ТАЛКОТ ПАРСОНС

Од Wikibooks

Парсонс е влијателен американски социолог, основач на функционалистичкото гледање во социологијата. Се смета за најчесто цитиран социолог во последните децении. Социологијата за него суштински не се разликува од другите науки зошто сите науки го користат методот на аналитички реализам и сите поаѓаат од поимот „систем“ како целина од елементи со кои владеат одредени правилности и поврзаности.

За Парсонс, основен проблем со кој треба да се занимава социологијата е општествениот поредок, неговите делови и неговата интеграција. Таа треба да открие зошто доаѓа до поврзување и соработка меѓу поединците во општеството. Според Парсонс, одговорите на овие прашања се наоѓаат во поимот општествена дејност на луѓето.

Дејноста на луѓето подразбира свест кај носителот на дејноста за тоа кои се средствата и целта на дејствувањето. Целите секогаш потекнуваат од вредностите и нормите и од културата во општеството. Вредностите и нормите се важен елемент на општественото дејствување. Тие се клуч за објаснување на прашањето зошто и како доаѓа до интеграција на поеднците и нивните дејности.

За да функционира општеството, Парсонс вели дека му се потребни нужни елементи, а тоа се: јазикот, сродството, технологијата и религијата.