Морници, 1991

Од Wikibooks

Јован Котески
Морници

Издавач: Наша книга, Скопје
1991

Славеј и кафез[уреди]


За да пее
славејот треба да се престори
растопена ѕвезда.

Кон стиховите ги додавам
своите искушенија:

Славејот в кафез не пее,
но ако веќе пее
дајте му зрнце слобода
или само капка смрт.

АТО плус АТОТО[уреди]


Зошто ми се случи токму мене
да ме напаствува АТО плус АТОТО,
какво ли зло им нанесов
на ’ртките, соколите, омнибусите?

За задуманите, наддуманите,
за заебаните по јабаните
одѕивот се крши – карпа од карпа,
АТОТО се мечува со себеси,
се дроби во парам – парче!

- А-а-а-а – зеат планините
исполнети магли, правови,
- А-а-а-а – дебне одмаздата
сред ненаситност сура.

„- А-а-а-а-а-а!“,
- акнал та пукнал – ми вели воинот од мрамор,
истото го повторува и облакот
што се подготвува да ’рзне,
платанот што се чешла на ветровите
влегува во мене со АТО на чело!

Со Господ напред
ме снајде АТОТО,
станав ризница
на исчезнати гласови.

Фотографија[уреди]


Во искушенијата што следуваа
станав затвореник.
Вртлогот на очајувањето
ги брише границите,
здодевниот пејсаж
ми ги заслепува очиве,
ми го одзема видот и здравјето.
Ја прелистувам сопствената болка.
Нагонот за убавото е посладок
од корка леб.
Кога ќе се измерат сите топлини
останува само единствената надеж
дека може да се повлече и конечна црта.

Сфинга[уреди]


Среде песочна вејавица
некои ми изделкаа сфинга,
исконско гледа во пустината.

Грозоморно гломазна и грда
скаменета в едно,
го зазема лежиштето во мене.
При непредвидлива фатаморгана
ја менува формата,
безобѕирно создадена да страда.

Тајната ја крие во себе,
од устата и’ шика крв,
во неодредено време чемрее.

Зборот и’ е обликуван молк.

Болка[уреди]


Ноќе светилките во кругот
го засилуваат крикот
на небесната птица,
ме растргнуваат морници.
Сепак е побезболно да си поблиску
до смртта, да си на скок!
Го молам привидението
да не ми ги испраќа звучните еха,
крикот на пауницата пробива како со нож
со жед за парење.
Грозна птицо
со виножито во перјата
молкни еднаш
да ги расипам шаторите
на својата идила!

Сонувам, а буден сум,
женско тело и слобода.
Ја сфаќам суштината
на двата збоа,
кон нив ја додавам
и поезијата
Сепак е почиста во својот тек.
Но времето бавно минува
и мислата ме одвлекува во неврат.

Неделно утро[уреди]


Ги бројам часовите
и единствената утеха ми е –
што преку решетките
гугутка лепези шири.

Веќе се изведени младите
и срцето посилно ме стега.
Дури сега ја откривам
мудрата порака во погледот на лавот
што не е упатена кон тебе
туку кон една савана
престорена светла точка.

Жиците на далноводот
полни се прекриен трепет,
недопрена харфа.
Слетува птицата на нив,
почнува да ги буди соништата
и в миг се престорува
жива нота...

Тавтабити[уреди]


Некојси, а тоа сум јас,
со нога степкав
на работ од креветот
тавтабита.

Сега сум мошне галовен.

Касарните и клиниките
секогаш се настанети со луѓе,
(исполенти до последното место)
исто и затворите.

Тавтабитите се придружна сермија.

Неколку линии[уреди]


Едноличните мелодии ја засилуваат вртоглавицата
и осамата ја рапостила својата сермија,
се испитувам во издржливоста, офкам,
но помеко од кадифе
крикот во мене гасне
и веќе се чувствувам сува пепел на буниште.
Се брише дури и значењето
дека сме биле една душа и едно тело.
На парче штица од креветот
неколку линии повлечени од невешта рака
се доволен доказ дека во процесот на збудалувањето
некој пред мене се обидел да нацрта коњ,
а испаднало куче
или дури некој уште покрволочен ѕвер
што скока в очај.
Неколку капки машкост го довршуваат портретот
пто си го создавам во свеста
за потоа да скиснам
да се престорам тесто што се меси себеси.
По долго лебдење
ме понесува дремка, но дури во сонот
од преку решетките ми намигнува месечината
со жолта веѓа.

Очајници[уреди]


Според редот
тие постојано се качуваат и слегуваат.

Леб, лонче, лажица.

На веста дека нивните браколомнички
повлекле таен потег,
тие ги ококоруваат очите
како пред отстрелана срна.

Времето работи за нив.
Уште петнаесет години, уште десет,
уште шест...

Им здодеало прашањето –
кога, како, зошто,
па се гледаат како првпат да се виделе,
а очајно се мразат.

Секој секого сопнува,
а ако ја знаеш суштината кој си и кај си,
среде змијарникот ти останува само
помислата да се увериш
од која страна лутица ќе те клукне.

Злосторник[уреди]


Цела ноќ го разглобуваше своето дело
во тенкост и целина,
навлегуваше низ лавиринтите
на замрсена слепа љубомора
што го довела до злосторство.

Кој би помислил дека Веле од Пробисвет
може да убие жена?

Тих, блед, со лузна на образот,
- идеален прототип
од цртежите на Сутин! –

Ја оживуваше жртвата
со врховни страсти
како што ги сретнуваме
меѓу обичните луѓе.

Но кога со приказот дојде
до самиот потег на злосторот,
Офна!

Сетив грозомора
имајќи го на ум светлото сечило
со кое ги отворал камарчињата на животот
како на платно од Гоја!

Молкна.

Веќе се разденуваше,
а догореа и цигарите...

Наспроти решетките огромно дрво
со застрашувачка закана
зафаќаше простор.
Над него птица
црташе круг.

Знам дека и денес ќе ме измачува
едноличен пејсаж.
Никогаш не ќе го доврши
портретот Веле, помислив.

Надвор пукаше од светлина
и кренат беше птичјиот џган.

Двојна казна[уреди]


Можеби некако и ќе се издржи,
но мислата за слобода гори,
ги доусложнува патилата,
зафаќа попречен порој!

За показ ги вајам ткивата на дрвото,
одвоена си од мојот рез,
можеби некако и ќе се издржи,
досудена ми е двојна казна!

Прунудата се полни ко сад без дно,
бесличноста постојано се таложи,
можеби некако и ќе се издржи,
но како ќе се издржи?!

Во меѓувреме[уреди]


Кругот постојано се стеснува
останува само помислата
дека нешто в бескрај болска,
нешто што не е видливо
од зад решетките,
а те обликува чиста мисла.

И одеднаш завладува некаков совршен мир,
чиниш некој ти испраќа тајно
послание
со неразбрилива болка
што те исполнува до дно.

После грозоморно треснува
железна врата.

Морници[уреди]


Таа просторија беше до неговата ќелија,
го фаќаа морници ноќе
кога оттаму пробиваа матни крикови.

Ламбада[уреди]


На Васил Атанасовски-Шумски

Верувај,
ќе ти дојдам на погреб,
со големо задоволство
ќе ти запалам свеќа ламбада
и ќе се потсетам дека меѓу голите ѕидишта си бил затрчан рогат.

Ќе ти дојдам на погреб
за да знам
кај е фрлен прашникот на злобата,
а ќе ти запалам свеќа ламбада
суровоста со пофалба да гори.

Крик[уреди]


Кога слегуваа преку подмолниот засек на бедемот
жените ги зафати некој невозмен восхит,
некакво одушевување им навлезе во душите,
ги полазаа, ги заголицкаа по дамарите
нестварни мрави, по бутините, им се качуваа нагоре
кон божествените лозја, кон широките рудини,
се’ до Евиниот Брег и уште потаму -
жените ’ржеа како отпасани кобили.

Од луничаво сониште ме пробуде грозен крик.

Потег[уреди]


Сликарот повлекува со четката
и низ сеќавање ги засилува тоновите,
тагата да ја обликува во бело!

Во мислите се обидува да создаде
бескрајно полна и топла цицка
со пупка од виделина...

Колку и да ја дотерува веѓата на Жената, сега,
сонцето и’ ја засенчува во цело!

И се покажуваат колковите Обли,
Таа на отворено во туѓо срце спие,
дозрева за жнеење.

Големината на портретот нараснува
во сознание втиснато во сув восок
ко полна месечина.

Скрупец сол[уреди]


Од џеб извадив скрупец сол
светна соланата пред мене
(сега само во сеќавање)
и посакав да бидам закопан
сред пластови сол.

го напуштив морето со мајданот,
време е за вечера.

Ја доближив лажицата до устата
и сфатив
колку може да биде од животна суштина
скрупец сол.

Во мигот на ускладувањето
на потребите што блеат од телото
кон мене се свртеа
светли очи.

Молкнавме гледајќи се.

Тој ја подаде раката кон мене,
но во мигот светлоста згасна
што никогаш не заоѓа над морињата.

Шарена песна[уреди]


... Дури и од бубалката
што невино лази по раката
да те чува бог.

Кога бев дете
не ја знаев суштината
што ја кажуваа постарите
дека Бела Рума шара со очи.
Сега, кога сум зад решетки,
шарам со поглед по ѕидот
и невешто се свртувам
кон светилката
облетувана во орбита
од шарен инсект.

Згаснува светлоста
и преку решетките затреперува
небеското стебло.

Најпосле им се предавам на соништата
што ми ја тетовираат душава...

Одмазда[уреди]


Те шибнуваат од сите страни,
дури и дрвото со испупени брадавици
те полазува со гроза
и неминовно те боли
помислата за живо ткиво.

Час е кога несмирено лунѕаш
со мислата,
а излез нема,
чмаеш како исушен брест
и единственото офкање
(длабоко во себе)
е суптината на тоа што си.

Истрај во распетието,
си велиш, а нема ниту брут
да те приковаат зад закатанчена врата.

Ти останува само да ја допреш
раката на срцето што чука
и да почувствуваш дека си жив.

Жив леш.

Крстозбор[уреди]


На крстозбор ми се падна
да решавам за богот на љубовта
кој живеел пред недогледни ери,
а прашање е дали постоел!

Сепак решение најдов
под гранест јавор
во првата своја младост
минуваше набрекната млада жена;
тогаш, почувствував вистинско блаженство
што ми го осакати духот.

Ми потече Вселената
како кога полжав остава слуз.

Несомнено,
сликата на невиноста беше сместена
во рамките на осудениот бог.
Подоцна дознав
за единството на природата
среде притеснетиот круг
растурав убиствено множество
страсти.

Дрвени фигури[уреди]


Играм шах
напрегнат во битката за победа,
ги чувствувам жртвите
на древната војска,
а не ја чувствувам сопствената жртва.

Низ проѕирната наметка на жена
и’ се гледа Евиниот Брег,
ги краде воздишките
што сега ги погребувам
во ткиво од дрво.

Стварноста може да биде позапаллива
од зрно барут.
тронот е малку залулан,
но сред зеленото кадифе
паѓа пион.

Сега, кога со лонче и лажица
седнувам за вечера,
чувствувам како сум поразен
од дрвена мафија.

Ме теши само помислата
дека идната недела ќе дојдат пак
како на гробишта
за да ми донесат задушница.

Посета[уреди]


Таа од очите истури букет секавици.
Сакаше да и’ го расфрла бисерот
на местото каде што ја посади
горчливата билка, поезијата.

И рече само: сега кога ја гледаме
земјата е оптегнато женско тело
милувано од златна роса
што назорум блика од облаците.

Не зборувај ми за ангели,
раскажи ми нешто кревко
за онаа растреперена трудница
што ќе донее живот на светов.

Жена[уреди]


Како свое видување на мојот случај
нештата за мене се шок
што обично им се случува на тешко болни
кои долго биле под скалпел. Не знам
со каква силина на сожалување
ми пристапи, а рече дека времето на издржување
и не е толку важно. Во душата засекогаш ќе ти остане
црна дамка.

Овој необичен пристап на зрела жена
која никогаш пред тоа и потоа не сум ја видел,
дојде како долго очекувана среќа,
па во миговите на крајно очајување
ми посади нешто светло и топло
од својата во мојата душа.

Глетка[уреди]


Го прелистувам јасниот текст
на црешата првестинка –
неколку сочни плодови –
брадавици на млада жена.

Сината небеска лента
ми ја преврзува устата,
меѓу црвената зрелост на смеата
окото ми останува бистро.

Со засушена плунка,
со поттик за ново бледило
пребликнувам од кругот
осуденик без дело.

Автограм[уреди]


Изабени се скалилата
каде што нагоре и надолу
се сноваат затвореници.

Со поглед барам
парче отворен простор
за да го ставам својот автограм.

Приказна[уреди]


Меѓу нога и кол
невидливо јаже се протега
- тој е сопнат коњ.

Пријателите со сожалување гледаат во него,
го одбегнуваат
и јажето уште повеќе го затегнуваат.

А непријателите?!

Не му останува ништо друго
освен
да го распнува шаторот во соништата
среде ливада во расцутен пламен
и низ една угорница, на Плачковица,
да тркала – сув Сизиф –
студен камен.

Кратци[уреди]


Откријте ги кратците
на банките,
на пазувите, на топлите
мајчини зборови,
најдете ги тие што ни ги превртуваа
стопанките!
Фатете ги тие што ни ги празнеа
сефовите
од зелените планови, како од дланки,
што ги поткопуваа миризливите градби
на жените,
пто ги локаа како сребрени капки
од разлистени гранки.
Покажете ги тие што ги парчеа
понесените, занесените, однесените
без шум
казнете ги расипниците, натрапниците,
тие што пустошеа секогаш и сегде
без ум.

Лик[уреди]


И одеднаш се озари ликот
твој
Мајко, богатството што го имав
болсна од ненадеен изгрев.
И знам: малку поснижен глас
ми ја навева песната
(иако ретко извираше од твојата уста)
сепак, некаква неизмерна нежност
на постоење ме изедначи во овој миг
на сеќавањето...

Предупредување[уреди]


Напиши ги стиховите што поскоро,
за да има време да се вратиш дома.
Фати го патот на пресека!
Ако случајно (или намерно!) те пресретне
змија осојница
немој да и’ ја одземаш душата.
И ти имаш душа што ти виси на конец!
Душа што можат во секој миг
да ти ја испијат како топло млеко.

Хамлет[уреди]


1.
Да ја одиграме драмата без крик,
да ги врземе ноќта и ноќевањето
во точка од сон, во тег од камен,
да ги заплеткаме коците
за акробтатите во мрежа од сомненија
да ги фопкаме
и да атакуваме само за една смрт.

2.
Ја гледаше како се враќа од кај водата,
беше извлечена од црвен гранит.
Имаше светнато лице од челик.
А дали е можно со насилници да се реши спор?!

3.
Кога Хамлет се освести по претставата,
шумата во амфитеатарот беше испосечена,
гласовите молкнати,
среде купишта испокршени мечови
си ја здогледа главата набиена на кол!

Неповратно светеше на месечина.

Искри[уреди]


Огнилото и кременот се удираат,
бликнуваат млазеви искри
се губат.
Заспаното повторно се буди
среде природата се обликува
во оган,
открива совршена убавина од искри.

Се’ искри...

Роденото како да и’ шепоти на промената –
блазе си и’ на онаа искра
што ќе потече надвор од Затворениот Круг,
што ќе се облече во пламења.

...

Не е можно да ги соберам в око сите искри
што полетуваат во жолти роеви
и да ги прикам на небеско платно
како што тоа го правеше
Хераклит
со ѕвездите
потпрен на елипсата од Млечниот Пат.

Поети[уреди]


Слушнав музика и помислив
- ако се тргне пеш од Идризово до дома
и не е толку блиску.
Телото е создадено за да се брани,
никогаш не му давав значење
на дождот што врне врз моето тело.

Во Домот запознав флејтист кој мислеше
поважно на земјава од флејта нема.
Дури и да е така –
не сакам да речам дека не се разнишани
балерините, дури и излокани!
Прстите почнаа да пасат по инструментот
зошто без нив и гласовите беа архаични.
Мислев дека во театарот се прикажува
мојата идеална претстава –
„Време е да се биде дома!“

Ми беше страв
да не ми го украдат кварцот од коските
и како може да не е восхит ниту еден стих
штом ќе се заталкаш сред гробиштата
во Долно Нерези?

Го отсопнав ритамот
и во трчаница го забележав
бериќетот небески,
не беше којзнае колку сјаен!

Еден црвен облак, лилаво-модар
стопен во опаш од опал
и оганот е оган, рече, и тогаш и сега
и една тенка бразда чија вода секнува
пред дури и да потече.
Ни грст пепел.
Се рашириле за да ја фрлат
од темната мусандра, бездушницата: Хименез, Сеферис, Сен Џон Перс, Пастернак,
Монтале, Неруда, па дури и оној несреќен Сајферт,
сите се наттрчуваа на стари години кон целта
носејќи го високо кренат водоскокот
кон небесната погребна музика.

Пред излезот од Капијата реков:
- Што стори сестро поезијо
со своето студенило од змија
што им ги замати умовите
на толку безмерно совесни луѓе?

Не е лесно да се биде толкувач
на записите од мртвиот Дом.
Тие тоа беа.
Всушност сите тие го оставија
како бедна кула своето тело
и од својот обем не излегоа надвор.
- А, да. Душата е додека секундата
лази по белиот стадион на часовникот.
Колку што се знае.
Другото е отфрлена облека.

Реома[уреди]


И еве пак почнува летото
и јас излегувам на Црна
на една плоча од коритото
ја спуштам ногава
и вжештениот камен ја пие
студената 'рѓа на реомата.

Иако нечиста и матна
матицата на реката им годи на очиве,
таа ги одвлекува
едно по едно зелените стакла –
(студените морници)
складирани во мене во скудни зимски ноќи
во робијашница.

Минливости[уреди]


Една статуа во ископина,
Еден килибар на Месечина.
Своја сенка во туѓа сенка,
Клатно од гипсена божица.
Свежо тело- сулфурно цвеќе.
Подиставена распупена дојка,
Грмнат истрел од зрел крик.

Тоа што откопаа однесоа:
Воин в драперија со набори,
Бел ангел со врбова свирка,
Бич на омарнина под клепка
Пладнува в музички акорд.
Пие од Атена како од барде,
Се потсетува на злослутот:

Вулканска вжарена лава
Се вселува во твоето тело
Од еден друг круг, Господе,
Спаси ги неодложните страсти,
Огнот што извира од пределот
На грозно луничавиот Мирагонг,
Спаси ги растурените коски...

Сината точка на твоето тело
Во играта на пламенот чади.
Прости ми што ти ја давам
Градбата в ништожна пепел
На божица од мрамор, в сон.
Признавам само целосно и јасно пупење,
Другото не содржи јота.