Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, документ бр.64

Од Wikibooks

ПРОТОКОЛ бр. 11 од седницата одржана во сабота 27 јули/9 август 1913 година


Седницата започна во 11 часот.

Присутни:

За Бугарија: -

Н.Е. г. Димитар Тончев - министер за финансии, генерал Иван Фичев - шеф на Генералштабот, г. Сава Иванчов - поранешен потпретседател на Собранието, г. Симеон Радев и генералштабниот потполковник Константин Станчов.

За Грција:

Н.Е. г. Ел. Венизелос - претседател на Министерскиот совет и воен министар, Н.Е. г. Д. Панас - помошник министер, г. Николас Политис -професор по Меѓународно право на Парискиот универзитет и капетанот К. Пали.

За Црна Гора:

Н.Е. генерал сердар Јанко Вукотиќ - претседател на Министерскиот совет и воен министер и г. Јован Матановиќ - поранешен директор на поштата и телеграфот и поранешен вршител на работите на Црна Гора во Цариград.

За Романија:

Н.Е. г. Мајореску - претседател на Министерскиот совет и министер за надворешни работи, Н.Е. г. Алекс. Маргиломан - министер за финансии, Н.Е. г. Таке Јонеску - министер за внатрешни работи, Н.Е. г. К. Дисеску - министер за просвета и црковни работи, дивизискиот генерал аѓутант К. Коанда - главен инспектор на артилеријата и полковникот К. Кристеску - заменик шеф на Генералштабот.

За Србија:

Н.Е. г. Никола П. Пашиќ - претседател на Министерскиот совет и министер за надворешни работи, Н.Е. г. Михаило К. Ристиќ - вонреден пратеник и ополномоштен министер на Србија во Букурешт, Н.Е. г. д-р Мирослав Спалајковиќ - помошник министер, полковникот К. Смиљаниќ и потполковникот Д. Калафатовиќ.

Прочитан е и прифатен протоколот од минатата седница.

Господинот Мајореску известува дека утре пред пладне, по повод склучувањето на мирот, во Соборната црква ќе се одржи богослужба со која што ќе чинодејствува кралскиот митрополит. Претседателот ги повикува г.г полномошници, меѓу кои нема победници ниту победени туку само соработници на исто дело, да присуствуваат на оваа богослужба.

Потоа генералот Коанда го чита записникот за членовите што се однесуваат на воените прашања и што треба да се внесат вр договорот.

Конференцијата одлучи записникот да се приложи кон овој протокол. Господинот Ристиќ, делегатот на Србија, ја чита следнава изјава:

"При предлагањето надоместување на штетата на невините жртви направена спротивно на меѓународното воено право, посебно на старата српска територија, се раководевме од идејата за хуманост и правда. Длабокр жалиме што нашите предлози не најдоа поволен прием. Го задржуваме правото за ова да се обратиме на Меѓународниот суд во Хаг".

Претседателот вели дека оваа изјава ќе биде внесена во прото колот. Господинот Венизелос, во името на грчката делегација се придру-жува кон изјавата на г. Ристиќ.

Претседателот го повикува г. Писоски да продолжи со читање на проектот на договорот за мир. Членовите: V, VI и VII се прифатени без дискусија.

Господинот Симеон Радев, делегатот на Бугарија, ја чита следната изјава за членовите: VI и VII:

"Веднаш по потпишувањето на договорот за мир романските воени власти ќе се договорат со владата на Бугарија за итно воспоставување железнички сообраќај прекинат со романската окупација без да се повредува правото на Командата на романската војска од чл. VII од договорот. Само по себе се подразбира дека бугарските воени транспорти ќе се извршуваат во зоната предвидена со чл. VI, дури по рокот предвиден за повлекувањето".

Господинот Коанда го прифаќа предлогот на г. Радев.

Претседателот објавува дека предлогот ќе биде внесен во протоколот.

Членовите VIII и IX од проектот на договорот се прифатени без измени.

Господинот Венизелос изрази желба да го слушне дефинитивниот одговор на Бугарската делегација за верските и училишните слободи на христијанското население во анектираните територии.

Господинот Радев изјави дека Бугарската делегација останува на своето гледиште од причини што претходно ги искажала и жали дека бугарскиот предлог со цел, врз принципот на реципроцитет, да му се обезбеди на населението во областите на кондоминиумот освоени од Турција најшироки слободи потребни за неговиот национален развиток, не можеше да ги добие гласовите на сите четири заинтересирани држави.

Господинот Венизелос од своја страна жали што грчкиот предлог не е сметан за задоволителен.

Господинот Спалајковиќ го чита текстот според кој што се договориле делегациите на Бугарија и Србија за прашањето на старата српско-бугарска граница. Текстот гласи:

"Прашањата на старата српско-бугарска граница уредени според договорот постигнат меѓу високите договорнички страни, се внесени во протоколот што е приложен кон овој член."

Конференцијата прифаќа овој текст да претставува чл. IV на договорот за мир, како продолжение на чл. III што ја уредува новата српско-бугарска граница.

Господинот Спалајковиќ потоа го чита текстот на протоколот што ќе се додаде на новиот чл. IV:

"Српско-бугарската мешовита комисија која ќе се состане во рок од една година од денот на ратификацијата на договорот за мир, ќе го регулира прашањето на старата српско-бугарска граница земајќи го за принцип течението на Тимок, ако оваа река ќе служи за граница меѓу Србија и Бугарија, и вододелницата за делот од границата од врвот на височината Бачиште до Ивановите ливади.

Најдоцна во рок од 3 години од денот на ратификацијата на договорот за мир двете високи договорни страни се должни да ја одбележат на теренот, со постојани знаци, целата траса на старата српско-бугарска граница.

Сите воденици на Тимок, ако реката ќе служи за граница меѓу Србија и Бугарија ќе бидат срушени во рок од 3 години од денот на ратификацијата на договорот за мир и од моментот на тој дел нема да се дозволува никаква градба. Високите договорнички страни исто така се спогодија од моментов да не им дозволуваат на своите поданици сопственост на имотите поделени со граничната лини (така наречените "двосопственички" имоти). Што се однесува до постојните вакви имоти секоја од двете влади се обврзува да пристапи кон експропријација на оние делови од тие имоти што се наоѓаат на нејзината територија, по пат на претходен правичен надоместок што ќе се утврди со локална постапка. Истото правило ќе се примени и за имотите што се наоѓаат во енклавата Роглево - Коилово како и во Халово - Вражогрнци. Бидејќи нивниот правен статус спрема државјаните од двете држави е регулиран со протоколот бр. 11 на српско-бугарската мешана комисија од 1912 година.

Споменатите експропријации ќе се извршат најдоцна во рок од 3 години од денот на ратификацијата на договорот за мир".

Претседателот, по констатирањето на постигнатиот договор, му дава збор на г. Тончев кој го чита следново:

Господине Претседателе! Пред да заврши работата на Конференцијата, барам збор да ја дадам следнава изјава:

"Бугарските делегати сметаат дека општата желба за воспоставување цврст мир и правична рамнотежа на силите на Балкан најсреќно ќе биде остварена врз основа на принципот на националности. Сепак, водејќи сметка за сегашната позиција и за да го покаже своето респектирање на Големите сили, чии што совети ги прифаќаат како свој закон, се согласија да се утврди поделбата на територијалниот кондоминиум здобиен од Турција, договор мотивиран единствено од објективната положба.

Бугарските делегати се надеваатдека Бугарија ќе биде поддржана од Големите сили за подобрување на нејзината позиција соодветно на жртвите што ги поднесе и потребите на нејзиниот развиток".

Господинот Политис потоа, од името на грчката делегација, ја чита следнава противизјава;

"По изјавите на г.г. бугарски делегати Грчката делегација смета за потребно да изјави дека, со цел да се дојде до договорот за териториите постигнат со Бугарија а одговарајќи со почитување на желбата на Големите сили и на владата на Романија колку може побргу да се склучи мир, сојузничките држави покажаа најголема отстапчивост, бидејќи се раководеа од потребата меѓу христијанските државви на Балканскиот Полуостров да се воспостави праведна и трајна рамнотежа. Грчката делегација е длабоко убедена дека среќно постигнатиот договор не е резултат само на сегашната реална положба туку и да одговори на постојаните интереси на односните држави и дека изговорените зборови воопшто не можат да ја обессилат правната сила на договорот за мир утврден врз основа на постигнатиот договор".

Господинот Спалајковиќ ја чита следнава изјава:

"Државите претставени на оваа Конференција како најмногу заинтересирани да воспостават стабилна положба и траен мир на Балкан, беа постојано инспирирани од тие идеи во работата на Конференцијата. Затоа тие се длабоко убедени дека нивните одлуки целосно ќе ја постигнат поставената цел".

Господинот Матановиќ, во името на делегацијата на Црна Гора, се придружува на изјавата на г. Спалајковиќ.

Господинот Мајореску земајќи ја во предвид смислата на изјавите на сојузничките држави смета дека ја дели убеденоста на целата Ансамблеа ако каже дека изјавата на г. Тончев во никој случај не може ниту да го ослаби ниту пак да ја обессили, во било која смисла, правната валидност на договорот што ќе се потпише". Овие зборови на претседателот беа примени со едногласно одобрување на г.г. Полномошници.

Господинот Мајореску заврши со констатацијата дека спогодбата е среќно постигната ако не за сите прашања барем за оние чие што разрешување беше од одлучувачко значење за делото што ќе остане во аналите на народите застапени на оваа Конференција.

Претседателот ги повикува г.г. полномошници да се состанат утре во 9 часот за потпишување на договорот за мир.

Седницата е затворена во 11, 30 часот.

Потписници:

Т. Мајореску, Д. Тончев, Генерал Фичев, др. С. Иванчов, С. Радев, потполковник Станчов, Е. К. Венизелос, Д. Панас, Н. Политис, К. Пали, генерал сердар Ј. Вукотиќ, Јован Матановиќ, Ник. К. Пашиќ, М. Г. Ристиќ, М. Спалајковиќ, полковник Смиљаниќ, потполковник Д. Калафатовиќ, А. Маргиломан, Таке Јонеску, К. Г. Дисеску, генерал аѓутант Коанда, полковник К. Кристеску.

(Уговор о миру... 62-68)