Манифест до сите народности во Османската империја 31 јули 1908 г.

Од Wikibooks
Манифест до сите народности во Империјата

Драги сотатковници,

Толку долго очекуваниот зрак на слободата изгреа. Нашата измачена татковина се прероди. Срамниот апсолутизам е во агонија. Против него востана целиот народ во лицето на сите нации што го составуваат. Револуционерниот повик на нашата братска Младотурска револуционерна организација наиде на радосен одѕив во душата на толку измачениот народ. И народот - роб стана господар. И неговата света пресуда е:

Смрт на апсолутизмот!

Смрт на угнетувачите!

Драги сотатковници,

Денешниот момент е голем. Во него ќе се реши големото прашање: ќе биде или не слободен нашиот народ? Кој ќе биде победник - тоа зависи исклучиво од вас, од вашата волја и готовност да умирате за слободата. И зарем вие, граѓани, што веќе вкусивте од слатките плодови на слободата, ќе се поколебате да ја исполните својата пресуда и да не го закопате злосторничкиот апсолутизам?

Сотатковници Турци,

Вие го составувате големото мнозинство од народот, но заедно со тоа вие најмногу ги почувствувавте злосторствата на заедничките непријатели. Во своето „турско царство“, вие бевте не помалку робје од вашите сотатковници христијани. Нашите управници досега лажеа дека христијаните се ваши непријатели. Сега вие разбравте кои се ваши браќа, а кои ваши непријатели. Вие први влеговте во борбата за слобода и рамноправност. Заедно со вас се сите. Вашиот проглас: „Народите се браќа и како браќа треба да живеат“ - ги загреа срцата на христијанското население и го олесни во мачното прашање: по кој пат може да се стигне до слободата. Затоа: да живее започнатата од вас борба против тиранијата за да заживее целокупниот народ!

Драги сотатковници христијани,

И вие не помалку бевте заблудувани и верувавте дека вашите маки произлегуваат од тиранијата на целиот турски народ. И таа заблуда падна. Турскиот народ никогаш немал интерес да му бидете робови. Сега вие си подадовте братски раце и само со тој сојуз вие ќе ја извојувате толку досега саканата и скапо платена слобода. Зацврстувајте го тој сојуз. Да ги погребаме заедно со апсолутизмот и создаваните од него национални самоистребувачки борби.

Сонародници,

Вие, кои сте дале толку скапи жртви пред олтарот на слободата, можете радосно да здивнете. Сега вие не сте сами - ете зошто и вашата борба станува полесна и понадежна. Со заедничките усилби на сите народи ние ќе ја извојуваме нашата слобода. Не подавајте им се на престапната агитација која можеби ќе ја поведат официјалните власти во Бугарија против вашата заедничка борба со турскиот народ и неговата интелигенција којашто се стреми кон слобода.

Драги сотатковници,

Ждрепката е веќе фрлена. Враќање назад нема, а и кој од вас би посакал да се врати повторно кон смрдливата атмосфера на неправдата и развратот на бившата тиранија? Да си дадеме сите збор дека ја претпочитаме смртта на светата слобода пред гнасниот харем на ропскиот живот.

Бодроста, самопожртвуваноста и постојаната подготвеност за борба - ете што треба да не воодушевува во овој голем момент.

Смрт на тиранијата - за да живее народот!

Да живее слободата!

Да живее солидарноста на народот!

Да живее големата народна борба!

Да живее народот!

Солун, 18 јули 1908 г.

САНДАНСКИ