Сердарот – Григор Прличев

Од Wikibooks
Скокни на: содржини, барај

Содржина

[уреди] 1 песна

Пискотници се слушаат од Галичник до Река,
што тешка несреќа ги збра
и мажите, и жените, та гласи тажна ека
и навева сал коб и зла?
Дал' град полињата житородни ги беше фатил?
Ил' рој од скакулци се вдал?
Дал' султанот арачлии час предвреме им пратил
да збира арач лут без жал?
Ни град полињата житородни ги беше фатил,
ни рој од скакулци се вдал,
ни султанот арачлии час предвреме им пратил
да збира арач лут без жал.
Та Кузман, јунак славен, падна убиен од Гега,
тој сердар прочут падна в бој,
и ќе ги гази пљачкашот планините ни сега,
а да ги брани нема кој . . ."
-Земјоделци, служители на Деметра баш така
шепотеа за гласот зол, а жените,
штом чуја, писнаа од силна мака
и коси корнеа од бол.
А гласот растеше, и голем стана та се дигна
ко Бореј, брзокрил.
За час во сите ближни села толку бргу, ене, стигна
тој несреќен и кобен глас.
Вдовиците и бедните, ги гледаш, солзи леат,
и момите — за света чест.
А земјоделците ко втрегитени од ровја беа
на таа толку жална вест.


Но насреде уште останала самотна греда,
ама да потпира јако.
Но и неа бесно огнооки змејови страшни
силно ја тресат од темел и куќата,
најпосле, паѓа, а купишта прашни
станаа гробови неми . . .
Со одвратност од себе сонот го оттурна она,
мислите црни ги гони;
но пак ја обградија мачните слики од сонот
ноќеска што и се сони
Штом шушнува нешто - смуртеното чело го крева
сигурно синот и ќе е!
И пак го наведнува, како овената трева,
зашто чеканиот не е.
И зошто ја жали вдовицата минувач тажен,
солзите свои ги трие?
За смртта тој не се решаваше прв да и каже,
од неа злото го крие,
бидејки и беше единствена потпора, левен,
чедо на мајка си првно.
Страшилиште беше за Харпија—Албанец гневен
сегде што грабеше стрвно.
На оганот мајката котелот, ене го клава:
вода да стопли за толку
саканите капнати јуначки нозе и глава . . .
Него го носеа молкум.
Се надева, кутрата, пак да го пречека кога
коњче ќе разигра стројно.
Тој, силниот цар на сенчестпитпе планини, тогај
помил и станува тројно.
А Кузман честопати гонеше пљачкаши кои
плачкаа секаде смело,
и секогаш силен и горд, со другарите свои,
победник идеше в село

[уреди] 5 песна

==За таа наша пропаст жал на Махмуда му стана,

се спушти како орел тој.
Разбеснето со шпорите тој шибна, коња врана
со Кузмана да стапи в бој.
Да, така дрвар лесно сече в гора гранка здрава
од дабот толку силен, стар.
И прво падна раката со таа руса глава
на мојот храбар господар.
А потем падна и се урна снагата му цела
врз оној грозен, крвав куп.
И бликаше на земјата во струи крвта врела
од уште топлиот му труп.==

[уреди] 6 песна

Јуначкото тело на Кузмана беше од рани
лути ишарано цело,
што беа се пробиле лесно низ ребрата збрани
се до внатрешните делој.
Од крвта ненаситен, се уште водеше битка,
лутина гневна дишејки;
од раните бликаше крвта, но се уште бритка
мавташе сабја, беснејќи.
Под секира дабот, што бури победувал, така
смртно под рани се веде,
а потоа паѓа од моќната дрварска рака,
ама - врз дрварот беден. . ."
Албанецот тоа го раскажа. Мајката, која
беше изумена сета,
штом ова го слушна, над маката бескрајна своја
затажи, припадна клета.
Одненадеж народот врати со плач на плачојте
како бран врз бран во брегот.
Штом примолкна плачот, Албанецот, пак меѓу своите,
продолжи повтор за него
— „Не тажи го, жено, ти сина си Кузман, бидејќи
господ во рајот го пратил;
неизмерни сласти му нуди;
и само плачејки душата ти му ја матиш,
бидејки тој падна со своите, бранејќи ја со нив
херојски земјата мачна,
а не како злосторник кого Темида го гони,
фрла во јамата мрачна,
и не како здушен од наказ, ил' прогниет, гладен,
не како удавен в браној,
и не како жена што потајна болест ја јаде, —
туку од јуначки рани . . .
Да, не од недостојна смрт... За насилнички дела
отплатник беше, знаејќи
да одмазди смртно за својата дружина цела,
голем страв сегде ширејќи.
Во страшната борба тој отепа не еден Гега . . .
Јас ќе ти раскажам за нив,
за нашите најарни херои кои подлегнаа сега
сите под лутите рани:
во борба непобедлив широкоградиот Јакуп
којшто со подвижност лесна
за папукот Карала беше го фатил ко кален
на земја беше го треснал.
Утробата сал му ја истурил. . .Потоа Рушит,
сиот во позлата бојна,
од чија што песна и свирба трепереа уши:
опитен човек во војна.
И Селман брадатиот, татко му кому му пратил
поздрав, без веќе да жали,
бидејки за крвта на брата си беше го фатил,
— глава му одзел на Али.
И Ахмед, од сонцето спален, што обесил така
некојси кадија грешен
врз комшиска жена кој ставил изгнасена рака,
да ја обесчести решен . . .
Абдурахман,,куршум чиј наместо секогаш паѓал,
најди му рамен во светот:
без некаква мака со сигурност безгрижно гаѓал
малечки птички во летот.
Оловниот куршум не погоди овојпат ништо.
Сиот избезумен, мажи
да паѓаат виде. И падна во вечните сништа,
остави мајка да тажи.
Живееше тој во Малесија, каде што секој
кога ќе тропне на врата
наоѓаше заштита, ако на стопанот некој
од нив му убил и брата.
Скриениот може и султанот да му го бара,
заплашувајќи со колеж.
па макар по цена на крвта - не ќе му го дарат
онега помош што молел . . .
И Сулејман, којшто го продал имањето сето,
гонет од младиот порив;
за сабја дамасклија немаше веќе на светот
она што не би го сторил . . .
И Емин, што рипна во реката Дримот та чија
матица брзо го свлечка
бидејќи со невооружени врази, а пијан
некогаш беше се спречкал.
А тогаш од водата некаков рибар што минал
беше го спасил со сила.
Но жицата Кузман од животот негов ја скина:
судбата таква му била!. ..
Чан-Јок, гостоприемлив, куќата чијашто често
беше во секое време
за сите отворена . . . Роден во планинско место
каде што живее племе
Од смртници смешни: веруваат в Алах и Христа,
мешано празници слават;
и оџа, и поп на гробиштата заедно исти
обреди свештени прават.
Па син му на Абдула, Елеас, кој - да не чуете лага -
в натпревар кога ќе збесни ластовичка беше,
без малку да остави трага,
в правта под нозете лесни.
Но нималку не му помогнаа нозете, ете!
И животворните зраци
изгаснаа; остави вдовица млада со дете,
малечко детенце в раце . . .
И најпосле, дивиот Махмуд, кој беше во сешто
бик меѓу стадото бесно.
Го викавме војвода, господ. . . штом наумил нешто
- веднаш го вршеше лесно.
Нам водачи тие ни беа; без бог да ги штити
смртта ги однесе ледна.
Јас не можам да ти ги изредам сите, па нити,
жено, да слушаш ти седна!
Од крвта на стомина борци сред викови диви
земјата прокисна меко.
Останавме само четворица Албанци живи
што го избегнавме секот.
За награда ние од Стан го донесовме син ти,
толку нажалени сите:
да не биде храна на птиците грабливи, нити
плен да им стане на пците.
Та нему му прилега погребението свето!
Нека не разбере Неда
јуначкото како го цени Албанецот сето!. .
. . . Често од Одрин ги гледав
зачудено Русите. Восхитен бев од синојте
кои Елада ги даде.
Служејќи му на Шкодралијата , каде што минав
- гробови видов. Но каде
да одев, да скитав, јас не сретнав појунак човек,
жено, од сина ти сакан.
И блажени нека се твоите гради се довек
што го охраниле така.
За твоето млеко се покажа достојно чедо,
венчан од славата трајна,
и никако не го посрамоти родот ти, Недо,
в скут на победата сјајна .. .
А куќата што ке ги чуе плачовите твои
света ќе остане за нас.
На твојата порта не ќе тропнат Албанци, кои
бараат гозби и храна.
За Гегата рајата трпеза полна ќе даде;
рајата има, се гледа.
Јас секогаш ке го почитувам покривот каде
Кузман го родила Неда
и каде што таа поднесува голема тага.
Пред тебе клетва ќе ветам;
Албанецот нема да згазне на зборот и лага
не ќе е клетвата света"!
Со почит, пред телото мртво Кузманово, рака
Гегите кренаа веднаш.
Тупаници стиснаа силно; пред мртвиот вака
клетва изрекоа една:
- „Се колнам јас, јунаку, никогаш мајката твоја
да не ја нажали Гега.
И нема да позволам,еве, на зборот си стојам,
смртник да пречи од сега".
Се колнеа Гегите, колено чисто на тие
Пелазги славни. А Неда
со закован поглед в кој омраза — молња се крие
гледа во водачот бледа.
Ко втрештена беше. Молчалива - риба! Но бликна
одеднаш болката пуста.
И тежеше в гради. Ја натера гневот, та викна
луто мајчината уста:
- „Зар повтор со злосторни ужасни мисли сте полни,
скитници, грабливи страчки?!
Зар пак, о, разбојници, кроите некакви волни
убиства, кражби и пљачки?
Зар не се сеќавате, клетници, божјата рака
како ве разори, смачка?
Ил' диво се смеете син ми што загина сакан
мислите: час е за пљачка!
Но и други борци ќе воскресне Река и водач
нивни ќе излезам в гора.
По вашата трага ќе тргнам и по вас ќе одам . . .
Јас да ве уништам морам,
ил' мртва ќе паднам. Зошто ми е животот кога
син ми неодмазден ке е?
Во бојот ќе побарам смрт. Но по желба на бога
може и триумф да грее!
Јас сина да видам - ќе жртвувам живот, копнејќи;
сили со радост ќе зберам.
Но залудо ти ми го фалиш ко јунак, бидејки
враг си му нему по вера.
Даројте на врагот се омразни. Храброста нема
што да ја фалите вие.
Го нејкам ја венецот никаквец што и го спрема,
помисли други што крие.
Расплакана Албанка, косите што си ги куби,
фалби на Кузман му плете,
бидејќи во оваа слава и подвиг и убил
можеби маж или дете.
Од кротката раја, во нашата клетва се вели,
Гегите храна ќе зберат.
Сал мојата куќа ќе била чествувана, нели?
Клетви ви не се за вера!
Со таквите клетви и зборови немој да мамиш!
Света е куќата моја:
со барут и железо полна е; не ќе ја срами
Неда родината своја.
Ќе дојдат ли со вас и мнозина пљачкаши стрвни, -
вас ќе ве дочека смело,
со божјата помош во борба со душмани крвни
в крв ќе запечати дело.
Ти велев често: „Кузмане не ризикуј ти живот,
не елегувај во бојот пак!"
Но ти опасноста ја презре, и во пресрет, диво,
на болниот му летна знак.
. . . Но, на рамо вие го носевте сина ми довде,
голем пат вие сте прошле . . .
Знам, нечесно ќе е да почнам со играта овде,
зашто со милост сте дошле.
И затоа нека во верност се заколне секој,
нека се заколне дека не ќе врши грабежи,
се дури постои веков,
во намачената Река.
Земете ја, инаку, клетвата назад, и така
денес да почнеме битка!
Јас не можал среќна да бидам се дури во мака
страдниот народ се витка!"
Им рече . . . ја гледаат збунето Гегите неа:
лик на природата сама . . .
А луѓето, сите со трепет, замаени беа
од необичната драма.
И откако дадоа збор Арнаутите, секој
од нив се заколна дека не ќе врши грабежи,
се дури постои веков,
во намачената Река.
Го поткрена Неда мртовецот, — тешкиот товар
во мајчина прегратка лесен . ..
Плачејќи, во бранови луѓе го гледаат ова. .
Околу патот е тесен.
Големото портиште скрцна ко бикова рика.
Дворот се начичка добро до народот
и од неговата таговна вика.
(Сите пак, не ги ни собра.)
Сред плачот се стегаше народот надвор и благо
секој на мртвото тело
Кузманово сакаше да му се доближи: да го
бакне неговото чело.
А Неда, носејќи го на раце лесниот товар,
силно офкајќи, се качи
по ретките високи скали, гологлава . . Нова
стихија разнесе плачој.
На постела таа го стави мртовецот, каде
жена, во црнина цела,
рамнодушно чекаше. Врз глава таа му кладе
крпа, копринена, бела.
Ти која си, жено, што можеш да стоиш сред
врели
плачови студена тука?
Калуѓерка таа е, Фотина, чиешто челик -
срце во градите чука.
В гроб темен испратила мнозина Фотина клета.
Нејната студена душа,
гледајки ја одблизу смртта - замрзнала сета.
Страшниот пискот го слуша,
недостапна сала за солзи. Но, ете ја,стои
- карпа пред јароста бурна;
нејзиниот ум го зацврстиле молитви, кои
идат од душата тмурна.
Мртовецот таа го соблече. . . Крвави порој,
лута и не една рана ...
А мајката, браздите кога ги виде, без зборој
ко поулавена стана.
Тресејќи се целата, очи со раце стискајќи,
в потп се изоблеа ладна:
Еринија чиниш ја збрка;со глава, ко лисје нишајќи,
таа полумртва падна.
Надојдоа жени; од подот го кренаа тие
нејното немоќно тело,
и почна со студена водица некој да трие
Недино високо чело.
Но откако дојде на себеси кутрата Неда -
отвори полека очи.
Штом поткрена поглед, започнаа пак да се редат
тажачки, солзи без почин.
А Фотина мртвиот в корито беше го клала;
вода го потури млака
што беше ја стоплила Неда, чекајќи пред малку
жив да се искапи така.
Го искапа бабата. Кога го вршеше ова
среде тишината темна,
монотоно сите ги редеше маки на Јова9,
в потсмев кон сладоста земна.
Ко лице и песната бестрасна беше, но река
в кристално корито, чинам,
што тече низ песок, гонејки ја полека-лека
жедта на тие што минат.
Баш така Библијата како со балсал ги слади
неутешените гради ...
Зборовите параа срце на тие што таму
собрани беа, а само
утехата стои пред кутрата мајка ко стена,
болката неа ја скрши.
Свршуваше песната . . . Ама опитната жена
и со капењето сврши
на многутажениот мртовец, херој од Река.
И Кузмановото тело
се провикна за да го кренат .. .Па видоа дека
телото - цвет беше бело.
А мајката прва се спушти и лесно го крена
како од фиданка гранка.
Му облече кошула веднаги опитната жена,
риза - пајажина танка.
А потем, позлатени дреи што Кузман на празник
само ги носеше голем.
Да, така младоженец ружаат моми со разни
обредни песни во пролет.
Го пренесе мајката, накитен сиот во злато,
на чардак - резбарско дело.
Го кладоа в постела: Неда по тажачки прати,
најарни тажачки в село.
За тажење, досега нигде неслушнато, Неда
најпрво знакот го даде;
И расплете коси, над мртвото затажи чедо. ..
Рацете таа ги кладе
врз Кузман... - „Се надевав - писна, - ој Кузмане, дека
како младоженец в зора
девојките ќе ми те облечат;
тука Ке екнат весели, свадбени ора.
Го украси резбар со цвеќиња таванов, - рече, -
од младоженската стаја.
Канејќи не бочвата сите на свадбена вечер —
врие од виното таа.
И пративме дарови на свршеницата твоја;
прстенот таа го смени.
Ни наближи часот за венчило. . . Злосторна моја
судбино, како се мени!
Но место да чуеш ти радосна свадбена песна
-тажачка слушаш да пекам.
И наместо одаја брачна, ох! — јамата тесна
бездушно тебе те чека!
На рацете нема да залулам внуче, а ете,
каде ме остави, каде?!
Се изгасна родот, а друго освен тебе дете
нелам, не остана надеж.
Го остави творецот земен со еден и родот
на чествуваниот Раде.
А мракот на смртта ја голтна без милост и таа
фиданка бог што ја даде.
На Радета Стајко му беше единствено дете;
Ти, пак, Стајковата надеж.
Во битките смртта на сите вам венец ви сплете
на гради камен ми кладе.
Та новата рана ја отвори старата; денес,
кутра, да не бидам жива -
над синот и мажот оплакувам одеднаш! Мене
срцето в бол ми се свива.
Се чуди со ужас и денес албанското племе
што јунак татко ти беше;
со славата побратен, сердар, тој целото време
беше на херојство решен.
Ги плашеше како што зајак се плаши, кој бива
гонет од изгладнет орел . . .
Тој падна во Дебарца кај што со Муча на живот
и на смрт беше се борел.
Ти остана детенце, утеха една во жалост,
бујно ко фиданка в гора,
За подвигот татков со восхит ти,
иако мало, сакаше јас да ти зборам.
Штом слушаше ти за неговото убиство, твојот
поглед плалнуваше а ужас;
и, вцрвен од лутина, клетва ти даде во својот
гнев - дека одмазда ружаш.
Бегајќи од шумот на твоите врсници, често
нешто во мисли те влече:
во сонот ги гледаше битките, а најаве место
играчки — имаше мечој.
Со опашан,тежок меч често те гледав да шеташ,
пламено нешто шепнејќи.
За убиства жеден, те гледав кај виорно леташ,
невидлив бој ти водејќи.
Но, отпкако порасна направи дела од кои
душмански племиња в страва
се стресоа... За тебе слушнав од душмани твои
фалби што тебе те слават..
Штом татко ти загина, сабјата твоја
повторно ја прероди Река
ко пиле што пиштела в орлови нокти, во која
Гега ја навредил сека
домакинска куќа... Ти брзаш,мој сине,да земеш
венец од лаври во крајот
на блаженства,кај што не се знае болка и
време, каде што таму, во рајот,
од приказни можеш да сретнеш задоволства толку . . .
Песни се нижат од гласој -
што не ги чул досега смртник . . . И бескрајно, колку
векови минат ко часој!
Сред ливада, таму, и татко, и син ќе се сретат;
таткото сина ќе гушне.
Во борбите диви што сторила твојата чета
од тебе тогаш ќе слушне.
Штом јунакот тој ќе го гушне со насмевка милна,
радосен ќе ми те баци . . .
А, можеби, набрзо и мене, в радоста силна
ќе ми подадете раце . . ."
Го изрече ова . . . Бессолзните очи од тешка
тага ко жарови беа;
бидејќи го пресуши изворот тагата жешка
- немаше солзи да леат.
Во истото време подзедоа жените болно
тажења, в припев редејќи,
а однадвор им пригласуваше, липаше волно
народот збиен, плачејќи.
И едно по друго од другите жени два хора,
одгласувајќи ко ѕвона,
за животи редеа што рекол Кузман и сторил.
Кој ке го раскаже она
што жените,кога ќе тажат над мртов, го редат?
.... Дојдоа мајките чие
што чеда со Кузмана паднало; потем со Неда
Кузман го тажеа тие.
Жалејќи го Кузмана, тие над своето блиско
толку неизмерно плачат:
да не стане пљачка на пците. .. А лелек и пискот
сегде во куќата јачат.
Но одеднаш Неда истрчува горе ко елен,
народот гневно го кори:
- ,,Ој, орачи, мажи, не тажете вие! - им вели !
слушајте што ви се збори!
В бесполезно плачење зошто венеете така?
Плачот остајте го еднаш!
Кому му се нозете лесни и снагата јака
нека биволите веднаш
ги впрегне во коли и тргне во Стан. Та и сами
знаете: в прашина, мртви,
десетмина јунаци лежат што смртта ги смами.
скапи за земјава жртви!
Па, кога се мртви, дајте им на кутрите мајки
нека ги истажат барем.
Тажењето за нив е награда: оплакувајки
мајките ќе им ја дарат!"
Им рече ... И рипнаа четири момчиња млади;
веднаш истрчаа спроти
Недината куќа, та право отидоа каде
многуимотниот Фоти.
Од крајната сушина колите сосема лесни
тие ги свлечкаа по нив.
По нешто поправија и во дупчињата тесни
катран намачкаа они.
И впрегнаа три чивта близнаци биволи црни.
Чесно молејќи се богу,
одејќи пристигнаа се до планините стрмни,.
толку надиплени многу.
Брзајќи биволите спотнаа. Се уште така
крцкот се слуша по ридје.
Ги водеше колите опитен старец што в мака
препател многу и видел.

[уреди] 7 песна

Да, така беше тоа. Девојка, пак, тажна дома
во собата и сама е.
По либе таа тажи .. . Чија ли е таа мома
чии клепки толку лични, се?
Свршеницата е таа; Марија, и една надеж
на Томе, својот татко стар.
Тој женски ред-занаети со сновалка и даде
и тоа беше негов дар.
Не пристигна свршеникот си мртов да го кити
со росен погребен букет,
бидејки не тажат во Река момите, па нити
го видел тој срам овој свет!


Пред свадбата девојките, затворени ко пилци,
сред мечтите се носат рој.
Нив бог ги гледа. В ѕидот,пак,ко в кафез птички крилца
го кршат тие гласот свој.
Ткаејки, таа слушна плач. И мисла црна нејзе
и блесна в глава како нож.
Ко гласник на несреката при неа Толе влезе,
леејќи солзи како дожд.
— „За плач е час.. Свршеникот непријател го уби
трпејќи пораз во Стан.
Го тажат жените, променети во црни руби,
а плачот - железен е бран."
И жал, и мака скри девојката; и мирно седна
пред својот нежен татко стар,
Не заплака, а мени боја, проѕирна и бледна,
пожолтена ко килибар.
А старецот си излезе, оддалечи, мислејќи,
за кого да ја мажи друг.
Ој, кутриот? Тој никогаш, па иако копнејќи,
не ќе стисне во преград внук.
... Штом сама остана, шамијата ја сметна в трепет
и пушти веднаш жален вик.
Расплетувајќи долги коси, врз нив тури пепел:
го презре својот убав лик.
И писна в плач; - „О дни во кои несреќа се лее!
Та тажен ли е живот клет;
од денес полн со болки, низа крвава тој ќе е
од солзи, преполн маки сет.
И само в гроб јас кутрата, за мојта болна душа
ќе најдам сладок балсам .. .
Ти, о дали свршеницата си сакана ја слушаш?
Те прашам: кај ме напушти? .. .
Не ќе видам да носиш пак на коњот трофеј боен,
да стигнеш гордо, в роден крај.
Ни на оро, сред младите, ќе видам, либе мое,
да блеска твојот пусат в сјај.
О, зошто немав сабја јас, та со неа мавтајќи,
да летнев како јунак в бој!
И место тебе, стрела албанска пречекувајќи,
ко заштитник да паднев твој.
А Гегата крволочен јас, бесна ко Менада,
би го раскинала со заб.
Но што!... Од огнот борбен момата се плаши млада;
нејзиниот е мускул слаб.
Со солзи жешки, да ме чуе, молби богу пратив
пред светиот му моќен трон.
И може творецот на светов жив да ми те врати
штом мојот ќе го чуе стон!
Но, кој од оној свет се вратил? Камо таков човек?
Се уште силен е Харон...
Природните ги создал господ закони за довек,
за мене не ги мени он!
Ќе служам јас во домот божји, и во црна руба
ќе бидам вечно тажна јас.
Не ке примнам друг в постела, и колку да е убав,
се дури трае мојот час.
Со плач ќе те смилостувам.. О слушај ме, ти можеш
да слушаш крик мој секој пат:
Час побргу ти сврзи ме со либето, мој боже,
во твојот рајски светол кат!
Ти не си жив. Штом мојте очи сонот ќе ѓи склопи
- во сонот ке ми блеснеш ти
сред тишината, во сиот сјај што целата ме
опи, ко оние што блесна дни.
О сонце, колку светлина ти прскаш уште рано,
и како лееш светол зрак!
Штом Кузман не го чествуваш ти згасни в океанот
да не грееш и над нас пак!"
Проговори .. . И целата покуќнина од темел
ја претури од силен јад.
А јадот толку растеше ... Го исплака без време
избраникот на својта град.

[уреди] 8 песна

Крај Галичник постои ритченце малечко свето
врби насадено сето.
И шумоли поточе, брзо ко змија, течејќи,
кристални води леејќи.
Светлината сончева одвај приѕирнува таму.
В сенчести гранчиња тука
кукајца се вести штом пролет ќе наближи само,
таговно в пресрет и кука.
И изморен патник замислено седнува овде,
потпрен под некоја врба.
Слушајки го чрчорот птичји што достига довде,
целиот пролетен брбор —
На гусла двоструна свирејќи, покрај патот седнал,
го пее ова просјак сед;
а јас, пак, прост запишувач, минејќи тука еднаш
го запишав од ред до ред.
Лични алатки
Именски простори

Варијанти
Дејства
Навигација
Печати/извези
Алатник