Помош:Книги

Од Wikibooks

ЧОВЕЧКИОТ ЖИВОТ – МАКЕДОНСКА НАРОДНА ПРИКАЗНА ЗАПИШАНА ОД МАРКО ЦЕПЕНКОВ Кога Господ ја направи дуњата, човекот дојде при него и му рече на Господа: “Ти ме направи човек! Кажи ми сега колку ќе живеам, како ќе живеам, со што ќе се ранам и што ќе работам. Господ му рече: “Триесет години ќе живееш; ќе јадеш слободно секој шеј што не ти го расипува здравјето, и работа ќе ти биде: да го повелаш сето што е на дуњата”. Човекот му вели: “Е, Господи! Благодарам за арниот живот што ми го даруваш, ама годините ми се малце!” Господ му вели: “Оди таму, на ќошето да седиш”. Дојде и волот пред Господа и го праша: “Господи, ти ме стори ајван на дуњава; кажи ми сега колку ќе живеам, како ќе живеам, што ќе работам и со што ќе се ранам?” Господ му вели: “Ете, го гледаш тој човек што седи во ќошето? Ќе ти биде стопанин. Работата ќе ти биде: ќе ораш и ќе теглиш кола, јадење ќе ти биде трева и слама, ќе живееш триесет години”. Волот му вели: “О, Господи! Таков лош живот! Сечи малце од годините!” Човекот како чул, намавнува со раката на Господ и полека му вели: “Земи од него, дај мене!” Се насмеа Господ и рече: “Лели сте благодарни и двата, зами дваесет години од волот”. Му даде дваесет години на човекот од воловскиот живот. Дојде и кучето и му рече на Господ: “Господи, ти ме направи куче; кажи ми сега колку ќе живеам, како ќе живеам, што ќе работам и со што ќе се ранам?” А, Господ му вели: “Ете, го гледаш тој човек што седи во ќошето? Ќе ти биде стопанин. Работата ќе ти биде да ја чуваш од стопанот куќата, овците и стоката; ќе ги јаеш корите и коските што ќе останат од софрата, и ќе живееш триесет години.” Кучето му вели: “О, Господи, таков лош! Сечи малце од годините!” Човекот што седеше на ќошето, како чул, намавнува со раката на Господ и полека му вели: “Земи од него, дај мене!” Се насмеа Господ и рече: “Лели сте благодарни и двата, зами дваесет години од кучето”. И така на човекот му станаа седумдесет години, а на кучето десет. Најнапокон дојде при Господа и мајмунот и му вели: “Господи, ти ме направи на дуњата мајмун; кажи ми сега колку ќе живеам, како ќе живеам, што ќе работам и со што ќе се ранам?” Господ и на него му вели: “Ете го гледаш тој човек што седи на ќошето? Ќе ти биде стопанин, ќе те рани со лешници, ореи и други емиши; ти ќе го насмеваш со играчките твои и ќе му ги смееш и лажеш децата; а ќе живееш триесет години”. Мајмунот му рече: “О, Господи! Таков лош живот! Сечи малце од годините!” Човекот што седеше на ќошето, како чул, пак му намавнува со раката на Господ и полека му вели: “Земи од него, дај мене!” Се насмеа Господ и рече: “Лели сте благодарни и двата, зами од него дваесет години!” И така човекот зел уште дваесет години, та му станале деведесет години. И така човекот до триесет години живее човечки живот, слободно. Од триесет години до педесет – волски живот: си го клава јаремот на вратот, работи и се мачи за да рани жена и деца, и секако прави за да казандиса пари. На педесет години како стане таму ќе застане веќе: колку спечалил дотогај, ќе ги чува, ќе стане чувач. Од педесет до седумдесет години живее кучешки живот – цел ден се кара со домашните, за малце нешто најдува мана да псуе, да се кара и вика, од седумдесет години насетне до деведесет, живее мајмунски живот, сите во куќата си играат и се смеат со него – се чини како мало дете или како мајмун.