АВТОБИОГРАФСКИ ЗАПИС
АВТОБИОГРАФСКИ ЗАПИС
“.... На седницата на Националниот комитет, која се одржа на дваесет и четврти јуни, на која присуствуваа, покрај Тито, уште Ранковиќ, Ѓилас, Кардељ и други, беа поставени две точки: известие на Иницијативниот одбор и македонското прашање. За да се увери Тито во она што му го кажав, се договоривме, по првата точка да зборува Мане Чучков. Тој ги пренесе поздравите на македонскиот народ до АВНОЈ, до националниот комитет, а посебно до Тито за разбирањето за правата на нашиот народ, со уверение дека македонскиот народ, во заедничката борба, ќе ги оствари своите идеали и национални права, односно ќе се обедини. Кажа дека со одлуките на АВНОЈ, Тито ужива голем авторитет меѓу борците и кај народот, кои веруваат дека е вистински борец за слобода. Накусо зборуваше за нашите идеали и за развојот на народно-ослободителната борба, која треба да се круниса со одржувањето на Првото заседание на АСНОМ. На крајот рече дека за успешно одржување на заседанието, а со тоа и за поголемо разгорување на борбата со окупаторот, треба да се разјаснат некои прашања, кои се разгледувани од Иницијативниот Одбор и од Главнит Штаб. За да не ги пренесува, предложи да ги прочитаме записниците од нивните заседанија.
Пред да ги прочитаме записниците, Тито се заблагодари за поздравите и накусо изложи како тој и Националниот комитет, гледаат на борбата на македонскккиот народ. Кажа дека нивните гледања се содржани во одлуките на второто заседание на АВНОЈ, и дака нема сила што ќе го спречи нивното остварување, а во таа смисла, дека македонскиот народ треба да ја засили борбата против окупаторите, која во почетокот не била разгранета, како во другите делови на Југославија, но дека се гледа оти ќе се разгори после одржувањето на заседанието на АСНОМ, па побара да се одржи што е можно поскоро.
Потоа ги прочитав записниците и го повторив она што му го реков на Тити во врска со грчките комунисти, а Киро Петрушев даде некои појаснувања во врска со решенијата од заседанијата на Иницијативниот Одбор и на Главниотт Штаб. Поставив прашање како да се поврземе со Македонците во Грција и во Бугарија и предложив Националниот комитет да издаде еден меморандум за Македонија, од кој ќе се види дека и македонскиот народ се бори против заедничкиот фашистички непријател и за остварување на националното право на обединување.
Но, овие работи беа премолчени во дискусијата.
На крајот, Тито предложи да се донесат заклучоци во врска со македонското прашање, кои беа во смисла на нашиот предходен разговор: - дека истириските идеали на македонскиот народ за обединување се наше национално право и дека ќе остане наше барање; - дека, со оглед на положбата во соседните земји и договорите меѓу сојузниците, е прерано тоа да се поставува, затоа што би ја ослабело борбата против заедничките окупатори; - дека за остварување на тоа право најдобро е да се соработува со сите народноослободителни движења; - и дека треба што поскоро да се одржи заседанието на АСНОМ и да се формира Народно-ослободителен фронт. Исто така, се предложи, по заседанието на АСНОМ да појдам во Националниот комитет, за да ги застапувам интересите на нашиот народ.
Кога заврши состанокот, на кој, во споредба со другите, ние бевме облечени во истуткани алишта, кои по прегазувањето на Морава, дуру ни се смалија, Тито рече:
- Организирајте, на нашиве другари од Македонија, да им се сошијат одела по мерка. Нема смисла да одат во вакви истуткани одела.
Додека бевме таму, ни сошија униформи од еден убав сивкаст штоф, но не ги облековме ни таму, ниту кога се вративме, бидејќи ни беше незгодно пред другите, ние да изгледаме како грофови.
По два дена одржавме состанок со Кардељ, на кој ни советуваше како да го организираме одржувањето на заседанието на АСНОМ: како да биде украсена простиријата, каде што ќе се одржи заседанието; што да се избере на заседанието - президиум и влада, при што може да изберме и лица, кои не се на слободната територија, па дури и да се в затвор (што мене ми личеше на одговор во врска со расправијата со Темпо, кога дискутиравме за делегацијата во АВНОЈ); да испратиме поздравни телеграми до Сталин, до Рузвелт, Черчил, Тито и до Рибар и исто така да ги избереме во почесно председателство на заседанието; каква декларација и прокламација да донесеме, со која ќе се обратиме до македонскиот народ; декларација со која ќе ги одобриме одлуките на АВНОЈ; одлука со која АСНОМ како и АВНОЈ, ќе се прогласи за врховно законодавно и извршно тело за Македонија; одлука за избор на комисија за испитување на воените злосторства; и друго”.
“... На триесетти јуни повторно се сретнав со Тито. Се интересираше дали сме задоволни од разговорите. Јас му кажав дака разговорите се едно, а друго е што навистина ќе се направи и дака за задоволство ќе зборуваме подоцна кога ќе се остварат ветувањата. Тој пак ми повтори дека при првата можност ќе проговори и ќе се заложи за обединувањето на Македонија и на македонскиот народ:
- Ќе видите оти нема да Ве изневерам. Ова не се празни ветувања. Еве Ви една моја фотографија за спомен, како залог за она што Ви го ветив. Ако Ве изневерам, ќе можете да покажувате кој Ве изневерил.
Ја зедов фотографијата, на која беше со маршалска униформа и на која имаше напишано: “За спомен на соборецот, другарот Методија Ченто. Тито. 30.lV. 1944."