, ладни, грутчести форми.
Времето и просторот плетеле џиновска мрежи и во нив ги ловеле ѕвездените творби. Мрежите ги скривал мракот, а тој повремено бил раскинуван од големи светкавици. Тие го дереле, а тој не знаел дали да продолжи да се шири или да почне да се скрива во себе.
И така огромното нешто се создало од огромното пак е осамено. Можеби некаде постојат браќа и сестри? И тоа брза во сите правци одеднаш, со очајнички страв дека можеби никој нема да ги најде. Некогаш можеби ќе заборави каде тргнало и вечно ќе талка и ќе бара. Но, чекањето може да му ја скрши вербата и нештото да се врати назад во ништо за кога ќе му досади, пак да експлодира во нешто.
Во ограмното пространство на вечната тишина, во еден мал зафрлен кат, светка една мала ѕвезда со повеќе од скромен сјај. Слабите зраци плашливо ги пушта низ мракот од кој многу се плаши и сака да го ублажи. До себе стега девет мали планети и постојано ги пребројува од страв да не изгуби некоја.
Една од нив е многу немирна. Досадата си ја разбива со огромни молњи и огнени дождови. Интересно ѝ е да си ја боцка кожата со вулкански ерупции. Прави црни облаци од кои непрекинето врне дожд. Водата се слева во барички и пак се крева зовриена од топлата кожа на планетата. Ѕвездата почна да се лути од палавштините на своето дете. Ѕирна во неговите играчки, а таму, во мали барички атомите почнаа да се спојуват и да градат неверојатно големи низи. На ѕвездата играта ѝ стана интересна и си ги бркна рацете во баричките. Низите од атоми почнаа да се преплетуват меѓусебно, а потоа да се делат и пак да си прилепуваат нови атоми. Низите станаа паметни и потоа раснеа.
Ѕвездата беше многу задоволна и горда на своето дете. Тоа знае да си игра. Но што ако играта стана премногу опасна? Да, таа мора да го предупреди своето дете.
Ѕвездата се сврте кон малата планета, сакаше да ѝ каже ...Силната експлозија ја прекина. Мракот избега некаде исплашен од светлината, а од третото дете останаа само парчиња.
Да, играта сепак беше премногу опасна.
Небото е премногу возбудено од допирот на земјата. А таа, стара блудница, препредена љубовница, го дразни до лудило. Тоа притиска по нејзиното тело, разгалено, распалено, жедно. Небото темнее од страст и ги пушта рацете, натежнува врз земјата, ги милува нејзините облини и дише разпалено. А таа не чуствува ништо, или барем така се преправа. Небото уште повеќе залудува и темнее од бес и неискажана сила. Веќе се претвора во мрак и во него ја допира и милува, ја бара нејзината душа, а земјата како да нема душа. Небото е животно готово да гребе, каса, крши, силува... А земјата е бесчуствително спокојна. Небото се уморува и паѓа врз неа. Тишина. Земјата не се брани, но досадата го турка кон висините, а тоа се корне, црвенее од болка и се крева нагоре. Земјата молчи. Небото е сино од капнатост и умор, но сепак, од високо, со татковска гордост го гледа своето чедо-новиот ден.
Меѓу болничките соби,
меѓу болничките кревети,
меѓу мајчините нозе,
детска главичка.
Нов живот.
Но зошто се оддели од вечноста?
За да стане нешто сосема обично,
човек!
Денот кога мајмунот стана човек.
Од небото пак паѓаше она белото. Беше ладно и жените и децата цел ден останаа во пештерата. Маѓосникот грижливо го чуваше огнот. Големата молња поради несто се лутеше и не доаѓаше да ги пали дрвјата.
Ловците долго време ги немаше. Маѓосникот им го препушти огнот на старците и почна да игра врз големиот камен за ловците да се вратат живи и да донесат улов. Кога сонцето се умори, отиде да спие. Но празните стомаци не можеа да спијат. Со завист го гледаа сонцето како бега зад планините. Таму се најадува и наутро има сила повторно да грее. Кората од дрвјата веќе оддамна ја немаше, а храната што паѓаше од небото не беше вкусна. Тие беа гладни.
На местото каде што небото и земјата се допираат се појавија ловци. Отидоа право кај главатарот. Носеа само два зајака што не стигнуваше ни за подарок за главатарот и маѓосникот. Знаеја што следуваше, само не знаеја кој од нив. Главатарот одбра еден. Го врзаа за столбот. Не се бунеше. Главатарот го зеде светиот камен и го удри по тилот.
Наседнаа окулу огнот. Јадеа и беа задоволни. Небото виде дека имаат храна и престана да им ја праќа својата. Една жена седеше понастрана од огнот. Цревата ѝ беа прилепени, а тоа ѝ беше непријатно. Но се обиде повеќепати и никако не можеше да го стави месото в уста.
Ноќта уште дише изморена над сивите ридови на Англија. Во селото се чуствува необична раздвиженост. Исток се избиструва и навестува руменило. Поворка луѓе облечени во овчи руна, со рогови на главата, тргнуваат кон исток, кон ридот. Додека одат некои од нив пеат некоја растегната мелодија, а разбиениот хор само повремено им се приклучува. Набргу стигнуваат до ритчето. На неговиот зарамнет врв стојат камења високи колку двајца луѓе, наредени во круг. Поворката влегува меѓу камењата. Луѓето застануват во круг и замолчуват. Во средината на кругот влегува девојка, а веднаш зад неа оди човек облечен во црн кожув. Девојката ленува на камената плоча поставена на средината не кругот. Луѓето се раздвижуваат. Исток ги заруменил пердувестите облаци. Луѓето чекаат. Човекот во црниот кожув игра окулу девојката, гледајки во двата големи камења на истокот. Одеднаш, застануваат. Сите замолчуваат. Тој се наднесува над главата на девојката и се свртува кон исток. Од кожувот вади парче наострен камен. Меѓу двата големи камена блеснува првиот зрак и паѓа на на остриот камен. Човекот зборува: „Сонце еве ја твојата љубовница, млада и убава, недопрена од никого. Биди милостиво и дај ни светлина и живот и оваа година.“ А потоа острото сечило го забоде во градите на девојката. Крвта го испрскува младото месо, заруменето од црвената светлина на утринското сонце. Девојката одвај може да го почуствува ударот зашто нејзината свест е поматена од големата доза луди печурки. Луѓето почнаа гласно да пеат, да се нишаат во ритамот на песната, а човекто во црн кожув застанува под зракот на сонцето.
...Познато ни е дека милиони деца во светот гладуваат. Секое шесто дете умира од глад. А ние имаме повеќе храна отколку што ни треба. Зошто да не им дадеме? Само малку од она што за нас е ѓубре и нивната кожичка нема веќе да биде прилепена за коските. Дали е грев тоа што биле црни, жолти или црвени? Не, сите луѓе се исти. Сите ги раѓа мајка и сите ги прибира земјата...бла бла... Затоа ние што имаме повеќе ќе дадеме....бла бла бла... Мораме да ја истакнеме христијанската милосрдност на... бла бла бла... ќе помогнеме, луѓе сме...бла бла бла... повеќе нема да има гладни...бла бла бла...
-Но, ќе ми дадете ли веќе еднаш да јадам?
рѕ: додека го читавте последниот пасус, ве светот умреа од глад единаесет деца. АМИН.
Големиот црн брод се лула на брановите на Атлантикот. Во неговата внатрешност, под палубата, стотина црни луѓе лежат со железа на рацете и нозете. Нивните тела се испиени од долгите денови преседени во смрдливото, задушливо потпалубје и од ретката брашнена каша што ја добиваат наместо храна. Сѐ уште ги печат раните од камшиците, добиени кога ги потераа од село.
Една жена ги подигна рацете кон небото или барем онаму каде што требаше да се наоѓа. Синџирите заѕвечкаа, а нејзиниот глас се надви над мрморењето на луѓето. „О бели луѓе, каде ги носите нашите тела!“ Синџирите ѕвечкаа во ритамот во кој се клатеше жената. Луѓето ја прифатија песната, отпрвин само со ритамот на синџирите, а потоа во растегнатата тажна хармонија на ритамот и мелодијата започна да упаѓаат соло партии... „Таму далеку, во големата џунгла, мојата драга спие. О лулај ме, броду, кон душата на џуглата, мојата драга ќе ме чека“... „О црна жено, црна жено, толку е далеку што не можеш да долгледаш, толку е широко што не можеш да опфатиш, не чекај ме, црно жено“... „Лулај ја мојата душа во пазувите на џунглата, лулај ја мојата душа во пазувите на џунглата, о, лулај ја мојата душа.“
Некогаш така пееја на свадбени игри, при посмртните ранци, собрани во круг на средината на селото. А сега пеат за душата на џунглата која останува сѐ подалеку и подалеку, преку матните води на Атлантикот.
Ветрот јава низ пространите рамници на Ирска. На брегот на морето неговата свирка се меша со песната на девојката. Седната на камен, со гитара в раце, загледана во делечините на хоризонтот, нежно ја извива тажната мелодија. Вчера го убија нејзиниот сакан во затворите на Белфаст. Девојката плаче, а ветерот ги брише нејзините солзи. Облаците оловно тежат. Зошто го убија нејзиниот сакан во затворите на Белфаст?
Зошто ѕвездите се толку далеку? Јас не можам да си играм со играчките, тие се толку студени. Зошто ѕвездите се толку далку? Јас не можам да го почуствувам мирисот ма пролетта. Зошто ѕвездите се толку далеку? Љубовта не живее во срцето. Зошто се толку далеку ѕвездите и Африка и големиот орел? Дали некаде има поубави суштества од нас? Зошто ѕвездите се толку далеку?
Еден ден во римскиот КОЛОСЕУМ. Народот е изморен од жештината и здодевните гладијаторски борби во кој ретко некој гладијатор ќе покаже вешта и храбра борба што ќе измами неколку скржави аплаузи.
- Сите тие умираат без достоинство - коментираше еден гледач.
Но одеднаш атмосферата стана напната. Започна главниот дел од играта, ловот на диви ѕверови. Арената брзо ја испразнија од труповите на убиените гладијатори, а од скриената врата излегоа животните. Десет големи африкански слонови, стадо антилопи, два лава, неколку тигри, глутница волци и чакали, бесни кучиња... Животните беа исплашени од извиците на публиката. Излегоа ловците. Опкружија еден лав и го ибодија со копја, но лавот во последен момент се фрли врз еден од нив и со шепата му ја откачи главата што се истракала во песокот. Публиката аплаудираше. Еден гладијатор се фрли врз грбот на еден бик и со нож му ја распори кожата од левата страна, така што зад бикот истече неговата утроба и цревата скоро залепени од прегладнетост. Додека гладијаторот стоеше до убиениот бик и ја поздравуваше публиката, еден носорог од грб го набоде на својот рог и галопираше низ арената. Публиката уште посилно аплаудираше.
Потоа стражарите во арената фрлија едно девојче, една малечка робинка со црна кожа од Египет. Бесните кучиња ја заобиколија и почнаа да ѝ ја кинат облеката. Девојката преплашено се згрчи и почна да им се моли на своите богови. Тогаш кучињата се втурнаа во неа и од нејзиното тело остана само безоблична црвена маса. Публиката падна во еуфорија. Новата точка им се допадна. Само понекоја патрицијка дискретно ги покрива очите со прозирното шамиче...
По два дена игрите завршија. Гледачите си отидоа во своите куќи во предградието на РИМ. Само по некој, кој сѐ уште имаше сила да зборува, коментираше:
- А мене најмногу ми се допадна точката кога коњите ги силуваа старите блудници...
Ловците денеска фатија голем тулјан. Се собраа во иглото и започнаа да го сечат телото на тулјанот. Најстариот ловец го зеде ножот и ги обележа деловите на телото. Точно се знае кој дел кому му припаѓа и за што се употребува. Децата трчаат наокулу и со здравите запчиња гризат од насоленото сало на тулјанот. Жените помагаат, го прифаќаат месото и го редат во садови.
Иде зимата, студена и долга. Уште само неколку тулјани и нема да се плашат од гладот. Во долгите зимски вечери вредните раце на Ескимите од забите на тулјанот ќе направат фигури на еленчиња и поларни мечки, а жените ќе ги сошијат своите шарени облеки.
На работ на големата тајга се наоѓала една мала колиба. Во колибата живеела млада девојка од која никаде немало поубава. Една ноќ девојката сонила чуден сон. Долетала самовила и ѝ донела прекрасна црвена одежда, подарок од принцот. А во нивното село било обичај, пред мажачка момчето на девојката црвена одежда да ѝ дари. Девојката многу се израдувала на сонот, па се разбудила и веднаш потрчала кон реката. Во бистрата вода го здогледала своето лице. Ги расплела коските, ги загризала румените усни. А образите ѝ биле зацрвенети од ноќниот здив. Била толку убава, што дури и реката морала да воздивне. И тогаш едно срнче дошло да се напие водичка, и девојката целата претрпнела, мислејќи дека е принцот што го сонила на белиот коњ. Кога се враќала кон колибата скинала три стракчиња босилек и ги заденала во појасот. Опојниот цветен мирис и младото моминско тело се помешале во залуден пролетен здив...
Кога сонцето се разбудувало на исток, мајката на девојката побрзала да ја разбуди. Во рацете држела прекрасна црвена одежда поубава од онаа на самовилата. Целата извезена и накитена со цветан тантела. Девојката помислила дека е од принцот и од радост срцето низ устата ќе ѝ излетало.
- Од кого е?- ја прашала мајка си.
- Од Николенка, чедо!
- Ах мајко, од Николенка лудиот!? А принцот?
- Тие и од принцовите и од кралевите имаат повеќе пари - со воздишка одговорила жената.
Есента, ја направиле најголемата свадба што се памети во селото. Богатите родители на Николенка го поканиле целото село. А на чело на свадбата поворка одела прекрасна девојка со црвена одежда...
Минале години. Една приквечерина, во истото село една страрица полнела вода на изворот. До неа дојавал коњаник качен на прекрасен бел коњ. Бил ист како оној што го сонила, а црвената одежда лежела некаде во ковчезите, заборавена и стара.
- Бабо, во башето село имало нокоја прекрасна убавица.
- Имало, - одговори бабата - имало многу оддамна, а сега веќе ја нема.
Сте ја чуле ли тажната приказна за малото слонче? Го убија ловците што ја убиле и мајка му. Неговите запчиња беа премногу мали, а тие го убија. Зашто беше премногу згодна цел.
А можело слончето да стане слон, голем и моќен, и да талка по саваните. Со неговиот рик птиците да го започуваат денот, а навечер да наоѓаат одмор на неговото тело. Да залудува од мирисот на слонците во правливите жешки денови, а малите слончиња да му се моткаат меѓу нозете во долгите маршеви по храна и вода.
Ова е тажна приказна за малото слонче што го убија ловците. Мајка му ја убија зашто имаше убави големи заби, а него зашто мораа. Беше премногу згодна цел.
Облаците се капат во руменилото на зората. На морската ширина се раѓа утрото. Брановите трчајќи низ морето ја будат ноќната тишина. И трчаат тие, брзаат кон карпите, а знаат дека таму е крајот. Многу се брановите, и самите не знаат колку се. И случајно два од нив се среќаваат и за миг се слеваат во еден голем бран, поголем и помоќен од сите. И веќе не се солена вода, не се веќе бранови и осамено море. Капките се преточуваат во срце. Воздухот се вобудува и станува љубов. И времето заборава да тече, заслепено од божествената убавине пред него. Сонцето го дава својот благослов и небото синее од восхит. И сѐ е премногу возвишено за да биде само вистина. Водата што веќе не е вода се надига од возбуда и го преплавува единствениот миг. И времето се сепнува и брза да го надополни пропуштенето. Ветерот ги разделува, и брановите пак стануваат бранови. И секој продолжува во својот правец. И брзаат тие, брзаат кон карпите, брзаат да се разбијат во милиони ситни капки. И не знаат дека она што го носат во себе е само една голема илузија. Дека еднаш, за еден краток миг, престанале да бидат само вода, го сопреле времето и станале нешто многу повозвишено.
Момче, не грижи се! Државата мисли на тебе. Еден убав ден и ти ќе добиеш ливче и тогаш ти ќе престанеш да бидеш дете, ќе престанеш да бидеш дури и човек. Тогаш ќе станеш војник, горд бранител на татковината. Слуга покорен на царот, фирерот, генералот, народот, понекогаш сеедно кому.
Постојат два вида убијци. Едните завршуват на бесилка, а другите во историските читанки. Има уште една поделба. Едните убиваат со цел, за големи идеали, а другите, едноставно убиваат. Сите убијци се убијци.
Дали си имал жена? Си ја милувал ли, си спиел ли со неа? Побрзај! Кога ќе ти стават пушка в раце, прстите ќе ти станат премногу студени за тоа. По пушката, жената не е веќе жена. Не можеш да водиш љубов со двете. Што мислиш, колку му треба на куршумот за да ти го просвири срцето? Колку време ѝ треба на крвта за да истече? Колку време ти треба за да умреш? Ти не сакаш да умреш. Природата само еднаш направила човек како тебе. Ти си ти, и никој не е како тебе, сеедно дали си гениј или глупак, ти си ти и никој нема да биде како тебе. Кога ќе убиеш доволно луѓе, ќе те убијат и тебе.
Дали неокогаш си мислел? Побрзај, под шлемот нема место за мисли. Кога ќе станеш само еден запченик од големата бојна машинерија никој од тебе нема да бара да мислиш. Тие ќе те истрижат, ќе те соблечат и ќе ти направат униформа. Потоа и самиот не ќе знаеш кој си, а тие тоа го сакаат. Да го убијат твоето Јас!
Ајде, војнику, убиј ме мене, убиј ги моите браќа и сестри! Ние сме луѓе, а ти кога ќе нѐ убиеш, нема веќе да бидеш човек. Човекот понекогаш е војник, но војникот никогаш не е човек!
Топовите на Аурора. „Русија, занданата на народите, ќе стане наша земја“. „Идеалот на слободниот човек ќе стане вистина“. Црвено. Многу се исплашија од крвта, но сѐ што е големо се раѓа во крв. И белите и црните бригади јуришаа на Новиот ден. Но црвената зора неумоливо го роди сонцето. Напред Црвена коњице, донесете го сонцето на вашите сабји. Прегалопирајте ја Русија, исчитете го ѓубрето за да му направите место на Новиот ден.
А Денот можеби не беше толку светол колку што сакавме, можеби она најцрвеното го затворивме во Сибир, но Денот сепак беше ден, голем Нов ден.
Берлин, Берлин, Берлин, мајне либе Марлен, Берлин, Берлин, Берлин, светот ќе биде наш!
Хајл Хитлер! Хајл Хитлер! Хаајл! ќе го исчистиме еврејското ѓубре што смрди по германските улици... Тие... и Господ на крст фо ставија. Ја, натурлисх! Нас господ нѐ одбра зашто сме чиста раса, одбрана... ариевске раса!... Ја... хајл Хитлер!!! Еден бог на небото, еден цар на земјата! Хајл! ... а тие ќе умрат! Сите што ќе му згрешат на нашиот Кајзер мора да умрат. Светот ќе биде наш! Хајл! Хајл Хитлер! Хајл Хитлер! Хајл, хајл, хаајл!!!.
Берлин, Берлин, Берлин, мајне либе Марлен, Берлин, Берлин... како гадно нѐ излажаа тогаш!
Ноќта беше предолга во срцето на младиот црн човек, а колибата беше претесна за да го собере неговиот залуден здив. Запурничавиот воздух го носеше нејзиниот здив. Ја чуствуваше млада и безгрижна во соседната колиба. Младото женско тело натежнало врз сламената простирка. Се обидуваше да ја замисли нејзината положба. Неговото тело исполнето со допири се надигаше и сакаше да експлодира. Телото бараше тело. Мораше да се испразни.
Младиот човек, кој штотуку станал ловец и заслужил да има жена, излезе од својата колиба. Желбата за допир во допирот со свежиот воздух го залуде уште повеќе. Тргна. Сите спиеја, а неговата крв беше премногу млада за да спие. Застана пред нејзината колиба. Тивко ја повика. Таа плашливо ја подаде главата.
- Зошто ме викаш, млад ловецу?
- А зошто завива лавот во жешка летна ноќ?!
Пауза.
- Го праша ли татко ми?
- Ако сакаш ти, ќе сака и тој.
Ѝ се приближи. Скоро можеше да ги почуствува врвовите на набрекнатите гради. Рацете сами се залепија на колковите. Таа го погледна и се насмевна. Чуствата ѝ ги натежнаа трепките но таа не се предаваше, и понатаму се бореше со погледот. Рацете ја прекинаа борбата. Тој почна да шета по мазното растреперено тело и да се полни со неговата мекост. Рацете му запреа на градите. Го чуствуваа засиленото чукање на срцето. Нејзината мекост проструи низ неговото тело. Зборовите на татко му му прелетаа низ мислите. Еднаш кога ловеа низ високите треви му рече: „Кога ќе ја допреш, не стегај, туку милувај ја нежно зашто жената е како газела, плашлива и чуствителна...“ Се обидуваше да ја контролира цврстината на својот стисок. Нежно и баво почна да ѝ го одвиткува здолништето. Бутовите ѝ беа меки. Тонеше во нивната мекост повеќе од каде и да е. Огнот се рашири и на нејзиното тело. Тешкото платно околу неговите колкови веќе беше претесно за да го собере и се најде на земјата. Патем таа случано го допре и него веќе ништо не можеше да го сопре. Телата заиграа во некој залудувачки ритам.
Девојката му се истргна од прегратката. По еден миг пак беше до него. Телата се прилепија едно до друго сакајќи да станат едно. Нејзиниот крик за миг ја прекина телесната музика, а потоа тие ритмички почнаа да се проголтуваат. Навлегуваше во мекото тело и истовремено тонеше во некоја далечна, пред раѓањето заборавена музика. Да имаше време ќе се сетеше на советите на старите ловци. Се чувствуваше преполн и оптегнат како тетива на ловечкиот лак. Напнатоста го гребеше до болка. Дивиот ритам се претвораше во грч. Чувствата експлодираа и тој целосно се истури низ непрекинати ритмички грчеви.
Телата тонат во бесвест. Страста надоаѓа како плима и го притиска мозокот до болка. На крајот сѐ стивнува. Постои уште благиот допир на нивните тела...
-Дојди во мојата колиба, ќе ми раѓаш синови!
Реките на Вавилон течат мирно како што течеле од секогаш. Човекот ја копа малата нива. Жените и децата уморно се придржуваат за алатките, за да не падната во браздите. Слабите растенија шушкаат за уште една зима и уште една сиромаштија. И сламената колиба, и големата скалеста пирамида до неа, и светиот храм и тие шушкаат за уште една зима и уште една сиромаштија.
По брегот на реката јаваат војници. Застануваат до старецот.
- А, еве го тој што не го плаќа данокот!
- Аман, божји луќе, јас сѐ плаќам. И кожата од грбот си ја дадов.
- Лажеш, ѓубре парталаво. Но, не грижи се. Данокот се плаќа и со нешто друго.
Војниците му ја одвлекуваат најголемата ќерка во трските. Човекот се подисправа. Девојката крикнува. Човекот стои. Девојката пак крикнува. Човекот стои. Девојката крикнува!... Човекот стои!...
Војниците јаваат по брегот на реката. Девојката излегува од трските. Со калливите раце го крие разголеното тело. Човекот само ја погледнува за миг, а потоа продолжува да копа. Девојката паѓа немоќна, а калливата земја се помешува со срамот. Реките на Вавилон продолжуваат да течат мирно како што течеле од секогаш.
Таа не беше убава, туку прекрасна. Со блескава црна коса и парченце небо во очите. Немирна, разбушавена, насмеана, чудна, мистично заводлива...
За него небото од секогаш било сино. Толку сино што понекогаш го тераше да се смее, и во таа насмевка да ја пронаоѓа неа. Во едно такво небо таа дојде и му ја стави иглата во вената. Небото стана уште посилно, илјада пати посилно, целото претворено во насмевка. А под него пливаа двајцата, споени, вечно, засекогаш...
Небото расипнички ја трошеше својата боја и еден ден остана без неа. Стана жолто, со кафеави облаци. Почна да реве од болка. Ревеше и тој и ги бараше нејзините очи, или нејзините раце што толку нежно ја забодуваа иглата.
Болница. Тесно е за неговата болка што излегуваше од душата и гребеше по синото небо и насмевките. Долго време, или само неколку недели, сеедно. Во меѓувреме ја изгуби младоста.
Таа. Ја сретна пак кога влезе во животот. Беше истата сонлива девојка со пролетно небо во очите. Некој друг беше со неа. Двајцата прегрнати пливаа под небото, споени „засекогаш“?!
Само отиде и ја праша:
- Имаш ли?
Оба е приказна за синото небо.
...А приквечерината, еден бел човек дојде и им кажа дека во битката загинаа сите воини.
Жените ги растурија шаторите, ги собраа децата и малкуто покуќнина што ја носеа со себе и тргнаа. Еден индијанец, стар воин, кого поради снегот на старата глава не го поведоа со себе, си зборуваше самиот со себе: Белиот човек ни зеде сѐ. И гордоста, и честа, и земјата, и живото, и племето. Смртта дојде во нашето огниште. Но сѐ уште има машки деца во племето. Тие ќе пораснат и повторно ќе го создадат племето...
Тажната колона тргна. Некаде далеку, некаде уште еднаш на запад, некаде далеку. Останаа само стаповите од шаторите и беззабите старици кои не можат да му родат синови на племето, за да умрат со првите снегови и зимата.
Јоханес го роди Џими
и Свази го роди Сонга
Џими го роди Мајкл
и Сонга го роди Хаза
Мајкл го роди Џек
и Хаза го роди Сото
Џек го роди Томсон
и Сото го роди Зулу
И Јоханес дојде во Јужна Африка и со себе понесе пушки, многу пушки. Суази се роди тука и веруваше дека човекот вреди колку што може да го оптегне лакот. Јоханес го уби додека го оптегнуваше лакот...
А белите синови го слушаа таткото Јоханес. Ја следеа неговата порак аи убиваа. Црните синови се' уште веруваа дека човекот вреди колку што може да го оптегне лакот и сите по еднаш го оптегнаа, и сите по еднаш беа убиени.
Но синот на Зулу знае. Не постои Добра Надеж, зашто бог не е црн и нему му е редот да го оптеен лакот.
Еден стар Евреин сосема глупаво умре на почетокот на Втората светска војна. А имаше само уште неколку дена до доаѓањето на Германците. Ќе го одведеа заедно со дригите и тој како нормален човек ќе умреше во гасните комори. Е сега, тој беше стар и не можеше да даде некое којзнае колку големо задовослтвто, но колку-толку, ќе задоволеше. Ќе си обезбедеше маченичка смрт, па дури и името моежеше да му се најде издлабено на некоја од заедничките гробници. А вака се' расипа.
Еден стар Евреин сосема глупаво умре на почетокот на Втората светска војна. Замислете, умре со природна смрт.
Како се пуши луле на мирот?
За да пушиш луле на мирот треба да исполнуваше еден услов: Да бидеш човек. Затоа толку ретко се пуши луле на мирот.
Современ човеку на дваесеттиот век. Ти си преморен од бескрајната трчаница. Се кинеш меѓу два состанока, и два автопуса. Ти си фрустриран, смогот ит прави рак во белите дробови, бетонските чудовисшта се ѕверат во тебе од секој агол. Не ја разбираш политиката, а чувствуварш дека политичарите манипулираат со тебе. Времето те гази, те гмечи и ти ја губиш способноста да сакаш и да бидеш сакан. Децата те прават глупав и старомоден, а жената те лаше со шефот за да добиеш поголема плата... Современ човеку на дваесеттиот век, самоубиј се! Најлесен и најефикасен начин да го сториш тоа е со сечење вени. (И ефтино е). Потребен е само еден леген, околу 4 литри млака вода и еден чилет. Легенот со водата стави до го себе, стави ја во него десната рака и седни удобно. Потоа земи го жилетот и внимателно пресечи си ги вените. Не плаши се, навистина нема да те боли. Срцето отпрвин силно ќе чука, нешто од восбуда, а нешто поради непослушноста на твојот организам кој упорно ќе настојува да ја задржи крвта. Ако си плашлив, не гледај го тенкиот бликот крв што ќе истечува во водата. Можеш да се онесвестиш и да го пропуштиш сопственото умирање. И сега доаѓа најпријатното. Ќе почувствуваш како ти се спие, и наеднаш ќе тонеш во пријатен сон, вечен, пријатен сон... Не мисли на оние што ќе треба да го погребат твоето деформирано посинето тело. Тоа ќе биде само една мала непријатност во нивниот живот, која тие брзо ќе ја заборават. Не мисли на оние со кои те сврзуваат роднински, правни, или други врски. Тие ќе го подела твојот двособен стан и ќе бидеш заборавен. Мисли на себе. Осамостој се. Стори нешто што ќе им покаже на другите дека ни се бескарактерен лигав водоземец. Живеј го животот на својот начин-умри!!
Луѓе, што чекате уште, уништете се'! Планетата веќе не ве трпи, многу сте. Ајде, само храбро! Имате најразлично оружја, дроги, отрови... Напред, изберете што ви е по војла! Или чекајте! А зошто бавно и болно? Па имате атомски бомби. Само ги трупате, употребете ги веќе еднаш! Со атомските бомби ќе ги снема и енергетските кризи, и студените војни и гладот, и сите современи чудовишта. Само внимавајте добро, да уништите се' зад себе, зашто на мајмуините може пак да им текне да слегуваат од дрвјата, а тоа веќе ќе биде навистина премногу за кутрата Земја.
Убаво размислете, само еден момент и вие ќе бидете спасени! Доволно е само големите глави да дадат знак и...
Како и да е, сега сме на крајот. Имаше многу необични, чудни, понекогаш пријатни, понекогаш непријатни изненадувања, сепак, ако не друго, беше интересно да се види, чуе и доживее сето тоа, а сега, завршуваме во пренабиените, мртви, железни топки. Нем адвижење, нема светлина, нема време. Се' стои неподвижно во мракот и чека во бескрајното долго. Можеби некогаш с' ќе се урне во една точка и пак ќе почне големото „Бенг“, можеби... Но сега се' е готово, завесата се спушта, мрак...