Изводи од рецензиите за трудот

Од Wikibooks

Насловениот текст зафаќа и обработува еден многу важен период од најновата македонска повоена историја отсликан во француската дипломатија во означениот период кога Македонскиот народ, по долговековните ослободителни борби и сторените неправди од разните соседни завојувачи поробителствувани од големите сили, во текот на Втората светска антифашистичка војна со сопствени сили како, во еден дел од Македонија, ги оствари своите вековни ослободителни национални државни стремежи. Добиените истражувачки резултати се фундирани врз новопронајдена француска изворна документација која за прв пат се воведува во научен приод. Студијата концепциски е структуирана во четири главни глави разложени во соодветни наслови и поднаслови кои овозможуваат полесно да се согледаат и следат бројните третирани прашања.

Трудот во почетокот е проследен со краток функционален предговор во кој авторот образложено ги објаснува своите мотиви да се зафати со обработување од повеќе побуди меѓу кои да ги побијат ненаучните негирања на постоењето на македонскиот народ и нација како закономерна историска категорија, и дава пресек на објективните согледби на Франција за посебноста на македонскиот народ и нација со сите претпознатливи белези на националниот и државноправниот македонски ентитет.

Првата глава е посветена на разгледувањетона односот на Франција кон македонската национална посебност и борбите на македонскиот народ за свое национално и социјално ослободување и државно осамостојување, кое, заради бројните завојувачи и изоставената подршка на големите сили, се остварувала во тешки внатрешни и меѓународни услови кои не само што го кочеле неговото ослободување туку предизвикале бројни денационализаторски репресии и етнички протерувања на Македонците од родните огништа. Сите тие историски процеси француската дипломатија ги следела и завземала свои ставови во функција на нејзината балканска политика. Иако важела за покровител на Кралска Југославија таа сепак објективно ги преценувала мешањата на надворешните фактори во македонското прашање и ја признавала посебноста на македонскиот народ и неговото самоопределувачко право за сопствена држава на Балканот.

Во наредната глава втора се прикажани напорите на македонскиот народ во поделените делови за нивното обединување и пречките на негативните фактори што го оневозможувале таквото државно обединување кое, без подршка на големите сили, по војната било неостварливо. Франција во функција за зачувување на кревкиот мир и неговото одржување на Балканот како услов за светскиот мир за елиминирање на идните воени жаришта кои се претворале во светски меѓу првите се залагала за демократско разрешување на македонското прашање со создавање на македонска држава како претпоставка за виреење на мирот на Балканот.

Во третата и четвртата глава која ја сочинува срцевината на содржината на трудот се разгледува положбата на Македонија по Втората светска војна. Одразена во француската документација. Најпрво се прикажани тековините од ослободителната борба на Македонците од сите поделени делови за државното обединување, а потоа како се одвивало нивното материјализирање. Истото се одвивало не според ветувањата на сојузниците туку според нивните воено стратешки интереси за влијание и присуство на Балканот. Централно место и е дадено на материјализираната македонска Република Македонија во рамките на Федерална Југославија. Француската дипломатија сестрано го пратела и оценувала целокупниот општествено-политички, национално-културен и државно правен развиток на македонското општество со сите негови позитивни и негативни страни. Поради накалемениот советски развоен систем кој не соодвестувал на автохтоните македонски историски услови стопанството и неговата надградба се развивало со бројни потешкотии кои оставиле катастрофали последици, особено во земјоделието со насилната колективизација без соодветна механизација која ги опустоши китните македонски села кои беа носители на стопанството. Во продолжение од трудот е прикажана нерамноправната индустриализација на Македонија, моноистичкиот партиски државно политички систем кој се дирижирала од владеачката партија и од еден центар во кој Македонија долго време немала свој претставник за партиципирање на нејзините интереси во внатрешната и надворешната политика. Независно од пројавените слабости во раководењето и вештачкото насадување на советскиот систем Република Македонија сепак остварила високи резултати како во стопанскиот развој така и во неговата надградба-образованието, културата, афтокефалноса на МПЦ, афирмацијата на својот идентитет со што беа прескокнати векови за да се фати чекор со современиот развиток. Во продолжение во оваа глава дадени се француските согледби и оценки за статусот и националната положба на Македонците во Пиринскиот и Егејскиот дел во кој биле остварени времени културни автономии кој по резолуцијата на ИБ биле укинувани. Соодветно место авторот и посветува на работата на Париската мировна конференција на која на Македонија и беше нанесена нова историска неправда со незадоволување на нејзините цивилизациски самоуправни права на обединување и државно осамостојување. Дадена е исто така и критичка каактеристика на променливоста на југословенското партиско и државно раководство во претставување и заштитување на националните интереси на македонскиот народ пред надворешниот свет. Авторот посебно внимание во трудот и посветил ан мошне интересната француска студија за Македонија од 1952 година во која се изнесени интересни анализи и оценки за етногеографската целост на Македонија како самостоен делна Балканот.

Скопје, 98 Рецензент: Д-р Срде Ивановски, научен соработник



Во македонската историографија, барем до пред неколку години, беше запоставувано прашањето за односот на големите сили кон Македонија и македонското прашање низ историјата. Нашето внимание, главно, беше свртено кон внатрешните проблеми, а надворешните аспекти се проучуваа во поголемите научни центри на поранешна СФРЈ. Последниве години надворешните аспекти на македонската историја добија поголема нагласка, па како резултат на тоа е и појавениот ракопис од д-р Лазар Лазаров. Оттука, цениме дека е доста позитивно што добиваме труд во кој се проучува односот на Франција, на француската дипломатија кон Македонија. Познато е дека Франција, како голема сила, играла видна улога во светот, влијаела на историските текови, па во таа смисла имала влијание и врз збиднувањата на Балканот, односно и во Македонија. За нас е доста важно како француската дипломатија гледала, односно како француската официјална политика се однесувала кон Македонија, за што се застапувала, кои биле француските интереси овде во Македонија и како сето тоа се одразувало во внатрешен план.

Значајно е и тоа што д-р Лазаров, повеќе години систематски се занимава со ова прашање, и, речиси, е единствениот којшто него го проучува во овој период, по 1945 година, кога се консолидираше новата македонска држава како нов субјект на Балканот. Добро е што тој односот на Франција и на нејзината политика го поврзува со Балканот, го поврзува со внатрешните односи и состојбите во југословенската Федерација и со состојбите во НР Македонија. Тоа беше период кога се гледаше и со извесна резерва во која насока ќе се развива таа федерација, дали ќе се свртува кон централистички систем или пак ќе се допушти поголема самостојност на нејзините членки. Секако дека овие состојби наоѓаат свое место и во француското видување, па и не е случајно што Франција, особено за време на Париската мировна конференција во 1946 година, беше една од водечките европски земји во заокружувањето на мировните преговори, во утврдувањето на позициите на повоена Југославија на меѓународен план.

Периодот што е обработуван се совпаѓа со оној период кога во Грција се одвиваше трагичната Граѓанска војна со уште потрагичен епилог за Македонија, а во пиринскиот дел од Македонија се роди надеж дека конечно и овој дел од Македонија, неговото население, ќе добие свои национални права. Овие проблеми се во извесна мера елаборирани во трудот на д-р Лазаров, па е интересно како на нив се гледало во Франција.

Скопје, 11. 05. 1998 год. Со почит, Д-р Новица Велјановски