На Македонија на потомците на Кирил и Методиј може да и помогне само Русија

Од Wikibooks
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Непосредно пред објавувањето на Балканската војна по дознавањето за Српско-бугарската спогодба, македонското национално јадро од Битола, односно македонскиот сепаратистички кружок, на 15 август 1912 година испратил Програмско писмо до Другарството и до високи раководни органи во Русија, во кое се наведува дека Балканскиот сојуз е создаден заради поделба на Македонија од страна на Србија, на Бугарија и на Грција, а не за нејзино ослободување. Тие не ја признаваат македонската националност, па сакаат да ја србизираат, да ја бугаризираат и да ја грцизираат.

На Македонија, на потомците на Кирил и Методиј може да и’ помогне само Русија, и тоа на следниов начин: 1. енергично застапување на братска Русија во полза на Македонците; 2. уништување на бугарската, на српската и на грчката пропаганда во Македонија; 3. обновување на црковната независност; 4. слободен развиток на националната свест, т.е. на свеста дека Словеномакедонците се еден и неделив народ; 5. отворање училишта на македонски јазик; 6. македонската интелигенција треба еднаш засекогаш да ја прекине срамната продажба на својата совест и чест на бугарските, на српските и на грчките пазари и 7. широка внатрешна самоуправа на Македонија...

Во писмото на крајот се наведува дека во Македонија мириса на смрт. Дека единствениот спас за нашето дело, за нашата независност, а со тоа и за спасот на Европа од војна е вмешувањето на Русија, но не во вид на поддршка на словенскиот сојуз против Турција, туку како морална поддршка на Македонија и брз, решителен притисок врз Турција за неодложно спроведување реформи во Македонија. Ако Русија му даде поддршка на Балканскиот сојуз, тогаш ќе избувне балканска воја, а Србија, Бугарија и Грција ќе ја поделат Македонија.