Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, документ бр.62

Од Wikibooks

ПРОТОКОЛ бр.10 од седницата одржана на 26-ти јули/8 август 1913 година


Седницата започна во 5 часот/по пладне/ .

Присутни:

За Бугарија:

Н.Е. г. Димитар Тончев - министер за финансии, генералот Иван Фичев - шеф на Генералштабот, г. Сава Иванчов - поранешен потпретседател на Собранието, г. Симеон Радев и генералштабниот потполковник Константин Станчов.

За Грција:

Н.Е. г. Ел. Венизелос - преседател на Министерскиот совет и воен министер, Н.Е. г. Д. Панас - ополномоштен министер, г. Николас Политис - професор по Меѓународно право на Парискиот универзитет и капетанот К. Пали.

За Црна Гора:

Н.Е. генерал сердар Јанко Вукотиќ - претседател на Министерскиот совет и воен министер и г. Јован Матановиќ - некогашен директор на поштата и телеграф и некогашен вршител на работите.

За Романија:

Н.Е. г. Т. Мајореску - претседател на Министерскиот совет и министер за надворешни работи, Н.Е. г. Алекс Маргиломан - министер за финансии, Н.Е. г. Таке Јонеску - министер за внатрешни работи, Н.Е. г. К. Дисеску - министер за просвета и црковни работи, дивизискиот генерал аѓутант К. Коанда - главен инспектор на артилеријата и полковникот К. Кристеску - заменик шеф на Генералштабот.

За Србија:

Н.Е. г. Никола П. Пашиќ - претседател на Министерскиот совет и министер за надворешни работи, Н.Е. г. Михаило К. Ристиќ - вонреден пратеник и ополномоштен министер на Србија во Букурешт, Н.Е. г. д-р Мирослав Спалајковиќ - ополномоштен министер, полковникот К. Смиљаниќ и потполковникот Д. Калафатовиќ.

Прочитан е и прифатен протоколот од минатата седница.

Господинот Мајореску зема збор и вели:" Господа! Во понеделникот на 22 јули (4 август) добив од Н. Е. министерот на Австро-Унгарија во Букурешт соопштение дека "Австро-Унгарската Монархија независно од тоа каква ќе биде одлуката за Кавала си го задржува правото за себе и таа одредба да ја стави на ревизија, бидејќи спаѓа во збирот од прашањата за кои што Австро-Унгарија си го задржа правото за ревизија".

По два дена, на 24 јули (6 август) пред да успеат да се договорат сите делегати на претставените држави за главното прашање на својот спор Н. Е. министерот на Русија во Букурешт ме извести дека "Царската влада, известена дека прашањето за Кавала ја доведува Конференцијата во прашање да не успее, изјавува дека си задржува слобода даја стави на ревизија.заедно содругите Сили, одлуката што Конференцијата ќеја донесе ".

Господинот Симеон Радев, делегатот на Бугарија, говори дека "бидејќи претходно биле известени од царската бугарска влада за соопштенијата на г.г. министри на Австро - Унгарија и Русија во Букурешт дадени на Н. Е. претседателот на Конференцијата, бугарските делегати изјавуваат дека дадените соопштенија придонесле за да дадат согласност и да ги прифатат условите за мир".

Господинот Мајореску обраќајќи им се на бугарските делегати вели: Господа вашите зборови ќе бидат внесени во протоколот од денешната седница. Конференцијата продолжува со работата". Додава дека е среќен што може да објави дека членовите на комисијата за составување на договорот успеале договорно да го утврдат текстот на 6 главни членови.

Господинот Писоски е повикан да ги прочита. Конференцијата ја усвојува преамбулата на договорот. Го усвои и предложениот чл. I. За чл. II, во одредбата за обраќање на двете високи договорни страни на трета пријателска влада за определување арбитар во случај на недоразбирање, г. Радев предлага во договорот да се определи силата на која страните ќе и се обратат.

Господинот Мајореску од името на Романската делегација го усвои предлогот на г. Радев. Страните се договорија владата на која што ќе и се обраќаат во таков случај да биде владата на Белгија. Во врска со одредбата во истиот член за рокот во кој што Бугарија треба да ги сруши тврдините во Рушчук, Шумла, во областа помеѓу нив на простор од 20 км. од Балчик, двете договорни страни се согласија тој рок да изнесува 2 години.

За чл. III, од одредбата за определување арбитар во случај на несогласување на комисиите за повлекување на трасата на бугарско-српската граница, двете договорни страни се спогодија да се обратат за добри услуги исто така на владата на Белгија.

Господинот Политис, делегатот на Грција, смета дека може би било подобро во официјалниот текст да не се споменува името на определена влада, бидејќи таа влада за тоа не е однапред известена. Од друга страна може да се случи односната влада да не го прифати обраќањето што би и било упатено. Според тоа би било покорисно во чл. II и III, истата забелешка да се однесува и на чл.1У што ќе биде прочитан, да се задржи општата назнака "трета и пријателска влада". Покрај тоа може, во посебен акт да се договори дека ќе се прибегне кон обраќање на одредената влада. А во случај истата да не може, кон друга.

Откако претседателот го прифати мислењето на г. Политис и заинтересираните страни го прифатија со забелешката на г. Јонеску во случаевите од чл. II, III и IV да се обратат за добри услуги на владите на Белгија, Швајцарија или Холандија.

Господинот Мајореску уште додава дека во протоколот од оваа седница ќе се забележи овој договор и ќе служи за толкување на смислата на одредбите од овие членови што се во прашање.

Во врска со чл. IV збор зема г. Радев, делегат на Бугарија, и вели:" За да им оддаде почит на славните борби што ги водеше Крит за своето обединување со татковината, со најголемо задоволство се прифаќа последниот став од овој член".

Господинот Политис сака да ја извести Ансамблеата за преговорите меѓу делегациите на Бугарија и Грција што се однесуваат: на надоместувањето на штетите направени од единиците на териториите на непријателствата, од една страна, и за некои школски и верски прашања. Тој вели дека Грчката делегација предложила едно општо решение што Бугарската делегација го одбила, а се однесува за сторото прашање. Бугарската делегација усвојувајќи го принципот кој, според нејзино мислење, треба да биде прифатено врз основа на реципроцитет, сметајќи го за опортуно во моментот да го одложи неговото решавање. Тогаш Грчката делегација предложила нов текст заснован на реципроцитет и во духот на помирливост. И овај текст, за несреќа не бил прифатен од бугарските полномошници.

Господинот Политис го предава, на Секретаријатот, текстот на членот или протоколот за надоместување на штетите. Тој текст е приложен кон овој протокол. Г. Политис објаснува дека, според предлогот на Грчката делегација, износот на надоместокот на штетата би требало да го утврди мешовита комисија во која би имало и странски членови, според процедурата предвидена со Хашката Конвенција. Тој констатира дека Бугарската делегација прифаќањето на овој предлог го смета како продолжување на споменот на војната. Г. делегат на Грција, спротивно, смета дека обезбедувањето на средствата за живот и отштета (врз основа на непристрасно испитување) на населението, толку многу напатено, значи најреално бришење на спомените од војната и на неговите несреќи. Впрочем, и интересите на трети страни исто така беа погодени и сосема е извесна дипломатската интервенција за добивање надоместок за штетата. Г. Политис жали што останало нерешено прашањето од гледиштето на хуманоста, предвидено и со Хашката Конвенција со која што се утврдува одговорноста на страните во војната во случај на непочитување на воените закони и обичаи.

Господинот Радев веднаш потоа, од името на Бугарската делегација, ја дава следнава изјава: "Бидејќи речиси и не е можно да се утврди, на териториите каде што беснеела војната, нешто што би можело да послужи како основа за правни заклучоци, и бидејќи предлогот на г.г. делегати на Грција не може да им даде практични резултати во тој случај полемиките можат да ги заострат односите на двата народа во војната во моментот кога се оди во прилог на што побрзо смирување, бугарските делегати остануваат и по суштината и по формата, на своето гледиште".

И г. Спалајковиќ констатира дека за ова прашање не било можно да се постигне никаков договор помеѓу делегациите на Бугарија и на Србија.

Господинот Мајореску потсетува на донесената одлука на пленарна седница да се изнесуваат само прашањата за кои што е постигнат претходен договор и констатира дека со ова за прв пат се манифестирале разликите во гледиштата на пленарната седница. И покрај тоа што ја признава важноста на ова прашање не смета дека тоа може да ја попречи работата на Конференцијата.

Бидејќи не е постигнат договор во протоколот ќе се внесе само дискусијата.

Господинот Политис одново зема збор за нерешеното прашање за училишните и верските слободи на христијанското население на анектираните територии. Тој вели дека на првиот текст предложен од Грчката делегација, Бугарската делегација ставила приговор на методите и средствата, но не и по однос на принципите. Реципроцитетот како основа Грчката делегација не можеше да го прифати поради шизмата на бугарската црква. И покрај сето тоа Грчката делегација, за да ја покаже својата помирливост и почитувањето на принципот на верските и училишните слободи, општо прифатени во цивилизираните земји, состави нов протокол. На истиот бугарските делегати ставија приговор дека прашањето не може да биде решено пред да се уредат односите меѓу двете цркви. Грчката делегација, сепак, повторно ги поднела овие предлози во член или протокол за верските прашања од една и за просветните и културните прашања, од друга страна.

Верските прашања.

Грчките заедници во Бугарија и бугарските заедници во Грција ќе ги зачуваат своите имоти и слободата на употребата на своите цркви. За нивната црковна организација дополнително ќе биде донесена Уредба. Сепак, се признава дека грчката заедница во Тракија ќе зачува иста црковна организација каква што имале во минатото.

Училишните и културните прашања.

Училиштата, манастирите, прифатилиштата, болниците и воопшто сите установи и милосрдни задужбини, добродетелство и заемна помош на грчките заедници во Бугарија и училиштата, манастирите, прифатилиштата, болниците и воопшто сите установи и милосрдни задужбини за добродетелство и заемна помош на бугарските заедници во Грција ќе ги зачуваат своите организации и правила и ќе продолжат да ги користат и да управуваат со своите подвижни и неподвижни имоти. Истите ќе можат, во рамките на одредбите на законите и врз основа на целосен реципроцитет, да примаат поклони, легати и да стекнуваат имоти.

Нема да се ставаат никакви пречки на нивното слободно дејствување, надвор од ограничувањата со општите прописи за установите од таков карактер во секоја од двете заинтересирани држави. Господинот Венизелос изјавува дека тој во овој момент би се задоволил со оваа основна одредба со којашто се прокламира еден цивилизациски принцип општо прифатен. Искажува надеж дека бугарските делегати околу овие прашања барале инструкции од својата влада, најпосле ќе се согласат во договорот да се внесат општите принципи на училишните и верските слободи.

Господинот Симеон Радев го чита следното:

"Од името на Бугарската делегација изјавувам дека ги прифаќаме грчката теза и причините од кои што слободата е основна цивилизациска потреба. Само ќе забележам дека ние го разбиравме реципроцитетот, за кој што стануваше збор на нашите одделни состаноци со господата грчки делегати, како обврска за Бугарија, Грција, Црна Гора и Србија. Соопштувајќи го ова ја молам Високата Ансамблеа да ми допушти да ја прочитам оваа изјава:

"Ние сме им благодарни на г.г. делегати на Грција што го покренаа прашањето за црквите и училиштата. Сметаме дека е правилно, по поделбата на територијалниот кондоминиум стекнат од Османлиското царство, дури и потребно да се мисли и на тоа на различните националности, разделени меѓу државите на поранешните сојузници, да им се обезбеди правен режим што ќе им обезбеди да прогресираат согласно со нивните традиции и потреби на нивната култура. Ние сме подготвени за тоа да потпишеме најслободоумни одредби. Не само да му покажеме на цивилизираниот свет кој не ги штедеше своите симпатии спрема нас, за време на ослободителната војна против Турција, дека се држиме за дадените ветувања, туку и за тоа што сме длабоко убедени дека националностите ќе се смират само со заемна толеранција. Заемната толеранција наоѓа свој правен израз во формулата за реципроцитет. Заземајќи го ова гледиште Бугарската делегација има чест да го поднесе следниот предлог:

"Со оглед на тоа дека Бугарија, Грција Црна Гора и Србија ја започнаа војната против Османлиското царство за да им обезбедат слободен развиток на сите народи, како и со оглед на тоа дека оваа благородна намера мораше да ги надживее настаните што потоа ги поделија поранешните сојузници, бугарските делегати, длабоко убедени дека ќе одговорат на потребата да се олесни воспоставувањето на пријателските односи меѓу споменатите четири држави и дека ќе им обезбедат на народностите, упатени на заеднички живот, за извесно време правда и широка толерантност, предлагаат во договорот да се внесе следната одредба: Бугарија, Грција, Црна Гора и Србија им признаваат на сега анектираните области самоуправа на верските заедници и слобода на училиштата .

Господинот Спалајковиќ потоа ја даде следната изјава:

"Српската делегација нема да влегува во расправа за предлогот на г. Радев. Без да наведува причини. Делегацијата изјавува само толку дека ова прашање, доколку се однесува на новите српски поданици, е регулирано со Уставот на Кралството Србија".

Господинот Мајореску ги моли господата полномошници да се потрудат и ако е можно да се договорат до следната седница, закажана за утре во 10 часот. Додава дека на таа седница се регулира и прашањето за демобилизацијата, евакуацијата на териториите и ратификацијата. Господинот Ристиќ зема збор и вели дека Српската делегација декларира дека меѓу српските и бугарските делегати останува уште да се регулира прашањето за старата граница и дека Српската делегација го задржува правото за тоа да ја извести Конференцијата на утрешната седница. Генералот Коанда говори дека членовите што треба да се внесат во договорот, а се однесуваат на воените прашања, се формулирани врз основа на одлуките на Конференцијата донесени на последната седница и дека истите ќе бидат изнесени на пленарната седница, по нивното прегледување од сите воени делегати.

Претседателот закажувајќи ја наредната седница за утре во 10 часот изразува надеж дека таа седница ќе биде последна и дека потоа Конференцијата ќе се состане уште само за потпишување на договорот за мир.

Седницата е затворена во 7 часот /по пладне/.


Потписници:

Т. Мајореску, Д. Тончев, генерал Фичев, др. С. Иванчов, С. Радев, Потполковник Станчов, Е. К. Венизелос, Д. Панас, Н. Политис, К. Пали, Генерал сердар Ј. Вукотиќ, Јован Матановиќ, Н. П. Пашиќ, М. Г. Ристиќ, М. Спалајковиќ, полковник Смиљаниќ, потполковник Д. Калафатовиќ, А. Маргиломан, Таке Јонеску, К. Г. Дисеску, генерал аѓутант Коанда, полковник К. Кристеску


(Уговор о миру.., 51 - 59)