Виновен затоа што е Македонец - разговор за Ѓорѓи Солунски

Од Wikibooks

Разговор за Ѓорѓи Солунски

Виновен затоа што е Македонец

Овој Македонец од Софија, кој есента 1989 година излезе на софиските улици да каже дека не е Бугарин, живее во истиот стан во кој некогаш живеел големиот македонски поет и револуционер Коле Неделковски и гледа низ истиот прозорец низ кој Неделковски скокајќи трагично го завршил животот

ВИКТОР ЦВЕТАНОСКИ (Постојан дописник на Нова Македонија во Софија, јануари 1997)

Веројатно Ѓорѓи Солунски многумина го подзаборавиле, зашто неговото име во последниве години го подзаборавиле. А тој е човекот што есента 1989 година, кога во Бугарија се уриваше диктатурата на Живков и се раѓаше демократијата излезе на улици за да каже дека и во бугарската држава постојат Македонци. Луѓето што биле сведоци на тие настани добро се сеќаваат. На првиот митинг на демократските сили одржан во Софија на 18 ноември 1989 година, Солунски со развиорено знаме на кое пишуваше Илинден, и со група Македонци учествуваше во простестите организирани против тоталитарниот режим на комунистите, поддржувајќи ги новите процеси.

Веруваше дека, конечно, со паѓањето од власт на комунистите ќе ги снема сите дотогашни партиски директиви за непостоењето на Македонците. Очекуваше дека со доаѓањето на демократијата ќе може да го каже она што го чувствува, да каже слободно дека е Македонец. Но грдо се излага, во Бугарија се се менуваше, но односот кон македонската нација остана ист - за нив таква националност не постои. Токму поради тоа што се чувствуваше Македонец и тоа што јавно кажуваше подоцна во годините што доаѓаа ќе плати многу висока цена.

Се наоѓаме во една мала тесна собичка 3,5 со 2,5 метри во потпокривот на една станбена зграда во центарот на Софија. Насекаде гледаме слики на најпознатите македонски револуционери, на Гоце, на Питу, на четите на Атанас Бабата, Пандо Кљашев, Димко Охриѓанчето... Солунски очигледно настојувал овој мал простор да го облагороди, да му внесе повеќе топлина. На ѕидовите обложени со ламперија висат шарени ќилимчиња, стари предмети за домаќинството - котлиња, тепсии и ѓумови, кочани со пченка и црвени низи со суви пиперки, а во едниот агол големо тркало на селска кола. На дрвените полици изнаредени повеќе книги. Од сите страни се чувствува душата на стара македонска куќа. Во тие десетина квадрати е сиот свет на Ѓорѓи Солунски.

СУДБИНАТА НА ЖИВОТОТ

Додека ја раскажува историјата на овој мал стан, човек во прв момент не може да поверува. Но очигледно судбината на животот сакала така да ги скрои нештата. Ѓорѓи Солунски живее во истата соба во која живеел познатиот македонски поет Коле Неделковски, гледа на оној ист прозорец од кој, на 2 септември 1941 година, големиот револуционер, опколен од бугарската полиција, решил сам да си го одземе животот.

На тој трагичен настан речиси ништо не потсетува. Минувачите по никаков белег не можат да забележат дека тука на плочникот храбро завршил животот на еден голем човек. Во два наврата биле поставувани спомен-плочи, но од двете не останало ништо, освен трагите на нивното насилно откорнување. Едната била поставена во годините веднаш по војната, кога во Бугарија се признавало постоењето на Македонците и македонската нација. На неа пишувало она што всушност треба да стои, дека тука загинал познатиот македонски поет и револуционер... Меѓутоа, подоцна кога БКП со декрет решила да не признава македонска нација, ја променила и поставила нова. Очигледно им пречел изразот македонски, па наместо тоа напишале само поет и револуционер, член на БКП. Најверојатно за некои овдешни заштитници на бугарштината не било доволно само да се избрише зборот македонски, па насила ја откорнале заедно со многу други плочи на познати Македонци убиени од врховистите на софиските улици.

Споменот на Коле Неделковски го чува Ѓорѓи Солунски. За него знае се во детали. Разговарал со сите негови соседи, со луѓето кои биле сведоци на смртоносниот скок од шестиот кат. Една учителка, која живеела под него и која повеќе не е меѓу живите секоја година на денот кога загинал пред зградата изнесувала негова слика за да се потсетат на годишнината од неговата смрт. Таа раскажувала дека кај него доаѓале Кочо Рацин, Антон Панов и други. Во повеќе наврати му раскажувала за денот кога Коле ја активирал бомбата пред да дојде бугарската полиција, за огромната дупка што таа ја направила и за книгите на македонскиот поет што паднале во нејзиниот стан. Коле најпрво низ прозорецот го исфрлил душекот, веројатно сакајќи да скокне на него и така да го ублажи падот. Но неговиот скок завршил трагично. Телефонските жици на улицата врз кои паднал го отфрлиле далеку од душекот, на тврдиот бетон. А тоа значело крај на неговиот живот.

СЕКОЈ ДЕН СЕ ПОГОРЧЛИВ

- Собава ја купив 1967 година. Не знаев дека во неа живеел Коле Неделковски. Разговарав со еден пријател и му се пожалив дека нема каде да живеам, а тој ме донесе тука. Го купив, а потоа дознав дека во него живеел овој голем Македонец. Ми стана многу драго и сега не би го дал за сето богатство на светот, иако како што можете да забележите, живеам во мошне тешки услови. Ако дојдам некогаш до пари, сам ќе ја обновам плочата. Не е убаво да стои без никаков белег местото каде што го завршил животот познатиот македонски револуционер и поет.

Ѓорѓи Солунски од историјата за смртта на Коле Неделковски се префрла на неговата тажна животна приказна. Од денот кога излегол на софиските улици, и кажал дека не е Бугарин, туку Македонец, па се до денес на најсуров начин од сите страни добивал удари. Во почетокот властите кон него имале толерантен однос, дури успеал да ја регистрира организацијата што ја формирал и ја крстил ТМО-ВМРО-независна - Илинден. Меѓутоа, по нецела година ја избришале од регистарот. Го викнале во полиција и му рекле да престане со неа да се занимава, дека во Бугарија е свршено со македонството, дека нема Македонци. Истовремено на негова адреса започнале да пристигнуваат анонимни закани на кои пишувало: Солунски, деновите ти се избројани, Солунски, одредот те осудува на смрт и друго. Овие закани испишани со букви исечени од весниците ги чува до ден-денес.

- Не сакав да уривам влади, не барав многу, сакав само да бидам она што се чувствувам, она што е право на секој човек. Не сакав да кажувам дека сум Бугарин, туку Македонец, додава тој, со голема тага во гласот.

Подоцна секој одминат ден му бил се погорчлив и потежок. Еднаш во една софиска кафеана разговарал со еден свој пријател за тоа дека сака да сними филм за Македонците. Го слушнале луѓето од соседната маса и штом излегол надвор почнале да го следат, потоа се нафрлиле врз него и започнале да го тепаат и да викаат: Ти требаше да умреш уште 1990 година. Овде нема Македонци, во Софија не може да се зборува за македонска нација.

ДЕМОКРАТИЈА, НО НЕ И ЗА МАКЕДОНЦИТЕ

- Ме удираа од сите страни, но и јас почнав да се бранам, а во сета таа турканица еден од нив падна на тротоарот и ја повреди главата. Не престануваа да ме тепаат и тогаш кога видов дека ќе ме сотрат, а нема кој да ми помогне, за да ги натерам да престанат да ме тепаат, го извадив револверот кој го носев со дозвола и во воздух истрелав неколку куршуми. Сите се разбегаа, но утредента за мене започнаа нови маки. Тој што ја повреди главата на тротоарот успеал да извади лекарско уверение дека е ранет од мојот револвер.

На властите тоа им требало. Како да очекувале да направи инцидент за да го земат под свое. Главниот обвинител Иван Татарчев побарал 20 години затвор. Се нашол осамен без никаква помош и пари за да плати адвокат да го брани од врховистите и државниот апарат. Во истражниот затвор останал цели 8 месеци. Во тие тешки денови, гледајќи каква неправда му се прави бугарскиот Хелсиншки комитет застанува на негова страна и ги плаќа сите трошоци на одбраната и судењето. Неговиот претседател, Красимир Кнев е убеден дека тајниот судски процес што бил одржан подоцна бил монтиран. Така Солунски ни крив ни должен е осуден на 2 години и 8 месеци затвор. Според обвинението тој формално е суден за тешко хулиганство, но сите знаат дека причината е друго. Бугарските весници не кријат дека причините се политички и за цело време го подгреваат тоа, занимавајќи се тенденциозно со случајот Солунски.

Солунски в затвор останува година и пол. По излегувањето се вработува на старото работно место, како чувар во една приватна фирма. Добива плата од околу 60 илјади лева (60 германски марки) и со нив успева некако да преживее, да плати струја, вода, да се прехрани. И покрај се, тој не го губи оптимизмот. Сонува за тоа во Софија да има некое катче каде што ќе се собираат Македонците, каде што ќе може да се негуваат македонските традиции, да се слуша македонска песна. Сака да ја посети Македонија, но не може. Бугарската полиција му го одзела пасошот и се уште не му го враќа.

Во Бугарија дојде демократијата, но не и за Македонците. Тие се присилени да плаќаат мошне висока цена затоа што кажуваат дека се Македонци. Живеат сиромашно, на дното од животот и со товарот на предавници на бугарската кауза.